Економија
Саем на банки по повод Светскиот ден на штедењето

Банкарски саем Банкекспо ќе се одржи за прв пат во среда и тоа на Светскиот ден на штедењето-31 октомври. Покрај презентацијата на производите и новитетите на банките, на саемот ќе се одржи дебата на тема „Криза-2013 -предизвици-решенија“.
Претседателот на Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија, Ѓорѓи Јанчевски во понеделникот најави дека сите 16 банки во Македонија ќе учествуваат на саемот и изрази надеж дека оваа манифестација ќе стане традиционална и ќе се прошири и со други чинители од финансискиот сектор и други банки од регионот.„Замислата е на првиот дел од Банкекспо да се одржи презентација на продуктите и новитетите во банкарскиот сектор од страна на сите 16 банки во Македонија“, рече Јанчевски.Тој информираше дека на вториот дел од саемот ќе се одржи форум на кој ќе учествуваат сите чинители кои ја креираат економската политика во Македонија.„Целта е на овој форум е да седнеме и да разговараме за кризата и кои решенија би биле за надминување на кризата, што значи отворено да си ги кажеме проблемите секој од свој аспект“, рече Јанчевски.Тој најави дека на форумот се очекува да присуствуваат вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, гувернерот Димитар Богов, како и претставници на банките, осигурителните компании, коморите, компаниите и науката. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Oд полноќ поскап дизел и поевтин бензин

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,73% во однос на одлуката од 30.6.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 2,502%, кај дизелот зголемувањето е во просек за 2,230%, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 2,494% и кај мазутот зголемување во просек за околу 1,000% поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 1,2765% %
Од 8.7.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 74,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 76,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 69,50 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 39,409 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 0,174 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 8.7.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Мицкоски: Подаваме рака на домашните и на странските инвеститори не само декларативно, туку суштински

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Владата води активна и отворена политика кон привлекување инвестиции и градење економски развој базиран на стабилност, доверба и поддршка за стопанството.
На средба со Советот за странски инвестиции, составен од претставници на водечки компании кои веќе имаат присуство во земјава, Мицкоски посочи дека Македонија се наоѓа во нова фаза на економска консолидација и раст.
„Подаваме рака и на домашните и на странските инвеститори. Не само декларативно, туку суштински, низ институционална поддршка, предвидливи правила и директна комуникација. Проблемите ги решаваме заедно,“ изјави премиерот.
Тој истакна дека во првиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,2 отсто, а извозот во периодот јануари–мај е зголемен за 3,15 отсто, додека увозот бележи раст од само 1 отсто. Индустриското производство во мај бележи раст од 9,4 отсто во однос на истиот месец лани.
Дополнително, трговскиот дефицит е намален за околу 80 милиони долари во април и мај, што претставува намалување од 13 проценти. Мицкоски потсети и дека минатата година бил постигнат рекорд со странски директни инвестиции во износ од 1,255 милијарди евра.
„Ова е поинаква слика од онаа која ја затекнавме. Некогашната влада не се бореше за инвестиции – се бореше за провизии,“ рече тој, обвинувајќи ги претходниците за економски застој и изгубени можности.
Премиерот најави активни разговори за нови инвестиции во автомобилската индустрија, ИТ секторот, логистиката и агро-преработката, како и можни царински олеснувања за извоз на македонски производи на американскиот пазар.
Економија
Здравковски: Ребалансот на буџетот носи повеќе пари за плати, пензии, образование и здравство

Пратеникот Игор Здравковски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека со почнувањето на амандманската расправа за ребалансот на буџетот, Владата демонстрира зголемена финансиска дисциплина, раст на приходите и пренасочување на средства кон клучни сектори.
„Со ребалансот обезбедуваме 800 милиони повеќе за плати, 2,5 милијарди повеќе за пензии, 300 милиони денари дополнително за капитални инвестиции,“ рече Здравковски.
Тој нагласи дека значителни средства се наменуваат и за младите, образованието и инфраструктурата.
„Во образованието ќе се слеат 2 милијарди денари за изградба и рехабилитација на кампуси, студентски домови и училишта,“ додаде тој, притоа потенцирајќи дека проектот „Купи куќа за млади“ добива „дури 111% повеќе средства“.
Во делот на јавниот транспорт и инфраструктурата, според Здравковски, се предвидуваат дополнителни 307 милиони денари за локални патишта и зголемени средства за железничка инфраструктура. Исто така, за здравствени установи се одвојуваат 237 милиони денари за изградба, реконструкција, модернизација и дигитализација.
Осврнувајќи се на амандманите од опозицијата, Здравковски изјави дека тие се резултат на „безидејност или едноставно, хронично незнаење“, бидејќи предлагале амандмани за проекти кои веќе биле предвидени со ребалансот.
„Опозицијата наместо да ги поддржи овие реформски чекори, тие преку амандмани се обидуваат покажат вештачка грижа за некој поен плус, па меѓу другото, предлагаат измени за локалните предизвици во Кочани, кои се таложеле во нивното седумгодишно владеење. Период кога не мрднале ниту со мал прст за да сменат нешто на подобро,“ рече тој.
На крајот, Здравковски додаде дека Владата, со поддршка од Собранието, веќе подолг период работи на решавање на проблемите на граѓаните, вклучително и во делот на социјалната политика, како што се зголемување на бројот на вработени во градинките и изградба на нови домови за стари лица.