Економија
Се формира слободна индустриска зона во Струмица
Владата насочена кон привлекување странски инвестиции и обезбедување услови за нивна реализација, донесе одлука да се формира нова Технолошко- индустриска зона во Струмица, лоцирана во КО Свидовица, на површина од 24.800 метри квадратни.
„Зоната ќе биде опремена со енергетски, телекомуникациски, водоводни системи, и во неа ќе биде лоцирана и управна зграда и царински терминал. Таа ќе биде од големо значење за локалниот економски развој на Струмица. Во идниот период ќе се започне со постапките кои во почетокот на идната година треба да резултираат со почеток на градежни работи за изградба на зоната“, најави во среда портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Согласно акцискиот план, Владата активно спроведува постапки за отворање и ТИР зони во другите градови во Македонија, како во Кичево, каде активно се гради, потоа во Тетово за која во петок на 28-ми септември ќе се отворатна понуди за управување на оваа зона од страна на приватен инвеститор по пат на јавно приватно партнерство.
ТИРЗ Прилеп е основана, а другата седмица ќе биде објавен оглас за избор на економски оператор за изградба на дел од основна инфраструктура за зоната, додека за ТИРЗ Гевгелија во октомври 2012 година ќе биде објавен оглас за изградба на дел од основна внатрешна инфраструктура.
За ТИРЗ Ранковце наредниве денови се очекува потпишување договор за проектирање, а во текот на декември 2012 година се очекува објавување постапка за изградба на зоната.
За ТИРЗ Струга, пред една седмица заврши постапката за проектирање на зоната, а во моментов во тек е постапка за основање на зоната, по што ќе следува постапка за изградба на зоната.
Во завршна фаза е и ТИРЗ Радовиш, а по завршување на оваа фаза и завршување на експропријација на земјиштето ќе следи основање на зоната.
„Отворањето на овие зони претставува доказ за јасната посветеност на Владата за инвестиции во целата држава, и тоа ќе значи нов квалитет во економскиот живот на овие региони, и е во функција на овозможување на услови за рамномерен економски развој“, рече Ѓорѓиев.
Со слободните економски зони потенцијалните инвеститори од странство со одлуките да инвестираат во зоните во овие градови ќе вработуваат лица од овие региони, и тоа ќе значи и можност за соработка со локални компании на различни нивоа и во различни области и со тоа ќе се поддржи и стимулира и бизнисот во овие средини./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

