Економија
Сараќини во Загреб на Регионалниот самит „Претприемништво-образование“
Министерот за економија Ваљон Сараќини и министерот за образование и наука Панче Кралев во вторникот се во работна посета на хрватската престолнина Загреб, каде учествуваат на Регионалниот самит „Претприемништво -образование“.
На самитот во организација на Министерството за претприемништво и занаетчиство и Министерството за образование, наука и спорт на Република Хрватска, Европската комисија и Центарот за претприемничко учење на Југоисточна Европа, присуствуваат министри од осум претпристапни земји и од Турција, кои дискутираа за значењето, потребата и начините за унапредување на претприемништвото и претприемничкото учење, кoj e eден од принципите на Актот за мали претпријатија, како моќен фактор за раст и за обезбедување на нови вработувања. Во рамки на Самитот министерот за образование и наука Панче Кралев ја потпиша „Повелбата за претприемничко учење – камен темелник за раст и работни места“.
„Република Македонија, уште од април 2000 година, со потпишувањето на Мариборската декларација и со пристапувањето кон Повелбата за мали претпријатија на самитот во Солун 2003 година, ги прифати принципите на Повелбата, како фундамент за идни мерки и активности за поддршка на развојот на секторот на мали и средни претпријатија“, истакна министерот Сараќини, додавајќи дека Македонија искажа интерес да учествува во процесот на следење и известување за имплементацијата на Повелбата, како и за обединување на своите напори со оние на земјите од Југоисточна Европа за промовирање и унапредување на деловното опкружување, со цел обезбедување поквалитетна целокупна слика за регионот.
Малите и средните претпријатија се клучни за економскиот развој на Република Македонија, со учество над 99 отсто во вкупниот број претпријатија, со што се докажуваат како важни креатори на општествениот производ во целина, незанемарувајќи го и фактот дека 78 проценти од вработените се ангажирани во секторот на мали и средни претпријатија.
„Со усвојувањето на Повелбата, односно Актот за мали бизниси од 2008 година, Република Македонија се обврза кон постојан прогрес во сите области кои ја сочинуваат Повелбата. Самиот процес, претпоставуваше целосна координираност со останатите министерства и институции, чиј делокруг на активности е во релација со Повелбата, при што Република Македонија беше апсолутно ориентирана кон инкорпорирање на мерките и активностите од Повелбата во своите програмски документи и политики“, рече министерот Сараќини.
Потврда на реализираниот прогрес, како што спомена Сараќини, е делот од заклучокот од Извештајот на ЕК за 2012 година за напредокот на Македонија, во делот Економски критериуми, во кој се истакнува: „Република Македонија продолжува добро да напредува. Во некои области има постигнато понатамошен прогрес кон постигнување функционална пазарна економија. Земјата треба да е веќе способна да се справи со конкурентските притисоци и пазарните сили во рамки на Унијата на среден рок, доколку ја имплементира својата реформска програма со цел да ги намали структурните слабости“.
Поттикнувањето на претприемништвото е повеќе од потребно, посебно кога светот се соочува со последиците од економската рецесија. Притисокот за вработување, особено зголемувањето на бројот на млади невработени, би можел во голема мерка да биде олеснет доколку бизнисот и образовниот систем работат заеднички во подготвувањето на граѓаните и општеството за работните предизвици кои ги носи иднината. Оваа соработка подразбира стратешко партнерство помеѓу компаниите и образовниот систем, преку идентификувањето на потенцијалните претприемачи уште додека се во образовниот систем, нивно насочување, поддршка и доусовршување, согласно барањата на пазарот, со што ќе се одговори на потребите на пазарот на работна сила многу побрзо одошто ако секоја од наведените компоненти би функционирала независно, потенцираше министерот за економија во своето излагање во Загреб.
Тој ги спомена мерките и активностите кои се преземаат за поддршка на малите и средни претпријатија и развој на претприемништво, преку подигање на свеста за претприемништвото, обезбедување на помош за развивање на нивни деловни активности преку постојната регионална структура со поддршка на активностите на бизнис центрите и инкубаторите, поддршка и развој на Кластерското здружување.
„Согласно Програмата на Владата на Република Македонија би сакал да ги издвојам планираните владини проекти во периодот 2011-2015, и тоа проектот Грантови за поттикнување на трансфер на технологии – со цел зголемување на капацитетите на македонските компании за користење на европските фондови за иновации, истражувања и развој, универзитетски spin-off компании – преку доделување грантови за кофинансирање на вакви компании, основање Фонд за иновации – за институционална поддршка и кофинансирање на истражувачки проекти, формирање Центри за кариера – за професионално советување на учениците и студентите за изработка на план за кариера, аплицирање за работа и сл.“, рече Сараќини./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директорката на УЈП не призна грешка во испратените решенија за данок од работа во странство, но повика секој што има доказ дека е платен, да го достави
Решенија за оданочување на доход од странство за 2020 година Управата за јавни приходи (УЈП) законски морала да ги испрати заклучно со 31 декември, е објаснувањето на директорката Елена Петрова за пристигнатите решенија кај граѓаните на само неколку дена пред Нова година во кои им бараат да си платат данок за доходот од странство иако многумина кажуваат дека данокот е платен во странската земја со која имаме меѓународен договор за избегнување на двојно оданочување. Директорката Петрова денес долго објаснуваше за решенијата за данок на доход од странство, но во ниту еден момент не кажа дека има решенија кои се испратени по грешка оти данокот бил платен во странската земја. Таа објаснуваше дека целата активност е обемна, вклучува вкрстување неколку бази и податоци, дека работеле по доставени известувања од банките и за секој поединечно проверувале дали доходот подлежи или не подлежи на оданочување кај нас.
