Економија
Влада: Нови можности и нов квалитет во туристичката сфера
Владата ги усвои измените на законите за туристичка, и за угостителска дејност, со кои се внесуваат иновации во овие области се обезбедуваат нови можности и нов квалитет.
Ова во недела на прес конференција го соопшти владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, кој појасни дека измените се направени со цел зголемување на заштитата на правата на потрошувачите, подобра услуга, афирмација на традиционалната кујна, развој на руралниот туризам и повеќе вработувања во секторот туризам.
Владата одлучи да се прошири листата на угостителски објекти за исхрана со нов објект Национален ресторан-меана, за кој ќе биде издадена и посебна ознака.
За да добие ваква ознака, угостителскиот објект треба понудата на храна во листите за јадење да биде во обем од најмалку 70% домашни традиционални јадења, додека понудата на вино и други пијалоци треба да биде во обем од најмалку 80% домашни вина и други пијалоци. При надворешното и внатрешното уредување на угостителскиот објект, да се употребуваат мотиви од домашната традиционална култура, народни инструменти, носии, покуќнина-садови и сличноОблеката на персоналот треба да има апликации и мотиви од традицијата (везени кошули, или соодветни наметки со народни везови), а музиката која ќе се изведува во угостителскиот објект треба да биде изворна и чалгиска, со акустичен звук.
Второ, со Законот се утврдува постапката за задолжително ангажирање домашен туристички водич од страна на странски туроператор кој носи туристи во Република Македонија без посредство на домашен туроператор.
Имено, за странската туристичка агенција е предвидена обврска во рок од 24 часа, од часот на влегување во Република Македонија, да ангажира домашен туристички водич.
Угостителот каде се сместени овие туристи има обврска да и посочи на странската агенција за оваа обврска за ангажман на домашен туристички водич. Странскиот туроператор кој нема да постапи согласно оваа обврска предвидено е да плати глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра за правното лице, додека за одговорното лице за организираната група туристи на самото место ќе му биде изречена глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра.
„Со ова ќе се овозможи ангажман на нашите туристички работници и нов приход за нив, а ќе се зголеми и квалитетот на дејноста и понудата за странските туристи“, додава Ѓорѓиев.
Во насока на развој на руралниот туризам, за куќите, становите и собите за издавање на туристи, од страна на физичките лица во селските домаќинства во руралните средини, ќе се врши категоризација и ќе се издава посебна ознака.
За да се добие ознаката треба да се исполнат следниве критериуми:1)да се даваат услуги за издавање на соби и апартмани, чиј сопственик или носител на правото на користење е член на селското домаќинство, најмногу до 10 соби, односно 20 легла;2)при надворешното и внатрешното уредување на угостителскиот објект, да се употребуваат мотиви од традиционалната култура, народни инструменти, носии, покуќнина-садови и слично и3)топлите и ладни јадења, пијалоци и напитоци кои се послужуваат да бидат домашни и еколошки произведени, главно од сопствено производство, најмногу за 50 лица истовремено.
„Ова ќе овозможи поголема можност за аранжмани на странски гости, кои се заинтересирани за ваков туризам, а за чиј ангажман државата ќе преземе посебни мерки на промоција и зголемување на свесноста и атрактивноста за посета на овие места, како дел од туристичката понуда со што ќе се оствари нов приход за овие домаќинства“, појаснува владиниот портпарол.
Се воведуваат нови обврски кои значат средување на системот и заштита на потрошувачите и тоа:-за субјектот кој врши туристичка дејност има обврска да се пријави задолжително во регистарот на општината и кај ДПИ, и за тоа да го извести градоначалникот и Инспекторатот-за продажба на авио- билети туристичката агенција има обврска задолжително да има вработено лице со ИАТА сертификат и-за туристичката агенција се воведува обврска задолжително да ги истакне цените на туристичките аранжмани и поединечните услуги.
Доколку се случи ваков прекршок на само место ќе се изрече глоба во износ од 800 евра за правното лице, глоба во износ од 100 евра и на одговорното лице во правното лице и глоба во износ од 200 евра ќе му се изрече на самото место на трговец – поединец
Ќе се воведе подзаконски акт, со кој ќе се пропише постапката за легитимирање на малолетни лица во угостителски објект – кабаре и ноќен бар, од страна на угостителите. Ова ќе овозможи превенција од прекршување на законот и поголема заштита на малолетните лица.
„Со овие измени ќе се зголемат можностите, ќе се подобри квалитетот на туристичката понуда и нејзината разновидност, ќе се подобри системот и конкуренцијата и ќе се стимулира развојот на туризмот. Ќе бидат обезбедени и нови вработувања и можност за дополнителен приход на туристичките работници и капацитети“, рече Ѓорѓиев на деншната прес конференција. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

