Економија
Груевски во Пекинг ги презентираше можностите што Македонија ги нуди за бизнис
Владина делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, во понеделник во Пекинг имаше обраќање на бизнис форум за промоција на поволностите и инвестициските можности кои Македонија ги нуди за реализација на бизнис.
„Република Македонија е мала европска економија, но таа е во подем и спроведува брзи реформи, а и значително ја прошири својата меѓународна трговија и финансиска интеграција. Со следењето на амбициозна реформска агенда, нашата стратегија за развој почива на три главни столба: поголема изложеност на глобализацијата; создавање средина погодна за водење бизнис и значителни инвестиции во човечкиот капитал“, истакна премиерот Груевски.
Тој се осврна и на можностите и компаративните предности кои Македонија ги нуди на кинеските компании кои би реализирале бизнис во нашата земја.
„Битно е да се напомене дека имајќи предвид дека во многу европски земји постојат тарифни и нетарифни ограничувања и бариери за кинеските компании и производи, важно е да се истакне дека во Македонија не постојат никакви специјални бариери. Компаниите кои ќе се лоцираат кај нас со интенција да го покријат европскиот пазар, можат да го извезуваат своето производство кое го направиле во Република Македонија на европските пазари без никакви тарифни и нетарифни ограничувања“, рече Груевски.
Претседателот на Кинескиот совет за промоција на меѓународна трговија и соработка, Фанг Џи Феи, во своето обраќање пред присутните изрази задоволство од зголемувањето на македонско-кинеската економска соработка.
“Во интерес на напорите за засилување на бизнис врските помеѓу нашите две земји, кинеската влада дава голема поддршка и поткрепа на кинеските компании за реализација на можности за бизнис со македонските компании. Познати компании како што се Синохидро, Кинеската комуникациска и енергетска компанија, Хајер, и други кинески компании или веќе прават или се заинтересирани пред за правење бизнис во Македонија, и тоа во областите на инфраструктурата и транспортот, и имаат добар прогрес“ изјави во говорот Џи Феи.
Вицепремиерот Пешевски во својата презентација се осврна на макроекономските индикатори, и можноста за реализација на конкретни проекти од областа на енергетиката и туризмот.
Министерот Веле Самак во обраќањето ги акцентираше инфраструктурните проекти и даночните олеснувања и ослободувања. Директорот Висар Фида се осврна на поволностите кои се нудат во технолошко- индустриските развојни зони, уредувањето на градежното земјиште и обезбедувањето на приклучок до енергенси.
Претходно владината делегација предводена од премиерот Груевски оствари посебна средба со претставниците на Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија и соработка, при што беше потпишан Меморандум за соработка и поддршка помеѓу македонската Агенција за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот и Кинескиот совет. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

