Економија
Промоција на три портали за помош на извозот
Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот (ИДЕАС) организираат промоција на три софтверски решенија: www.konkurentnost.mk; www.ener.gov.mk и промоција на порталот за извоз, во петок.
Амбасадорот на САД во Македонија, Пол Д. Волерс, Директор на проектот на УСАИД/ИДЕАС Александар Шахов, министерот за економија, Ваљон Сарачини, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и директорот на Инвест Македонија, Висар Фида, се очекува да се обратат на присутните.
Порталот www.konkurentnost.mk – е хостиран од Министерството за економија, овој портал ќе овозможи подобар пристап до информации за претставниците на бизнис секторот за сите расположливи мерки за поддршка што ги обезбедува Владата, бидејќи истите ќе бидат организирани на едно место. Информациите на овој портал се однесуваат на имплементација на индустриската политика 2009-2020, како што се: програмите, јавни повици за распределба на средства, објаснувања за процесот за аплицирање, извештаи за дистрибуција на средствата сл. Порталот ќе има два различни профили – профил за јавноста и компаниите кои бараат информации и профил за владините агенции назначени за спроведување на програмите за конкурентност. Секоја владина институција ќе биде обврзана да објави информација за сите компании кои добиле средства со цел да се прикаже одговорност и транспарентност во целиот процес. Порталот ќе генерира извештаи кои ќе му помогнат на Министерството за економија во оценување на ефектите од спроведените програми или мерки, како што се вработувањето, стимулирање на инвестициите од приватниот сектор, зголемување на извозот, итн. Овој портал се очекува значително да ја подобри транспарентноста и ефикасноста на целокупната имплементација на индустриска политика.
Порталот www.ener.gov.mk – е хостиран од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, главната цел на единствениот националeн електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР) е да се зголеми вклучување на приватниот сектор и НВО во процесот на креирање на економските политики и законодавството кои влијаат на развојот на бизнисот во Македонија. Постигнување на трипартитни одлуки, донесени со консензус е значаен услов за одржлив јавно-приватниот дијалог, како и одржлива економија. Овој веб портал ќе придонесе за зголемување на свеста за проценка на влијанието на регулативата и реафирмација на својата улога во формулирање на здрави економски политики, и оттаму, кон целокупното подобрување на јавно-приватниот дијалог во Македонија.
Порталот за извоз е хостиран од страна на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија (Инвест Македонија), овој портал ќе овозможи пристап до пазарни информации, ќе обезбеди ефективни пазарни информации за извозниците, увозниците и општата јавност.Овој е-портал вклучува база на податоци кои може да се пребаруваат по производ или името на компанијата, детали за претстојните саеми и настани, како и информации за извозните сектори во Македонија. Исто така обезбедува пристап до електронски пазари преку кои се поврзуваат странските купувачи со македонски продавачи.
Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот работи со владините институции да ја зајакне нивната координација, човечките и институционалните капацитети, како и подобрување на конкурентноста на приватниот сектор со цел да се подобри севкупната економија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

