Економија
Почна изградбата на индустриската зона „Кичево“
Со новата технолошко-индустриска развојна зона „Кичево“ чија изградба почна во среда во месноста Србјани се очекува поттикнување на локалниот економски развој, трансфер на технологии и вештини на работната сила, зголемување на конкурентноста на локалните компании и зголемен извоз од државата.
Премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на поставувањето камен-темелник рече дека токму технолошко-индустриските развојни зони се еден од сегментите кои во голема мера го помагаат процесот за презентација и привлекување странски инвеститори во државата.
„Досега вакви зони се изградени и веќе функционираат во околината на Скопје и Штип. Планирано е да се градат во Тетово, Ранковце, Струга, Прилеп, Гевгелија и тука во Кичево, а наскоро ќе се основаат и ТИРЗ во Струмица и Радовиш. Со тоа се покриваат многу деловни подрачја на нашата држава кои се во релативна близина на поголемите градови и најблиските аеродроми, пристаништа и патишта. Со изградбата на овие зони во голема мера ќе се зголемат и дисперзираат можностите кои како држава ги нудиме на странските инвеститори, а воедно ќе се зголемат можностите да се изградат фабрики во што е можно повеќе краеви на нашата земја“, рече премиерот Груевски.
Премиерот очекува со изградбата и опремувањето на оваа зона западна Македонија ќе добие простор кој ќе привлече голем број инвеститори, Кичево и околината ќе видат голема полза, ќе најдат вработувања голем број луѓе.
Вицепремиерот Владимир Пешевски очекува ефекти од изградбата на зоната во Кичево како од оние во Бунарџик.
„Во услови кога владее економска криза во Европа и каде што ние преземаме голем број чекори и мерки за подобрување на животниот стандард на македонските граѓани и за надминување на ефектите од кризата, отворањето на оваа зона е дел од тие напори“, рече Пешевски.
Министерот за економија Ваљон Сараќини,рече дека претстои сериозно дополнително интензивирање на активностите во насока на презентирање на потенцијалите на новата зона во Кичево.
ТИРЗ „Кичево“ ќе се гради во два опфати на вкупна површина од 29 хектари. Првиот опфат ќе се протега на површина од 13,5 хектари и ќе се протега во катастарската општина Србјани, а втората со површина од 16 хектари во општина Кичево. Првиот опфат ќе го сочинуваат девет парцели од кои седум се наменети за производствени и услужни дејности.
Предвидена е изградба на пат кој ќе овозможи приклучување на зоната кон регионалниот пат Кичево – Македонски Брод, а ќе се гради административен објект во кој ќе биде сместен терминалот на Царинската управа.
Според директорот на Дирекцијата за изградба на ТИРЗ Виктор Мизо, зоната во Кичево ќе биде изградена според стандардите како и останатите зони во Македонија од кои „Скопје 1“ и „Скопје 2“ се вброени меѓу 50-те најдобри зони на иднината по изборот на „ФТИ“ магазинот во конкуренција на вкупно 600 слободни економски зони.
„Кичево“ е петта од 11 ТИРЗ што ќе се градат во рамки на владината програма за економски развој и привлекување странски директни инвестиции./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

