Економија
Ставрески: Економските политики се анализираат со факти, а не преку гола реторика
Анализите за успешноста на економските политики се прават врз база на аргументи, факти и податоци, а не преку призмата на голата политичка реторика како што тоа најчесто го прават нашите политички опоненти од СДСМ.
Ова во понеделникот од собраниската говорница го порача министерот за финансии Зоран Ставрески за време на дебата, во која опозицијата бара негова интерпелација и одговорност.Изнесувајќи аргументи за своето работење, Ставрески направи споредба со растот на бруто домашниот производ, приливот на странски инвестиции и стапката на невработеност во негово време и во времето на владеењето на СДСМ.„Во изминатиот период остварени се историски највисоките стапки на раст на БДП од 6,1% во 2007 и 5% во 2008. По започнувањето на големата светска економска криза, повторно во две од три години остваривме позитивен раст на БДП (2,9% во 2010 и 3% во 2011). Во целина, во периодот 2007-2011 во кој во четири од петте години имаше и сеуште има голема светска економска криза, остварен е просечен раст на БДП од 3,2%. За споредба во периодите 1993-1998 и 2003-2006 во кои економската политика ја креираше СДСМ, просечниот раст на БДП е 1,2%“, порача Ставрески. Ставрески истакна дека петте години, во кои тој учествува во креирањето на економската политика, остварен е најголем раст на инвестициите.„Просечниот реален раст на бруто инвестициите во 2003–2006 година изнесува 2,8%, додека во 2007–2011 година 8,9%. Бруто инвестициите како процент од БДП во периодот 2003–2006 година изнесуваа 21%, а во периодот 2007–2011 година 25,7%,“, рече Ставрески.Во врска со невработеноста, која со години е најголеми проблем на македонските граѓани, Ставрески рече дека во септември 2006 година бројот на регистрирани невработени лица бил 358.831, а во март 2012 година изнесувал 276.715. „Во 2005 година, стапката на невработеност достигна рекордни 38,7%. На крајот од 2011 таа изнесуваше 31,8%. Ја намаливме стапката на невработеност во услови кога невработеноста расте во сите европски држави. Во овие времиња кога работниците во Европа ги губат работните места, во Македонија континуирано расте бројот на вработени лица“, изјави Ставрески, додавајќи дека владината политика креирала на 75.000 работни места.Ставрески ги оцени како неточни тврдењата на СДСМ дека јавноста била манипулирана со ветување за високи стапки на раст кога Европа и Светот се подготвувале за криза и потсети дека Владата уште на крајот на 2008 година излезе со прв пакет на атикризни мерки .„Секаде во светот проекциите за макроекономските индикатори подлежат на ревидирање. Многу често релевантните меѓународни институции како ММФ, СБ, ЕК итн ги менуваат проекциите“, рече Ставрески.На обвинувањата дека е креиран огромен буџет и дека државата се задолжува, Ставрески со одговор дека буџетот во 2012 како процент од БДП е помал од тој во 2005 година, како и дека историски највисока стапка на задолженост македонија имала на крајот од 2005 година, 38,4% од БДП, додека заклучно со март 2012 година државниот долг изнесува 26,8%. Негирајќи ги обвинувањата на опозицијата дека во него време не е направен ниту километар пат, Ставрески наброја цела листа на патишта кој се завршени во негово време.Ставрески детално се осврна и на акцијата „Детонатор“, додавајќи дека таа се уште не е завршена и дека е пример за неселективен пристап. Претходно, пратеникот од СДСМ Марјанчо Николов наведе 10 причини зошто министерот за финансии треба да ја напушти оваа функција: немањето кредибилитет, постојаното задолжување на државата, акцијата „Детонатор“, сиромаштијата, невработеноста, финансирањето на проектот „Скопје 2014“, недостигот на капиталните инфраструктурни и енергетски проекти, состојбата во Фондот за ПИОМ и за здравство и другите претпријатија во сопственост на државата, фискалната децентрализација и рамномерниот регионален развој и неуспешниот проект „Купи куќа, купи стан“. „Ова се причините зошто треба да си замине од фукцијата министер за финансии. Тоа е во интерес и на стопанството и на граѓаните и на државата. За сите овие шест години, колку што ги правите буџетите, сте потрошиле 14 милијарди евра пари на граѓаните, истакна Николов, додавајќи дека прашање е каде се потрошени и на што се потрошени.Николов потенцира дека во последните три години долгот на централната влада е зголемен за 700 милиони евра и оти со политиката што се води земање кредити и трошење за тековни трошоци само се уништува македонската економија и се задолжуваат идните генерации.Сиромаштијата, во последните четири години урива рекорди, а животниот стандард е на најниско ниво, рече Николов, обвинувајќи дека . невработеноста во изминатите години само на административен начин е намалена.Николов оцени дека владата нема направени ниту еден енергетски проект и дека се прават се повеќе трансфери за исплата на пензии.За проектот „Купи куќа, купи стан“, Николов оцени дека не се оправдани ниту парите дадени за реклами за проектот. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

