Економија
Инвестиции од преку милијарда евра со оттуѓување на градежно земјиште
За следниот период министерот за транспрт и врски Миле Јанакиески најави интензивно распишување на повеќе објави за електронско јавно наддавање за оттуѓување градежно неизградено земјиште во неколку општини во Македонија.
„Станува збор за триесетина локации кои согласно деталните урбанистички планови се наменети за изградба на хотелски комплекси, индустриски објекти, винарии, откупни центри и комерцијално-деловни згради“, рече Јанкиески.
На новинарско прашање зошто на дел од продадените земјишта сé уште не е почнато со изградба на објектите, Јанакиески рече дека најголем дел од локациите се продадени во 2011 година, а рокот за добивање дозвола за градење кој зависи од типот на градбата, трае помеѓу 9 и 12 месеци, така што голем број од тие продадени локации се во фаза на добивање градежни дозволи или во фаза на прибирање средства за почнување со градба.
„Генерално сум задоволен, но треба многу активно да го следиме процесот на изградба на овие објекти, доколку не ги почитуваат роковите одиме со казни, дали е тоа банкарска гаранција или, пак, со раскинување на договорот“, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Министерството за транпсорт и врски направило анализа со која се покажа дека се реализирани голем број постапки за оттуѓување на неизградено градежно земјиште сопственост на Република Македонија, од што се овозможени инвестиции во износ од повеќе од милијарда евра
На овој начин овозможена е изградба на објекти во скопската општина Центар, потоа висококатниците во Општина Аеродром, трговски центар во истата општина, како и повеќе станбени згради на тоа подрачје, хотел, но и уште многу други.
Поточно, со досегашните инвестиции, на градежното оттуѓено земјиште, изградени се или се во фаза на градба објекти во вредност од 1.037.523.120 евра.
„Дел од овие инвестиции се веќе реализирани, односно изградени и нивната вредност е во износ од 91.250.000 евра, дел се во фаза на изградба со вкупна вредност од 539.929.000 евра, а дел од овие инвестиции е предвидено да бидат реализирани во следниот период и за овие вредноста е проценета на 406.344.120 евра“, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Од 2007 година наваму, по спроведените јавни наддавања, склучени се 955 договори со инвеститори, а според анализираниот моментален статус на реализацијата на предвидените објекти, констатирано е дека веќе се изградени вкупно 142 објекти, односно 14,86 отсто од вкупниот број оттуѓени градежни парцели по пат на јавно наддавање.
Дополнително, 291 објект се во тек на изградба, што претставува 30,47 отсто. За 480 објекти, односно 50,26 отсто за кои се во тек и роковите не е почната градбата и истите или се во фаза на подготовка, или во фаза на почнување односно добивање одобрение за градење, а за 42 локации, односно 4,39 отсто раскинати се договорите заради непочитување на дадените рокови, односно услови согасно законските одредби и објавените јавни објави.
Тој потсети дека за стимулирање на понатамошниот развој на општините, Владата овозможи 80 отсто од средствата за оттуѓувањето, односно закупот на државното неизградено градежно земјиште да се слеваат во буџетот на самата општина во зависност од местоположбата во која се наоѓа предметното градежно земјиште.
Од јули минатата година е овозможено општините самостојно да го вршат управувањето со градежното земјиште кое е во сопственост на Република Македонија, а досега вкупно 39 општини се здобија со правото да оттуѓуваат и даваат под закуп неизградено градежно земјиште./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.
Економија
Божиновска: Соларната енергија е еден од клучните столбови на македонската енергетска транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се обрати на настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, организиран од Агенцијата за иновации и научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, по повод 26 јануари – Меѓународниот ден на чистата енергија.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека одбележувањето на Меѓународниот ден на чистата енергија претставува силен потсетник за заедничката одговорност, но и за стратешката можност што ја има државата во процесот на енергетската транзиција кон одржлив, сигурен и модерен енергетски систем.
„Соларната енергија денес е еден од најважните столбови на националната енергетска транзиција. Македонија има сериозен сончев потенцијал и наша јасна стратешка определба е тој потенцијал да го искористиме максимално – преку стабилна регулаторна рамка, поддршка на инвестициите и активна улога на државата“, нагласи Божиновска.
Таа посочи дека изминатата година е забележан значителен раст на фотоволтаичните капацитети, како резултат на зголемениот интерес и од инвеститорите и од граѓаните, што ја потврдува довербата во соларната енергија како исплатливо и одржливо решение. Министерката нагласи дека Министерството не е само регулатор, туку активен двигател на процесите, со фокус на државни инвестиции во соларни капацитети, системи за складирање на енергија и стратешко планирање на декарбонизацијата.
Во обраќањето беше истакната и важноста на партнерството со приватниот сектор, академската заедница и граѓаните, како неопходен предуслов за успешна и праведна енергетска транзиција.
„Енергетската транзиција не е проект на една институција. Таа е заеднички процес кој бара соработка, знаење и визија. Само така можеме да изградиме модерен, сигурен и одржлив енергетски систем кој ќе обезбеди подобар квалитет на живот и почиста животна средина“, порача Божиновска.
Настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, кој се одржа во Europe House, вклучи едукативна сесија и панел-дискусија за можностите и предизвиците на соларната енергија во Македонија, со учество на претставници од институции, академската заедница и компании од енергетскиот сектор.
Економија
Потпишан Протокол за правила за потекло со Обединетото Кралство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон, денеска го потпишаа Протоколот за правила за потекло, кој претставува интегрален дел од Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Протоколот за правила за потекло овозможува практична и правна примена на проширената кумулација со материјали со потекло од Европската унија, земјите на ЕФТА, како и од другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, со кои двете држави применуваат преференцијална трговија.
„Проширената кумулација на потекло на стоките директно ќе придонесе за унапредување на можностите на македонските извозници за користење преференцијален третман при утврдување на потеклото на стоката во трговијата со Обединетото Кралство. Ова е особено значајно за секторите со сложени производни ланци и висок удел на материјали од Европската унија и другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, како и во контекст на усогласувањето со новите трговски односи на Обединетото Кралство по излегувањето од Европската унија.
Со потпишувањето на овој Протокол се создаваат услови за зголемен извоз, отворање нови работни места, зајакнување на економијата и поголема економска сигурност за граѓаните, преку подобро позиционирање на македонската економија на еден од најзначајните европски пазари“, соопштија од Министерството.

