Економија
Штедењето во Македонија на историски највисоко ниво
Штедењето од страна на граѓаните во Македонија продолжува континуирано да расте и достигнува историски највисоко ниво, а радува податокот што депозитите во денари достигнуваат 50 отсто.
Ова беше истакнато на отворањето на првиот саем на банки во Македонија БанкЕкспо, што се одржува во средата во Скопје по повод Светскиот ден на штедењето-31 октомври.Саемот го отвори вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески кој оцени дека Македонија годинава го дочекува Светски ден на штедењето на најдобар можен начин, со историски највисоко ниво на штедење.„Значењето на штедењето е несомнено огромно, бидејќи обезбедува посигурна иднина за сите на нас. Овозможува поддршка на стопанската активност и овозможува зачувување на реалната вредност на заштедите на граѓаните“, рече Ставрески.Тој информираше дека благодарение на стабилноста на националната валута интересот за штедење во денари и интересот за штедење на подолг рок се зголемени„Во услови кога се зголемени предизвиците, во Македонија имаме позитивни трендови кои што можат да се сублимираат со еден збор, а тоа е дека сеуште е висока довербата во банкарскиот сектор и сеуште е висока довербата во денарот, како најдобра валута за штедење“, изјави Ставрески. Според него, сето тоа не е случајно, туку е резултат на координариноста и соработка на сите чинители и институции кои што се надлежни за одржување на оваа доверба.Претседател на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија Ѓорѓи Јанчевски информираше дека штедењето, како еден од главните столбови за стабилноста на банкарскиот сектор, со околу 50 отсто учество во вкупните извори, претставува еден од главните потпори за финансирање на македонскиот бизнис. „Депозитите на населението достигнуваат 2,8 млрд евра. И покрај кризата која во годинава има поголем замав, депозитите од почетокот на годината се зголемени за 5 отсто односно за 140 милиони евра што укажува дека политиката на одржување на стабилен курс на денарот, стабилни цени, ниска инфлација и фискална дисциплина, ги даваат потребните резултати. Граѓаните им веруваат на банките, веруваат во системот“, изјави Јанчевски, кој е и Претседател на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка АД Скопје.И гувернерот Димитар Богов изнесе податоци кои покажуваат дека штедењето на населението продолжува да расте и дека македонските граѓани имаат доверба во банките. „Нашиот банкарски систем е стабилен, нема поголеми проблеми, адекватноста на капиталот е на исклучително високо ниво од 17 отсто, а ликвидноста се држи на историско ниво од околу 30 отсто од вкупната актива. Тоа гарантира стабилен банкарски систем и можност банките да ја поддржуваат домашната економија“, рече Богов.Тој нагласи дека одржувањето стабилен банкарски сектор и зголемување на денарското штедење остануваат императив на Народната банка. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