Оние кои пред Нова година постапиле по решението и вторпат уплатиле данок оти такви насоки добиле и од вработените во УЈП кога се пожалиле, директорката Петрова рече дека ќе ги добијат средствата назад или пак ќе им бидат пресметани за некоја од следните години. И нив и оние кои се уште не постапиле по решенијата ги повика да достават докази во канцелариите на УЈП доколку данокот е платен во странската земја.
„Секако дека ќе бидат земени предвид сите докази. Ќе се утврди, зависно од меѓународниот договор доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде треба да се изврши поврат или доколку е возможно платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит па на уплатата што е извршена овде може да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, реле директорката Петрова и објасни дека секој случај ќе се разгледува поединечно и даночниот обврзник ќе биде дополнително известен дали доставениот доказ се прифаќа или не.
Директорката Петрова не кажа конкретно колкав период имаат граѓаните за да достават докази за платен данок на доход од странство но јавно ги повика да го сторат тоа.
„Имајќи предвид дека граѓаните мора да се вратат и да обезбедат докази за пет години наназад, за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји ние ќе им овозможиме на граѓаните и дополнително да достават докази, еве во овој период повикани се граѓаните, јавно ги повикувам и сега сите што имаат и што може да обезбедат докази да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП. Ние ќе ги разгледаме тие докази и што може, ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат донесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и после врз основа на тие решенија и врз основа на, се разбира дополнително доставените докази, ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година, односно на конечниот данок за 2020 година. После тоа ќе следат оние постапки за наплата, значи се уште имаме период во кој граѓаните доколку имаат докази можат да ги достават“, објасни директорката Петрова.
За данокот на доход остварен во странство, директорката Петрова кажа дека УЈП испратило над 11.000 персонализирани известувања со секој граѓанин што се појавил во податоците. Утврдиле дека 6.600 граѓани од нив подлежат на оданочување. 2.200 граѓани сами поднеле пресметка за оданочување, а за 4.400 Управата донела решенија по службена должност.
Вкупно утврдениот данок изнесува 186 милиони денари или три милиони евра за 2020 година.
Директорката Петрова нагласи дека главна цел не е само да се соберат пари туку да се создаде даночна дисциплина.
„Јас апелирам граѓаните да си ги обезбедат во овој период што им е даден и доказите за другите години бидејќи ние ќе го утврдуваме данокот и за следните периоди од 2021 до 2025 година и редовно да си ги пријавуваат отсега натаму доходите остварени во странство. Нашата цел не е само тој данок да се утврди и плати туку и отсега понатаму да се воспостави ред и функционирање на системот“, рече директорката Петрова.
Доходот се пријавува по истекот на месецот до 10. во следниот месец освен доходите од плата и пензија кои што се пријавуваат до 31 март по истекот на годината
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,94% во однос на одлуката од 29.12.2025 година.
Од 06.01.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,801 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит,.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,848 ден/кг и сега ќе изнесува 32,801 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,200% кај дизелот за 1,395%, кај екстра лесното масло за 0,463% и кај мазутот намалувањето е за 3,841%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е за околу 0,0031% повисок од курсот на доларот.
Економија
До 1 милион евра помош од државата ќе добијат компании за истражување и развој, а 4.400 евра годишно по лице ќе добиваат компаниите со нови вработувања
За да ја намали невработеноста за 20 %, колку што бара од нас Европската Унија, Владата од овој месец нуди поддршка за компаниите со нови вработувања и за компаниите со истражувања и развој. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, поддршката од државата за компаниите заедно со измените на законите кои дозволуваат сезонски вработувања на невработени вработени, студенти и пензионери без да ги изгубат стекнатите права, очекува значително да се намали невработеноста во земјава.
„Од први јануари 2026 година почнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој претставува силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање на нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето. Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати при што компаниите може да добијат до 20% од исплатената нето плата односно до 4.400 евра годишно по лице како и значителна поддршка за истражување и развој до 50% од оправданите трошоци и максимален износ до еден милион евра“, рече министерот Дурмиши.
Поддршката од државата, според министерот, е охрабрување за трансформација на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност, а комбинацијата од двата закона вели дека е начин за сузбивање на сивата економија како и активна финансиска поддршка на формалната економија.
„Тоа е јасен сигнал дека државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима со повеќе формални работни места за работниците и силна поддршка за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на нашата економија“, рече министерот Дурмиши.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Со олеснувањето за работно ангажирање сезонски работници министерот Дурмиши очекува 12.000 сезонски работници во земјоделството да бидат регистрирани за работата и околу 5400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите. Очекувањата се вкупно 17.400 лица да бидат опфатени со измените кои според министерот носат корист и за работниците и за работодавачите. „Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставна административна постапка, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување како и јасна правна заштита на нивните права. На овој начин воспоставуваме поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот“, рече министерот Дурмиши.
Во првата фаза за сезонските работници се опфатени дејностите каде што анализите покажале дека сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.

