Економија
Францускиот премиер оптимист во врска со стратешки

Францускиот премиер Франсоа Фијон верува дека постои добра можност САД и Европа да се договорат за отпуштање на нафтата од стратешките резерви на пазарите, со цел да се спуштат нејзините цени на берзите.
Францускиот премиер Франсоа Фијон во четвртокот во интервјуто за државното радио France Inter, ги најавил плановите дека САД, Велика Британија и Франција би можеле да продадат дел од нивните стратешки резерви нафта за да го спречат натамошниот силен раст на цените на горивата.
Цените на горивата во Франција достигнаа рекордни нивоа, предизвикувајќи жестока расправа меѓу претседателските кандидат пред изборите. Во тој контекст и AFP ја коментира изјавата на премиерот Фијон.
Во средата повеќето француски министри од економските ресори открија за медиумите едека владата во Париз преговара со Вашингтон и Лондон за мерката да се пуштат дел од стратешките резерви нафта на пазарите, за да го сузбијат растот на цените на сировата нафта на светските пазари. Цената на барел Brent Blend сирова нафта на лондонската берза ICE (InterContinental Exchange Futures) од почетокот на годинава се зголеми за околу 15 отсто.
Францускиот министер за финансии, Франсоа Бароан, пак, во интервју за радиото Europe 1, дека има добра причина да верува дека ќе дојде до пуштање на нафтата од стратешките резерви. Тој чекор треба да го одобри и Меѓународната агенција за енергетика.
Уште самата најава дека западните земји размислуваат за пуштање на дел од стратешките резерви нафта на пазарите, во средата предизвика пад на цените на нафтата на лондонскиот пазар за 1,09, отсто на 124,16 долари за барел, додека на американскиот пазар цената се намали за 1,79 отсто и изнесуваше 105,41 долари за барел. Во четвртокот наутро цените на барел сирова нафта стагнираа.
Аналитичарите посочуваат дека низ историјата три месеца по секое пуштање на нафтата од стратешките резерви, малопродажните цени на бензините во просек паѓале за 9 отсто, а на сировата нафта за 12 проценти./крај/афп/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Булмак 2016“ уплати 58,2 милиони денари на државата и на општините Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица за концесија

Компанијата што ги управува рудниците „Злетово“ и „Тораница“, „Булмак 2016“ извести дека во првите девет месеци од 2025 година плати вкупно 58.231.096денари концесиски надоместоци. Од нив 22% одат во државниот буџет, односно 12.810.841 денари, а останатите 78% или 45.420.255 денари одат во буџетите на Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица.
„Нашата одговорност се гледа и во бројки и во доверба. Во првите девет месеци од 2025 година пресметавме 58.231.096 денари за концесиски надоместоци, од кои значаен дел се слеваат во четири локални буџети. Тоа се средства за улици, училишта, спорт и услуги што граѓаните ги користат секој ден. Ќе продолжиме со транспарентна комуникација, инвестиции во безбедност и модернизација на нашите рудници и со цврсто партнерство со заедниците во кои работиме,“ вели Тони Тоневски, директор на „Булмак 2016“.
Општина Пробиштип добива 21.694.615 денари, Крива Паланка – 21.817.460 денари, Кратово – 1.384.763 денари и Македонска Каменица – 523.417 денари.
Од „Булмак 2016“ велат дека остануваат посветени на навремено исполнување на сите законски обврски и на отворена комуникација со јавноста.
Економија
„Нестле“ ќе отпушти 16.000 работници

Прехранбениот гигант „Нестле“ денес објави дека ќе отпушти речиси 16.000 работници во следните две години за да ги намали трошоците.
Компанијата ќе отпушти приближно 12.000 административни работни места во сите оддели и региони во кои работи и уште четири илјади по спроведувањето мерки за подобрување на продуктивноста во производството и синџирите на снабдување.
„’Нестле’ мора да се промени побргу за да се приспособи на променливите глобални услови“, рече извршниот директор Филип Навратил додавајќи дека отпуштањето работници е тешка, но неопходна одлука.
Како дел од новиот план, менаџментот на „Нестле“ има намера да ги намали трошоците за три милијарди швајцарски франци (3,23 милијарди евра) до 2027 година. Досега тие планираа да ги намалат трошоците за 2,5 милијарди франци. Најголемата светска компанија за храна објави намалување на работните места во својот прелиминарен деловен извештај за првите девет месеци од оваа година.
Во периодот од јануари до септември приходите на „Нестле“ изнесуваа 65,9 милијарди франци (70,8 милијарди евра), што е намалување од 1,9 процент во однос на истиот период минатата година. Кога се исклучуваат флуктуациите на валутите и еднократните ставки, приходите се зголемија за 3,3 проценти.
За цела 2025 година, менаџментот на „Нестле“ очекува малку посилен органски раст од минатата година, без да прецизира бројки. Резултатите од минатата година покажаа стапка на раст од 2,2 процента, најниска за најмалку 25 години.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска во Вашингтон: Светската банка останува силен партнер во спроведувањето на реформите и забрзувањето на економскиот раст

Во рамки на Годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, регионалната директорка за Западен Балкан, Шиаокинг Ју, извршниот директор Јуџин Ругенаат и раководителката на Канцеларијата на Светската банка за Косово и Северна Македонија, Карол Межевав.
Разговорите беа насочени кон макроекономските и фискалните движења, напредокот во реализацијата на тековните проекти, како и можноста за нови финансиски инструменти од Светската банка за поддршка на буџетските и структурните реформи.
Главен фокус на средбата беа проектите кои во моментов се спроведуваат во Македонија и кои се насочени кон подобрување на инфраструктурата, енергетската ефикасност, дигитализацијата, управувањето со јавните финансии и развојот на човечкиот капитал.
„Владата останува посветена на фискалната дисциплина, структурните реформи и забрзувањето на економскиот раст преку инвестирање во јавната инфраструктура и човечкиот капитал“ истакна министерката.
Светската банка го поздрави напредокот на Македонија и го потврди своето партнерство во реализацијата на реформите и проектите од новата рамка на соработка.
Тоа го потврдува и најовиот редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, во кој се наведува дека се очекува растот на македонската економија да достигне 3,1% во 2025 година, што претставува подобрување во однос на претходните прогнози.
Банката нотира дека Македонија ја задржува фискалната стабилност, со буџетски дефицит под 3% и јавен долг на надолна траекторија, што создава простор за одржлив раст и поволна инвестициска клима.
На средбата се разговараше и за економските проекции и можностите за нивно дополнително подобрување преку засилување на јавните инвестиции, зголемување на продуктивноста и поддршка на извозно ориентираните компании. На средбата присуствуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.