Економија
Владата ќе субвенционира авио-летови со цел привлекување туристи
Владата следната недела ќе распише меѓународен тендер за привлекување на авикомпанија со ниски цени на летовите, за што ќе бидат доделени и субвенции, најави премиерот Никола Груевски.
Обврска на авиокомпанијата ќе биде да отвори шест нови линии.
„Во тендерот ќе се предвидат 40.000 евра да бидат дадени веднаш, за првите шест линии, а потоа за секоја наредна линија дополнителни 30.000 евра еднократно. Плус, за секој патник којшто ќе заминува ќе има дополнителна поддршка на таквата компанија од 9, 8, или 7 евра, така што ќе биде една сериозна поддршка од владата со цел зголемување на бројот на туристи. Паралелно со тоа, на македонските граѓани ќе им се отворат нови авиолинии и нови можности за патување на полесен начин, на побрз начин и на многу поевтин начин отколку што тоа го имаат во овој момент“, изјави премиерот Груевски, кој очекува новите линии да започнат со работа во ноември или декември.
Меѓу другото, Груевски најави и нов закон за автокампови, чија цел ќе биде подобрување на условите во летните кампови во земјата. Доколку се донесе според предвиденото во јуни или јули, тој ќе започне да важи од следната летна сезона.
„Ова ќе внесе нов квалитет. На некој начин тој што ќе сака да има камп, ќе мора да вложи малку повеќе, да го направи малку подостоинствено од тоа што е сега со цел да се привлечат повеќе туристи“, изјави премиерот Груевски. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

