Економија
Македонија од идниот месец во понудата на хрватскиот тур-оператор УНИЛАЈН

Делегација на Uniline, еден од најголемите хрватски тур-оператори, од понеделникот е во тридневна студиска посета на Македонија. Целта на посетата е поблиску да ги запознаат капацитетите и дестинацијата, којашто веќе од следниот месец ќе се најде на нивната туристичка понуда.
Делегацијата е предводена од главниот и извршен директор Борис Жгомба, кој воедно е претседател и на Здружението на хрватски туристички агенции (UHPA), а во нејзин состав се и петнаесет нејзини најдобри агенти, кои веќе работат на пласман и продажба на туристичка понуда на Македонија. Нивната намера е во наредниот период да го зголемат бројот на гостите од европските и подалечните пазари во Република Македонија.
Во рамките на нивната посета тие ќе остварат повеќе средби во Скопје и Охрид, со претставници на институции и бизнис претставници од туристичкиот сектор, а ќе го посетат и Саемот за туризам.
Посетата на УНИЛАЈН на Македонија ја најави за време на презентацијата на македонските туристички потенцијали која што се одржа во Загреб, на 4-ти овој месец, во организација на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, амбасадата во Хрватска и на Агенцијата за промоција и поддршка на Туризмот на Република Македонија. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Се работи на проекти во образованието вредни две милијарди денари

Во моментот имаме инвестициска активност од околу две милијарди денари за проекти во образованието, повеќе од 30 капитални инвестиции, седум комплетно нови училишни згради, дваесетина се реновираат, спортски сали во Струга и во Битола, отпочнуваме со спортските сали – Кисела Вода и Аеродром, во план е продолжување на проектот за реконструкција на универзитетите, односно зградите на факултетите ФИНКИ и ФФК, отпочнуваме со кампусот „Мајка Тереза“, изјави попладнево премиерот Христијан Мицкоски.
„Истовремено, ќе продолжи и инспекцискиот надзор на оние високообразовни институции, но и оние други образовни институции, што не ги исполнуваат стандардите. Ќе бидат опоменати. Доколку не преземат ништо во насока на исполнување на стандардите, ќе мора да бидат затворени“, рече премиерот.
Тој кажа дека децата треба да добијат европско знаење, а „тоа може да го даваат институции што ги почитуваат законите и што нудат таков тип на пренос на знаење“.
„Реформата во образованието е навистина опсежна. Оваа година, нешто што не е за фалење, учениците ги добија книгите на 1 септември. Исто ќе биде и во следната година. Ние пред 10 – 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска сме среќни ако секое дете има учебник. Но, за жал, имавме цунами седум години што и тоа не можеше да го направи онаа влада на СДСМ и ДУИ, па оваа влада мора буквално сите тие елементарни работи да ги прави“, додаде премиерот.
Економија
Перински во Студеничани: Инвестираме и во руралните средини – тие се еднакви по својата важност како и останатите

Во скопската општина Студеничани денеска започна реконструкцијата на 6,5 км долгиот локален пат Драчево – Мотел Китка, проект финансиран од првиот владин повик за финансиска поддршка на инфраструктурни општински проекти. На официјалниот почеток на градежните активности присуствуваа министерот за локална самоуправа, Златко Перински, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за транспорт, Александар Николоски, првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими и Калтрина Зеколи Шаќири, заменик министер за транспорт.
Градоначалникот Азем Садики, појасни дека станува збор за пат долг 6,42 км, кој се протега од селото Црвена Вода до мотел Китка, а проектот предвидува негова целосна реконструкција и обнова со неопходната инфраструктура.
„Многу сум среќен што Владата продолжува да ги помага општините, особено руралните. Овој пат е многу битен за нашата општина, затоа што не само што ќе придонесе за побрз, полесен и побезбеден транспорт за жителите во планинските села, туку ќе создаде услови за поттикнување и развој на туризмот и за инвестирање во скопската околина со оглед на близината и убавината на Китка“, истакна Садики.
Министерот Перински порача дека проектот е доказ за посветеноста на Владата да инвестира во подобрување на инфраструктурата во сите општини и региони.
„За оваа Влада не постојат заборавени општини, помагаме онаму каде што е најпотребно, а тоа се руралните средини со сите предизвици коишто ги имаат во дел на капиталните инвестиции. Радоста на мештаните којашто ја видовме денеска е доказ дека Владата трасира пат којшто се темели исклучиво на потребите на граѓаните и во таа насока ќе продолжиме за да го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани на цела територија на Македонија“, истакна Перински, кој како дел од теренските посети „Каде што срцето е дома“, претходно со неговиот заменик, Селими, одржаа работна средба со градоначалникот, членовите на општинскиот Совет и претставници на администрацијата на која разговараа за актуелните состојби во општината.
Поддршка на сите општини и во периодот што следи најави и премиерот Мицкоски, кој истакна дека Владата ќе продолжи да инвестира во проекти кои ќе значат поквалитетен, покомфорен и поубав живот, независно од политичката определба на градоначалниците.
„Немаме намера да заборавиме ниту едно место на целата територијата на Македонија, ќе инвестираме секаде. Тоа го правиме веќе девет месеци, покажуваме еден поинаков начин на функционирање на Влада. Ќе продолжиме така и во иднина, бидејќи граѓанинот, Македонецот, Албанецот, Турчинот, Србинот, Ромот, Бошњакот, Влавот и сите останати, се центарот на нашето внимание и сите ние заедно ќе работиме за нивно подобро утре“, порача премиерот Мицкоски.
„Евидентна е разликата од начинот на функционирање на оваа Влада“, оцени првиот вицепремиер и министер за животна средина, Меџити.
Министерот за транспорт, Николоски, информираше дека во моментов во село Студеничани привршува и реконструкција на локален пат долг 840 метри, а во тек е тендерска постапка за изградба на нов пат во Моране, проекти со кои дополнително се дава поддршка за подобрување на инфраструктурата во оваа општина.
Економија
Пратките ќе можете да си ги подигнувате сами од пакетомати – презентирана нова платформа

На промотивен настан денес беше презентиран нов начин за подигнување на пратките, што, како што беше посочено, ги надминува досегашните предизвици со доставата.
Се работи за воведување паметни автоматозирани пакетомати кои ќе бидат поставени на 120 локации низ државата, а пратката би можеле да си ја подигнете со кодот што би пристигнал на вашиот мобилен телефон.
Решението во земјата го воведува „Мај бокс“ (My Box). Основачот на компанијата, Далибор Ѓошевски, изјави дека идејата е резултат на детаљна анализа на потребите на корисниците и предизвиците во постојниот систем за достава.
„Нашата цел е да обезбедиме модерно, ефикасно и достапно решение што ќе стави крај на загубените пратки, на долгите чекања и на ограничувањата на временски рамки во доставата“, рече Ѓошевски.
Во рамките на настанот се одржа и панел-дискусија за иднината на е-трговијата и предизвиците на логистиката, за тоа како иновативните производи и услуги од овој тип ќе го подобрат искуството на корисниците и ќе го оптимизират процесот на достава.