Економија
Ставрески: Има пари во буџетот за отплата на сите обврски
Има пари за зголемување на пензиите и социјалната помош, како и за отплата на обврските кон стопанството, вели министерот за финансии Зоран Ставрески, по објавениот пакет мерки од премиерот Никола Груевски на неделната средба со стопанствениците.
„Ветувањето е направено врз основа на опсежни, сериозни, внимателни пресметки и подготовки пред да дојдеме во таа фаза да бидат искажани. Направивме анализи, ги контактиравме меѓународните финансиски институции, разговаравме на начинот на кој ќе се обезбедат средства за реализација на целокупното финансирање на буџетот за следната година во кој ќе спаѓаат сите овие работи и крупните инфраструктурни проекти. Ја конципиравме основата на фискалната политика и буџетот за следната година. Откако го направивме тоа и бевме сигурни дека имаме одржлив начин на финансирање на буџетот, дека и со тие ветувања ќе останеме во рамки на фискалната дисциплина која е карактеристична на нашата Влада и нашата земја, го дадовме тоа ветување. Во буџетот направени се прецизни пресметки и ќе бидат ставени точни износи за сите овие потреби и за сите работи што беа навестени вчера од премиерот“, рече министерот Ставрески.
Потенцира дека со средствата што ќе се добијат од комерцијалните банки со гаранција од Светската банка ќе биде финансиран целокупниот буџетски дефицит, односно дека ќе се финансираат сите инфраструктурни проекти, крупните капитални проекти, отплатата на долгот, зголемувањето на пензиите и слично.
„Тие пари што ќе ги добиеме, кои во оваа фаза приближно се 200 до 250 милиони евра, ќе бидат наменети за сите потреби на буџетот“, рече Ставрески и додаде дека средствата ќе се добијат во јануари 2013 година и оти се наменети за финансирање на буџетот во 2013 година и зависно од околностите дел може да остане за 2014 година.
„Финансиските средства што треба да ги обезбедиме и се со повластена каматна стапка од 4,5 проценти наспроти реалната пазарна камата што Македонија би ја платила од 8- 9 проценти ќе бидат наменети за финансирање на буџетот во 2013 и зависно од околностите можеби еден дел ќе остане и за 2014 година. Во 2013 година со тие средства ќе ја отплатиме и обврзницата што доспева во јануари 2013 година, ќе плаќаме за инфраструктурните проекти, за долгови кон стопанството, зголемување на пензии, субвенции и слично. Целокупниот пакет е направен така што кредитот што ќе го земеме е дел од вкупниот пакет за финансирање на буџетот за следната година и зависно од тоа како ќе течат и редовните приходи може да ги заштедиме и да останат за 2014 година како што сега имаме заштеда од претходните средства што ги земавме од Дојче банк и слично“, изјави Ставрески.
Посочи дека за годинава не се планира ниту ребаланс на буџетот, ниту одлука и смета дека предлогот на опозицијата за ребаланс не е добар, бидејќи тоа би значело дополнително продлабочување на проблемите за економијата. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
Дурмиши на средба со Тигањ: Извозот на Македонија кон Хрватска во последните години значително зголемен
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Нивес Тигањ, на која беа разгледани состојбите и перспективите за унапредување на билатералната економска соработка меѓу двете пријателски земји.
На средбата беше констатирано дека одличните политички односи и традиционално добрите билатерални врски создаваат силна основа за натамошно интензивирање на економската и бизнис соработката, особено во контекст на европската интеграција и регионалната поврзаност.
Дурмиши ја истакна позитивната динамика во надворешно-трговската размена, при што вкупната трговија меѓу двете земји бележи континуиран раст, а извозот на Република Северна Македонија кон Хрватска во последните години значително се зголемува. Двајцата соговорници се согласија дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на соработката во клучни сектори како што се прехранбената индустрија, енергетиката, фармацијата, градежништвото, индустриското производство и туризмот.
Економија
Димовски-Рајс: разговарано за можностите за нови потенцијални инвестиции
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари успешна средба со Мисти Рајс, извршен директор за владини работи на Магна Интернационал, компанија која во државата веќе има две фабрики во рамки на ТИРЗ Струга и ТИРЗ Штип. На средбата се разговараше за тековните активности на компанијата на глобално ниво, напредокот во Македонија, како и можностите за нови потенцијални инвестиции, се истакнува во соопштението.
Димовски ја истакна улогата на Дирекцијата за ТИРЗ и Владата во создавањето стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина за странските инвеститори, потенцирајќи дека континуираниот дијалог со постојните компании е клучен за долгорочен раст и проширување на инвестициите. Тој нагласи дека институционалната поддршка и координацијата со останатите државни органи претставуваат основа за одржување на довербата кај странските инвеститори. Потенцирајќи ги фабриките на Магна кои работат во рамки на зоните како едни од позначајните капацитети, тој посочи дека главната цел е обезбедување услови во кои постојните инвеститори ќе можат успешно да се развиваат, да ја унапредуваат својата продуктивност и да креираат додадена вредност за националната економија.
Мисти Рајс изрази задоволство од досегашната соработка со институциите и од оперативните резултати на компанијата во земјата, нагласувајќи дека Магна Интернационал внимателно ги следи можностите за понатамошно проширување на своите активности, во согласност со глобалните стратешки приоритети на компанијата.

