Економија
За Ставрески ребалансот е навремен и адекватен, опозицијата го обвини дека манипулира
Предложениот ребаланс на буџетот претставува навремена и адекватна реакција на владата со цел да се одговори на новите предизвици како последица од кризата во Европската унија.
Ова денеска го изјави министерот за финансии Зоран Ставрески во собраниската говорница за време на пленарната седница за ребалансот на Буџетот за 2012 година.Тој информираше дека на приходната страна е направено намалување за 7,218 (117 милиони евра) милијарди денари односно за 4,6 отсто, додека на расходната, пак, извршено е намалување за 7,531 милијарди денари (122,5 милиони евра), односно за 4,5 отсто.Министерот за финансии информираше дека една од причините за ребалансот се помалите буџетски приходи од планираното, иако тие се поголеми во споредба со истиот период ланиСтаврески наведе дека со ребалансот е проектиран раст на економијата од 2,5 отсто, што се должи на антиципираниот негативен раст во првиот квартал и постепено заздравување кое се очекува до крајот на годината.Притоа Ставрески не ја исклучи можноста проектираниот раст да биде подложен на притисок во зависност од состојбите во еврозоната.Инфлацијата ќе биде стабилна од 2,8 отсто, а во втора половина се очекува ублажување на растот на цената на нафтата, рече Ставрески „Очекуваните странски инвестиции и приливот на приватните трансфери ќе влијаат за стабилна состојба на тековна сметка, а се очекува стабилно да остане и нивото на девизните резерви“, додаде министерот.Наведувајќи дека се предвидува буџетскиот дефицит да биде задржан на 2,5 отсто, Ставрески истакна дека покривањето ќе се обезбеди од домашни и странски извори на финансирање. „Предложените измени во буџетот ќе дадат соодветен придонес за натамошно одржување на макроекономската и социјалната стабилност, како и за подобрување на ликвидноста на стопанството и остварување на предвидениот економски раст за 2012 година“, рече Ставрески. Тој изрази уверување дека со предложениот ребаланс капиталните инвестиции ќе се одржат на високо ниво, а ќе обезбеди навремена исплатата на платите, пензиите социјалната помош и земјоделските субвенции.Ставрески наведе дека кратењето на буџетските трошоци ќе биде спроведено во сите министерства без исклучок.Опозицијата не се согласува со констатацијата на министерот дека ребалансот е направен адекватно и навремено, обвинувајќи го дека свесно ја манипулира јавноста.„Вие свесно влеговте во манипулација со првичниот буџет. Кога сите прогнозира дека економијата во Македонија годинава ќе расте од 1,5 до 2 отсто, предложивте буџет со проектиран раст од 4,5 отсто“, изјави пратеникот од СДСМ, Игор Ивановски.„Во секоја нормална економија, во секоја дебата, овој ребаланс ќе беше искинат и фрлен, бидејќи основната претпоставка е грешна и целосно промашена. Кога претпоставката за раст на македонската економија ќе ја промашите, се друго паѓа во вода“, рече Ивановски.Истакнувајќи дека во првиот квартал е остварен негативен раст, Ивановски изјави дека доколку не се штелуваат бројките, негативните индикатори укажуваат дека и во вториот квартал ќе има негативен раст, со што државата ќе влезе во рецесија.Според Ивановски, неминовно по неколку месеци ќе се наметне потребата од нов ребаланс на буџетот и наведе податоци, според кој, падот на буџетските приходи е речиси двојно помал, од предложеното кратење на владата.Притоа Ивановски го обвини Ставрески дека со задолжувањата ја води државата кон грчкото сценарио.„Или радикално менувајте ја приказната или одете си. Државата веќе е влезена во своевидно грчко сценарио“, рече Ивановски.Дебатата за буџетот се очекува да продолжи во собранието и во следните денови. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

