Економија
АДОРА Инженеринг со награда и капитален проект прославува 10 години
Мотото на АДОРА Инженеринг е скромна добивка за компанијата и квалитет на становите на највисоко ниво, како и во сите наши резиденцијални станбено-деловни објекти
Мотото на АДОРА Инженеринг е скромна добивка за компанијата и квалитет на становите на највисоко ниво, како и во сите наши резиденцијални станбено-деловни објекти, рече сопственикот на компанијата Ванчо Чифлиганец на затворањето на Саемот за недвижности, на кој беше презентиран најновиот инвестициски зафат на компанијата, од кој само со купувањето на локациите со градежно земјиште, државата инкасираше 2,8 милиони евра. „Со најновиот проект за изградба на 700 елитни високо-квалитетни станови годинава во новите резиденцијални комплекси во центарот на Скопје и на петте локации државно земјиште, купени неодамна во Ново Лисиче, општина Аеродром во Скопје, сакаме сите купувачи да ги ставиме во рамноправна положба. Граѓаните преку владиниот проект ’Купи куќа, купи стан’, но и останатите, ќе можат во АДОРА Инженеринг-Скопје да си купат стан по цена од 900 евра, со вклучено ДДВ и клуч на рака. Целта на нашата компанија е во ова тешко, кризно време, граѓаните на Македонија да можат да станат сопственици на сигурен, цврст и топол дом, а можноста, што има и социјален аспект, што ја нуди АДОРА Инженеринг со исклучителните поволности и бенефиции со новите проекти, да ја паметат и идните поколенија и генерации, кои ќе ги уживаат благодетите на сопствен сигурен, квалитетен и среќен дом“, изјави Ванчо Чифлиганец, сопственик и генерален директор на „АДОРА Инженеринг“ Скопје. Својот најголем инвестициски проект компанијата го почнува годинава, кога го доби највисокотo гран при признание Инвеститор на годината, што за 2011 година и е доделено на Меѓународниот саем за недвижности REALEX 2012, како голема сатисфакција, поттик и обврска за уште поуспешна и поквалитетна работа во иднина. Наградата во 2012 година доаѓа во време кога АДОРА Инженеринг го слави 10-годишниот јубилеј.Изминатата деценија компанијата изгради повеќе од илјада елитни станови, двесте деловни простории, илјада и триста современи подземни паркинзи во дваесеттина резиденцијални станбено-деловни комплекси ширум Македонија, во Скопје, Охрид и Струмица. Заштитен знак на компанијата е препознатливата архитектура, модерниот дизајн и врвниот квалитет на градба по највисоките светски стандарди и современи трендови во градежништвото. „Годинава, кога по вторпат како и минатата година, сме прогласени за Инвеститор на годината, со амбициозен проект наскоро почнуваме со изградба на четиристотини станови во центарот на Скопје и повеќе од триста станови во Ново Лисиче, општина Аеродром. Одговорно најавувам дека ќе се натпреваруваме со сите конкуренти на пазарот на високата градба, како и со странските инвеститори, за да докажеме кој е подобар. Тврдам дека нашите станови ќе ги имаат карактеристиките на најновите стандарди за квалитет, врвна сигурност, асеизмичност, геомеханичка стабилност, енергетска ефикасност и зелени-еко градби. Цената на продажба за сите купувачи ќе биде популарна, од 900 евра за метар квадратен станбен простор, со вклучено ддв и клуч на рака, за веднаш вселиви станови, кои идната година ќе бидат предадени во употреба. Нашето мото е скромна добивка за компанијата и квалитет на становите на највисоко ниво, како и во сите наши резиденцијални станбено-деловни објекти. Сметам дека вака работиме за доброто на татковината и нејзиите граѓани“, дополни Чифлиганец./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.