Економија
Одржан Македонско-Турски бизнис форум
Обемот на трговска размена помеѓу Македонија и Турција може и мора значително да се зголеми, а реално е да се очекува тој во наредните две години да се искачи до една милијарда долари.
Обемот на трговска размена помеѓу Македонија и Турција може и мора значително да се зголеми, а реално е да се очекува тој во наредните две години да се искачи до една милијарда долари.Ова беше истакнато на Македонско – Турски бизнис форум што денеска го организираше Сојуз на стопански комори на Македонија со компании од различни стопански дејности од регионот на Измир.„Сигурни сме дека обемот на трговска размена помеѓу двете земји може и мора значително да се зголеми. Сметаме дека реална цел која можеме да ја поставиме пред нас е трговската размена во следните две години да достигне една милијарда долари. При тоа треба да се стремиме кон остварување на избалансиран однос на увозот и извозот“, изјави извршниот директор на ССК, Митко Алексов.Тој нагласи дека Турција мора да има третман на важен економски регионален партнер на Македонија и дека од економски аспект Турција треба да се смета како сосед на Македонија.„Овој бизнис форум е одлична можност за размена на контакти, споделување на искуства и знаења, како и за воспоставување на идни соработки помеѓу турските и македонските претпријатија. Тоа е од особена важност за економиите на двете држави, бидејќи со развојот на домашните пазари придонесуваме кон зајакнување, унапредување и натамошен развој на економската соработка и билатералните односи“, оцени Алексов. Вкупната надворешно – трговска размена на Македонија со Турција во 2011 година, достигна вредност од 417,22 милиони долари, при што е остварен извоз во вредност од 73,34 милиони, додека увозното салдо изнесува 343,88 милиони долари. Трговскиот дефицит во 2011 година изнесува 270,54 милиони долари.Позначајни производи што го сочинуваат извозот од Македонија во Турција се следните: текстилни материјали и ткаенини, мермер и огноотпорни тули, феросилициум, производи од железо и челик, феросилкоманган и прехрамбени производи.Доминантни производи кои ја сочинуваат увозната структура се текстилни предива, ткаенини и теписи, други моторни возила за превоз на лица и стока и друмски влекачи за полуприколки, прехранбени производи (вклучително зеленчук и овошје), готови текстилни производи, облека и обувки, електрична опрема и бела техника, градежни материјали, хемиски производи, пластични маси, лекови и козметика. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.