Економија
Ќе се легализираат нерегистрираните трактори
Македонија планира наскоро да ги легализира оние трактори и тракторски приколки кои немаат никаков доказ за сопственост, потекло и царинска декларација или делумна документација за регистрирање од разни причини.
На оваа тема во четвртокот Федерацијата на фармери во рамки на Саемската манифестација „Агрофуд“, организираше трибина на тема „Презентација на измените на Законот за легализација и регистрација на трактори“.Најчести не се регистрирани оние трактори кои се користеле во Република Македонија пред независноста, трактори добиени во наследство, купени без купопродажен договор, трактори до независноста кои биле набавени од другите републики на СФРЈ, трактори и приколки од донации и од други места. Како што појасни државниот секретар во Министерството за Економија, Анче Трифунов станува збор за регулирање на еднодецениски проблем околу статусот на тракторите и тракторските приколки со кои граѓаните имаа проблем. „Станува збор за повеќе десетици илјади трактори и тракторски приколки кај кои не беше можно да се изврши регистрација поради немање доказ за сопственост. Доколку има било каков доказ за сопственост се бара согласност за технички преглед така што се врши идентификација на самото возило, а постапката продолжува вообичаено. Доколку нема доказ тогаш со изјава заверена на нотар поднесува барање до надлежен суд на територија на општината со кое бара да му се утврди решение за сопственички статус. Судот е должен во рок од три дена да го достави до Министерството за земјоделство и во рок од 24 часа да биде објавено на огласна табла. Доколку никој не поднесе евентуална жалба во судот во рок од 30 дена се носи решение за сопственички статус“, информираше Трифунов.Тој информираше дека до 10 април е рокот да се поведе постапка пред суд, а една година да се поведе постапка пред надлежен орган за легализација. Федерација на фармери веќе спроведе и кампања за да се види на терен каква е реално состојбата со тракторите. Беа одржани форуми во Прилеп, Струмица, Куманово, Штип и тетовското село Камењане. „На терен се согледа дека најголем проблем кај земјоделците е тоа што немаат соодветна документација за да ја докажат сопственоста на тракторот и им е потребна дополнителна едукација за правилна употреба на земјоделските трактори, а и немаат доволни информации околу законската регулатива за регистрација, “ вели Мемет Синани, заменик претседател на ФФРМ.Тој оцени дека со решавањето на проблемот со регистрацијата на тракторите корист ќе имаат земјоделците во однос на продуктивноста на самата земјоделска механизација, но од друга страна ќе има намалување на сообраќајните незгоди, со оглед дека според официјалните податоци околу 100 сообраќајни незгоди со трактори се случуваат годишно каде што во најголем дел жртви се трактористи, а голем дел од настраданите се и деца Република Македонија располага со 53.606 трактори. Кај индивидуалните земјоделски стопанства доминираат тракторите од 27 до 37 kW, а кај земјоделските претпријатија тракторите од 38 до 66 kW. Податоците зборуваат дека степенот на механизација е многу низок. Ако се има предвид фактот дека околу 85% од оваа механизација е амортизирана, станува јасно дека со таков капацитет на трактори не е можно да се спроведува потполна технологија на земјоделско производство.Повредите и несреќите со трагични последици претставуваат црна точка на земјоделското производство и во Република Македонија. Најчесто несреќите настануваат во периодот од април до ноември кога е екот на земјоделските работи, а повредите се разновидни: на дланките, рацете, нозете, главата или при превртување на тракторот, тоа се повеќе повреди на телото. Според литературните податоци, во 85% како жртви или повредени од земјоделската механизација се членовите на потесното семејство на ракувачите со земјоделската механизација. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 % во однос на одлуката од 29.4.2024 година.
Од 8.5.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 45,832 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98 и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) се намалува 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,829 денари/кг и сега ќе изнесува 45,832 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,438 %, кај дизелот 2,100 %, кај екстра-лесното масло 2,605 % и кај мазутот намалувањето е 1,907 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,407 %.
Економија
Хрватска е привлечна за балканските работници поради платата, станува збор за многу пари
„Сезоната за извоз на работна сила практично започна веќе во април, поточно за келнери, готвачи и други работници во угостителството и туристичката индустрија“, пишува српски Блиц во текстот со наслов „На нашите градилишта пристигнуваат работници од Турција и Кина, а нашите келнери и готвачи масовно бегаат кон Јадранот“.
Милош Турински од локалната ПР Инфостуд, најголемата српска база на податоци за наоѓање работа, за споменатиот медиум изјави дека Црна Гора ги објавила првите огласи за овие работници уште во јануари, а потоа Словенија и Хрватска, па веќе пристигнале голем број работници од Србија на Јадранот, каде подготовките за новата летна сезона траат веќе подолго време.
