Економија
Македонија и Естонија сакаат да ја зајакнат економската соработка
Подобрувањето на економските односи помеѓу Македонија и Естонија, зголемувањето на трговската размена и преземање на взаемни активности за поттикнување на соработка на полето на инвестициите, туризмот и културата.
Ова биле главните теми од средбата на македонскиот вицепремиер задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и естонскиот министер за економски прашања и комуникации, Јухан Партс, што во вторникот се одржа во Скопје.Како што информираше владината прес служба, за време на средбата се разговарало и за актуелните економски случувања во Европа, како и за предизвиците со кои се соочуваат економиите на двете држави. Од страна на вицепремиерот Пешевски беа потенцирани заложбите на македонската влада кои се преземаат во насока на подобрување на деловното опкружување и конкурентноста на македонските претпријатија и воедно беа претставени поволните услови за инвестирање и инвестициски можности во Македонија, стои во соопштението. Притоа, Пешевски истакна дека посакува во најскоро време да ја види првата странска директна инвестиција од Република Естонија во Република Македонија. Гостинот од Естонија, Партс истакнал дека членовите на неговата делегација препознале низа можности и поволности за инвестирање во Македонија, прецизирајќи дека еден од најатрактивните сектори за естонскиот пазар е македонскиот текстилен сектор.Во рамки на посетата на владината и бизнис делегацијата на Република Естонија вчера беше одржан Македонско – Естонски бизнис форум, во присуство на претставници на компании од двете држави, при што беше заклучено дека енергетиката, ИТ секторот, земјоделството и туризмот се области во кои е можно продлабочување на соработката меѓу Македонија и Естонија. Бесцаринската трговија со индустриски производи, како и договорот за одбегнување на двојното оданочување помеѓу двете држави претставува поттик за продлабочување на соработката помеѓу компаниите од двете држави. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

