Економија
Македонија најмалку задолжена од земјите во регионот
Со долг од 32,7 отсто од бруто домашниот производ (БДП) Македонија е најмалку задолжена од државите во регионот, во кој според задолженоста предничат Хрватска и Србија.
Србија, има најголем долг во висина од 51,1 отсто од БДП-то, па следува Црна Гора со задолжувања од 48,1 проценти од БДП, а потроа се членките на Европската унија Словенија и Хрватска, со 47,4 отсто, односно 43,9, отсто, а пред Македонија со најмала задолженост од 32,7 отсто е Босна и Херцеговина со 34 проценти од бруто домашниот производ.
Во апсолутно бројки, пак, македонскиот долг е во износ од 2,2 милијарди евра е повторно претпоследно, пред Црна Гора којашто во пари е задолжена 1,64 милијарди евра. Најзадолжена земја во регионот е Хрватска со 27 милијарди евра, а следи Словенија со 16,8 милијарди, Србија со 14,6 и БиХ со 6,3 милијарди јавен долг, покажува истражувањето на турската агенција Anadolu објавено 27-ми септември.
Јавниот долг на Турција, според ова истражување, минатата година изнесувал 39,8 отсто од БДП-то. Меѓутоа се нагласува дека во последните десет години кредитните задолжувања на Анкара се намалени од 23,5 на 1,17 милијарди долари.
Во Европа, повеќето земји членки на еврозоната имаат значително поголем јавен долг отколку што е дозволено со критериумите на Европската унија. Така, најголем е јавниот долг на Грција кој изнесува 144,9 отсто од БДП, а следат Италија со 118,4, Белгија со 96,2 отсто, Ирска со 94,9 отсто, додека најголемата економија во Европа – Германија има јавен долг од 80 отсто од вредноста на нејзиниот БДП.
Меѓу најразвиените земји во светот, Јапонија има извонредно висок јавен долг кој изнесува околу 235 отсто од БДП-то, но долгот на земјата во најголем дел е внатрешен. Огромен јавен долг има и САД во износ од вкупно 12 билиони долари, односно над 1.200 милијарди долари. Јавниот долг на САД надминува 75 отсто на БДП-то на земјата, така што секој Американец во просек е задолжен со повеќе од 40 илјади долари.
Проблемот на високиот јавен долг досега најмалку влијаеше на државите со растечки економии кои имаат трговски суфицит. Така, Кина и Русија коишто долгорочно трупаат огромни надворешнотрговски вишоци и имаа голем девизни резерви, речиси и да немаат проблеми со јавните долгови. Според последните податоци, Русија има јавен долг од 13 отсто од БДП-то, а секој жител на оваа земја е задолжен просечно со малку повеќе од 1.250 долари. Јавниот долг на Кина, пак, изнесува 19 отсто од нејзиниот БДП./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.
Економија
Божиновска: Соларната енергија е еден од клучните столбови на македонската енергетска транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се обрати на настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, организиран од Агенцијата за иновации и научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, по повод 26 јануари – Меѓународниот ден на чистата енергија.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека одбележувањето на Меѓународниот ден на чистата енергија претставува силен потсетник за заедничката одговорност, но и за стратешката можност што ја има државата во процесот на енергетската транзиција кон одржлив, сигурен и модерен енергетски систем.
„Соларната енергија денес е еден од најважните столбови на националната енергетска транзиција. Македонија има сериозен сончев потенцијал и наша јасна стратешка определба е тој потенцијал да го искористиме максимално – преку стабилна регулаторна рамка, поддршка на инвестициите и активна улога на државата“, нагласи Божиновска.
Таа посочи дека изминатата година е забележан значителен раст на фотоволтаичните капацитети, како резултат на зголемениот интерес и од инвеститорите и од граѓаните, што ја потврдува довербата во соларната енергија како исплатливо и одржливо решение. Министерката нагласи дека Министерството не е само регулатор, туку активен двигател на процесите, со фокус на државни инвестиции во соларни капацитети, системи за складирање на енергија и стратешко планирање на декарбонизацијата.
Во обраќањето беше истакната и важноста на партнерството со приватниот сектор, академската заедница и граѓаните, како неопходен предуслов за успешна и праведна енергетска транзиција.
„Енергетската транзиција не е проект на една институција. Таа е заеднички процес кој бара соработка, знаење и визија. Само така можеме да изградиме модерен, сигурен и одржлив енергетски систем кој ќе обезбеди подобар квалитет на живот и почиста животна средина“, порача Божиновска.
Настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, кој се одржа во Europe House, вклучи едукативна сесија и панел-дискусија за можностите и предизвиците на соларната енергија во Македонија, со учество на претставници од институции, академската заедница и компании од енергетскиот сектор.
Економија
Потпишан Протокол за правила за потекло со Обединетото Кралство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон, денеска го потпишаа Протоколот за правила за потекло, кој претставува интегрален дел од Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Протоколот за правила за потекло овозможува практична и правна примена на проширената кумулација со материјали со потекло од Европската унија, земјите на ЕФТА, како и од другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, со кои двете држави применуваат преференцијална трговија.
„Проширената кумулација на потекло на стоките директно ќе придонесе за унапредување на можностите на македонските извозници за користење преференцијален третман при утврдување на потеклото на стоката во трговијата со Обединетото Кралство. Ова е особено значајно за секторите со сложени производни ланци и висок удел на материјали од Европската унија и другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, како и во контекст на усогласувањето со новите трговски односи на Обединетото Кралство по излегувањето од Европската унија.
Со потпишувањето на овој Протокол се создаваат услови за зголемен извоз, отворање нови работни места, зајакнување на економијата и поголема економска сигурност за граѓаните, преку подобро позиционирање на македонската економија на еден од најзначајните европски пазари“, соопштија од Министерството.