„Ова е тренд на кој сме сведоци со години, додека, од друга страна, самата Србија се бори да најде работници во угостителството поради големиот дефицит. Проблемот само ќе се зголемува како што се загрева летната туристичка сезона на Јадранскиот брег“, вели Турински.
Според бројот на ангажирани работници од Србија на сезонски работни места во овој сектор, Хрватска е број еден, истакнуваат оттаму. Следуваат Словенија и Црна Гора.
„Хрватска е најпривлечна за српските работници поради многуте деловни можности и платата што можат да ја заработат. Тоа се многу пари, бидејќи најмногу им се плаќа за сместување и неколку оброци дневно. Од друга страна, навистина има многу работа на хрватското приморје, често без слободни денови во неделата, но нашите луѓе се свесни дека по летото можат да се вратат со висока заработка. Во Словенија и Црна Гора заработувачката за овие работни места е нешто помала, но сепак е на солидно ниво“, објаснува Милош Турински.
Турински за Блиц изјави и дека келнерите вработени во некои од одморалиштата во Хрватска можат да заработуваат од 1.500 до 2.000 евра месечно, додека платите на многу бараните готвачи се и до 3.000 евра месечно. Помошниците во кујна се платени од 800 до 1000 евра.
„Покрај угостителските работници, во Хрватска многу се бараат и работници за други работни места во туризмот, така што чистачките и собарките можат да заработат по 1.000 евра месечно. Оваа плата ја добиваат и хостесите кои работат на промоција на разни ресторани и други угостителски објекти“, вели Турински.
Кога станува збор за увозот на работници во Србија, тој и годинава ќе биде доминантен во градежната индустрија каде недостигот од домашна работна сила го покриваат градежниците од азиските земји, се вели во написот. Станува збор за претежно квалификувани работници кои се стручни за извршување на овие работни места.
„Сега започнува интензивната сезона во земјоделството и во таа стопанска гранка, како и претходните години, може да очекуваме и големи проблеми поради недостиг на луѓе. Поради ова се очекува многумина да ангажираат странски работници кои доаѓаат од земји во Азија и Африка“, објави српската ПР Инфостуд.
Пораснаа дневниците за работниците во земјоделството, па може да очекуваат дневна плата од 50 евра доколку не се вклучени превозот и оброците.
Економија
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност направи измени на тарифникот, Предлог-одлуката е доставена до Владата
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денеска одржа нова седница на која ја разгледа Анализата за оправданоста и исправноста на донесените одлуки на друштвата за осигурување, подготвена и доставена до Комисијата од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како регулатор на работењето на осигурителниот пазар.
По разгледување на Анализата, а врз основа на наодите, Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност одржа седница и утврди потреба од измени на Тарифата за премии за осигурување и подготви Предлог-измени и дополнувања на Тарифата на премии со кои се доуредува член 3 во насока на заштита на корисниците, извести Министерството за финансии.
Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15% до 30% во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30% да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Ова значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година.
Дополнително беше утврдено дека Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.
Одлуката за донесување нова тарифа се заснова на Анализата на АСО со која се укажува дека на 23.04.2024 година, 11 друштва за осигурување кои вршат работи на осигурување во групата на неживотно осигурување доставиле известувања до Агенцијата за супервизија на осигурување за донесени одлуки на нивните органи на управување за зголемување на премиите за задолжително осигурување од АО, при што се повикуваат на одредбите од Тарифата на премии за осигурување од АО, објавена во „Службен весник на РМ“ бр. 191/2018, според кои одредби имаат можност самостојно да одлучат за висината на делот од премијата за спроведување на дејноста, односно т.н режиски додаток при одредувањето на крајната премија по договор за осигурување (член 3 од Тарифата). Притоа известувањата на друштвата до АСО не содржат финансиски анализи за изминати периоди, ниту пак конкретни проекции за очекуван развој на ризиците кои ги преземаат во осигурување. Единствен аргумент на кој се повикуваат друштвата за осигурување се растечките трошоци од работење, кои не се непосредно поврзани со настанување на ризиците, односно со настанатите и очекуваните штети, соопшти Министерството за финансии.
Дополнително, ставот на Комисијата е поткрепен со мислењето на АСО како регулатор дека ваквото постапување на Друштвата за осигурување влијае врз стабилноста, сигурноста и предвидливоста на функционирање на целиот систем на осигурување во насока на штета на осигурениците, односно сопствениците на моторни возила.
Предлог-одлуката што ја усвои Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница е доставена на усвојување до Владата на РС Македонија.
Состојбите на пазарот ќе се следат и во наредниот период и ќе се преземаат соодветни одлуки, врз основа на анализи и во еден отворен и транспарентен процес. Во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност во втората половина од април 2024 година, Министерството за финансии ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седници на 26, 29 и 30 април и 02 мај 2024 година со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки, се додава во соопштението на Министерството за финансии.