Економија
Глобален инвестициски самит за Македонија 2012
Во хотел Метропол, Охрид од 18 до 21 октомври 2012 година ќе се одржи „Глобалниот Инвестициски Самит за Македонија 2012“ прв и единствен настан од ваков вид во земјата во организација на групацијата Македонија 2025.
Македонија 2025 е невладина организација формирана од македонската бизнис дијаспора, која е посветена на создавање на просперитетна бизнис клима во Македонија. Главната цел на овој настан е поставување на платформа за стимулирање на економската соработка меѓу македонските компании и бизнис професионалците од дијаспората. Поради големиот интерес за учество на Самитот рокот за регистрација е продолжен до 1-ви Октомври 2012.
Пред македонската бизнис елита и бизнис претставниците од дијаспората ќе се обрати Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а свое обраќање ќе има и Претседателот на Владата, Никола Груевски. Останати врвни претставници на владиниот економски тим кои ќе ги претстават економските перспективи на земјата и можностите за инвестирање се Владимир Пешевски – заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Веле Самак – Министер за странски инвестиции, како и претставници на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошки развојни зони.
Првпат во Македонија на присутните ќе им се обратат над 30 бизнис лидери , светски експерти од различни области, меѓу кои врвни луѓе на Nokia Siemens, Blackstone Group, Reiffeisen Bank, Credit Suisse и канадската Mobilicity кои ќе дискутираат на следните теми: Глобални економско-политички перспективи; Услови за водење бизнис во Македонија; Инвестициска клима во Македонија: искуства од постоечките странски директни инвестиции; Глобално конкурентни македонски производи и услуги: успешни модели на деловна соработка; Финансирање на инвестициите и извозот: од микро-финансирање до капитални финансиски инвестиции и Соработка со дијаспората во насока на создавање економски можности.
„Постојат два многу важни сегмента во економскиот развој. Еден е да се привлечат и да се задржат странските инвеститори, а вториот е да се изгради конкурентска атмосфера на иновации, во која претприемачите ќе бидат способни да напредуваат и да бидат успешни. Наша цел е да помогнеме на двата фронта„ изјави Џон И. Битов, член на одборот на директори на Македонија 2025 и еден од главните акционери во најголемата канадска еквити компанија „Обелиск“ во интервју за „Граѓански“ магазин.
Другите истакнати говорници и странски инвеститори во Македонија кои ќе учествуваат во својство на панелисти се претставниците на Van Hool – Белгија, Johnson Matthey – Обединето Кралство, Soravia Group – Австрија, SEAF – Холандија, Societe Generale Group – Франција, Deutsche Telekom Group -Германија, итн.
На огромно задоволство на органзиаторите, на присутните ќе им се обрати и Филип ван Хол, сопственик на Ван Хол – Белгија, кој ќе зборува за отвирањето на новата фабрика во Македонија. Ван Хол е најголемиот независен производител на автобуси и минибуси во Западна Европа. Според ван Хол, компаниите кои се фокусираат на иновација и работа според потребите на потрошувачите секогаш функционираат одлично. Тој ги познава многу добро пазарите, потребите на потрошувачите и остварливоста на новите проекти. Тој не го негува традиционалниот однос снабдувач – потрошувач, туку секогаш размислува за долготрајно партнерство. Иако најголемата страст му е бизнисот со автобуси, Филип не го губи фокусот на буџетите, како и контролата на трошоците. „Умешноста во правење на вистинска процена е да се има како техничко така и финансиско знаење“ – вели ван Хол. Во 2001 тој беше назначен за член на ABC Companies, американска компанија која е ексклузивен дистрибутер на возилата Ван Хол низ Северна Америка. Тие имаат многу развиена мрежа за продажба на резервни делови и одржување на возилата во САД и Канада.
Друг истакнат говорник во Охрид ќе биде и Хубертус ван дер Ваарт, коосновач и извршен директор на бордот на директори на инвестицискиот фонд SEAF. Тој во доцните 1990-ти години го основа SEAF фондот во Македонија со цел да го витализира приватниот сектор со нудење на капитал за проширување на малите претпријатија. Благодарение на неговото долгогодишно искуство како бизнис лидер, Ваарт ќе зборува за финансиските можности кои ги имаат компаниите во регионот и кои планираат да се прошират на светско ниво. Ќе ги изрази своите ставови во врска со економската состојба во регионот, последиците од многубројните турбуленции, како и предизвиците кои треба да се надминат.
Mеѓу бизнис претставниците од дијаспората има и такви кои веќе имаат развиени бизнис релации со Македонија и кои ќе го презентираат својот успешен бизнис модел на соработка. Емил Христов, сопственик на ЕМСА Солар и член на бордот на директори на Македонија 2025 ќе го пренесе своето искуство за инвестирањето во секторот за обновливи извори на енергија. Крис Павловски, основач на Cosmic Development, ќе зборува за можностите за инвестирање во ИТ секторот во Македонија. На присутните ќе им се обрати и Вера Ставроф, претседател и извршен директор на HerbalScience и AlkaloidUSA, ко-осоновач на Green Beauty и член на бордот на директори на Македонија 2025, која ќе зборува за можности за пласман на македонски производи на пазарот во САД.
Уште една истакната личност, претставник на македонската дијаспора, која ќе се обрати на годинешниот самит е професор Славица Веит. Профите Славица Веит е извршен директор на PEC International, енергетска консултантска компанија која специјализира во нафтената индустрија и се концентрира претежно на големи инвестициски проекти. Проф. Веит е од исклучително значење за нашата земја, затоа што уште од првите денови од осамостојувањето на Македонија е активен лобист во Обединетото Кралство и Европа. Нејзините достигнувања во промоцијата на нашата држава се признаени со доделувањето на високата државна награда „Св. Климент Охридски“. На Глобалниот Инвестициски Самит ќе зборува за нејзините претходни активности и искуства во мобилизирањето на Дијаспората за работа на економскиот развој на Македонија преку бизнис лобирање. Ќе ја претстави и својата визија за идни активности кои можат да се преземат во нашиот регион, а се однесуваат на поврзување и координирање на бизнис дијаспората.
На Самитот го потврдија своето присуство и странски компании од САД, Канада, Австралија како и повеќе земји од ЕУ кои се заинтересирани за соработка со македонските компании во следните области: Агробизнис, преработка на храна и вино; Финансиски и инвестициски услуги; Информатичко – компјутерски технологии; Производство и индустриски гранки; Недвижности, градежништво и туризам; Инфраструктура, енергетски и природни ресурси. Голем интерес покажаа и македонските компании од сите профили и сектори, мали и средни претпријатија и претпријатија кои котираат како најголеми и најуспешни македонски компании.
Своја поддршка на Глобалниот инвестициски самит за Македонија дадоа и следните институции: Министерството за Економија, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Агенцијата за Иселеништво, Американска стопанска комора – АМ ЧАМ, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори и Стопанската комора на северо-западна Македонија.
Само компаниите кои ќе го регистрираат своето учество најдоцна до 1-ви октомври, со доставување на својот профил и лого, ќе бидат вклучени во официјалниот каталог на учесници кој ќе биде доставен до сите странски и домашни учесници./крај/со/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

