Економија
Министерот Јанакиески на конференција во Хрватска

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески во вторник присуствува на „Првата балканска министерска конференција за јавно-приватни партнерства на автопати“, која се одржува во Мотовун, Хрватска.
Во рамките на оваа конференција, предвидено е министерот Јанакиески да има свое обраќање, во кое ќе биде презетиран проектот за модернизација на патниот правец Скопје-Гостивар-Кичево по пат на концесија со можност за наплата на патарини.
За реализација на овој проект во тек е соработка со Меѓународната финансиска корпорација (IFC), која е еден од коорганизаторите на конференцијата. Се очекува во следниот период од девет месеци IFC да ги анализира сите релевантни информации кои се однесуваат на концесијата на патниот правец и да изготви техничко-сообраќајна анализа, детален финансиски модел, испитување на пазарот и препорачлива структура за имплементација, по што се очекува да биде распишан и јавен повик.
Исто така, во рамките на оваа конференција ќе биде презентирана можноста за реконструкција и модернизација по пат на концесија на патната делница Скопје-Блаце.
На министерската конференција во Мотовун присуствуваат повеќе ресорни министри и заменици за транспорт од земјите во регионот – Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Република Српска, Косово и Србија, како и претставници на најголемите меѓународни градежни компании, голем број на експерти и раководни лица во делот на јавно-приватни партнерства за развој на патната инфраструктура. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Идни инженери на своите први работни задачи во Министерството за енергетика“, Божиновска ги посети студентите на нивните практикантски позиции

Студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја започнаа студентската практикантска настава во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.Веќе се распределени по сектори и започнаа со практична работа во рамки на Министерството и органите во негов состав.
Министерката Сања Божиновска денес ги посети младите практиканти на нивните работни позиции, при што лично се запозна со нивните ангажмани, задачите што им се доделени и областите во кои се вклучени.
„Гордост е да се види енергијата и мотивацијата што овие млади луѓе ја носат со себе. Веќе од првиот ден, тие не се тука само како набљудувачи – туку активно се вклучени во конкретни процеси, подготвуваат материјали, истражуваат и дискутираат. Ова е таа нова генерација која сакаме да ја задржиме во земјата и да ѝ дадеме можност да се развива тука – во институциите каде што се градат јавните политики,“ изјави министерката Божиновска.
Во разговорот со студентите, министерката упати порака на поддршка и охрабрување: „Потребни ни се луѓе што разбираат технологија, енергетика и современи предизвици. Но уште повеќе ни се потребни луѓе што сакаат да направат разлика. Вие сте тука не само за да учите, туку и да донесете нова перспектива. Ќе ве поддржиме во секој чекор.“
Студентите се распределени според нивната стручна насоченост во одделенијата за енергетика, обновливи извори, енергетска ефикасност, минерални суровини, стратешко планирање и дигитализација. Со нив работат ментори од редовите на администрацијата, со цел да добијат реален увид во функционирањето на институцијата и активна улога во тековните задачи.
Програмата се реализира врз основа на Меморандумот за соработка меѓу Министерството и ФЕИТ, како дел од заложбата за поддршка на млади инженери и нивно вклучување во развојот на енергетските политики. Министерството најавува продолжување и проширување на оваа програма и во иднина, со цел создавање континуитет во градење на домашен стручeн кадар и обезбедување генерации експерти подготвени да ја водат енергетската транзиција.
Економија
Министерството за финансии достави барање до 22 меѓународни финансиски институции и банки за финансирање на брзата пруга

Министерството за финансии денеска испрати до 22 меѓународни финансиски институции и странски комерцијални банки барање за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга долж Коридорот 10.
Станува збор за финансиски институции од Европа, САД, Јапонија и Обединетото Кралство, од кои дел се институции со коишто земјата и претходно соработувала на одредени проекти.
Поконкретно барањето е доставено до Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Фондот за меѓународен развој на ОПЕК, Француската развојна агенција, КФВ Развојната банка, Италијанската развојна банка, Јапонската агенција за меѓународна соработка, германската ДЗ Банка, Морган Стенли, Уни Кредит Банка Австрија, Сити банк, ЏП Морган, Дојче Банк, Сосиете Женерал, Рајфајзен банк, ЕРСТЕ банк, Банка ИМИ, британската Стандард чартерд, Банка на Америка, јапонската МУФГ Банка, како и американската Голдман Сакс. Износот кој се бара за реализација на проектот е 1,91 милијарда евра.
Согласно испратеното барање, одговорот за пројавување интерес меѓународните финансиски институции и странските комерцијални банки треба да го достават до крајот на овој месец, со можност за продолжување на рокот по барање на банките.
Имено, Министерството за финансии го испраќа барањето за пројавување интерес со меѓународните финансиски институции врз основа на Заклучок на Владата и врз основа на законските прописи, односно Законот за јавен долг. Заедно со барањето Министерството за финансии испраќа до меѓународните финансиски институции и банките и образложение за проектот подготвено од Министерството за транспорт и врски и МЖ Инфраструктура, а кое исто така е разгледано од страна на Владата.
Економија
(Видео) Дебакл на економиските политики на власта: Македонија на дното на Европа, велат од СДСМ

„Согласно последните податоци на Евростат, Македонија денес е претпоследна во Европа по висина на минимална плата, зад нас е само Албанија. Истовремено сме последни по куповна моќ. Ова не се бројки и податоци од некоја црна хроника – ова е нашата реалност со власта на ДПМНЕ. Овие статистики се потрда за реалноста во која платата не им стигнува на граѓаните ниту до 10-ти во месецот“, вели Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Реалност во која граѓаните мора да кратат и штедат на се додека функционерите на ДПМНЕ се луксузираат, си ги покачуваат платите и продаваат приказни дека сме четврти во Европа.
Ова веќе не е само економска криза, ова свесно и намерно понижување на достоинството на секој граѓанин на Македонија.
Евростат не лаже. Но Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ лаже – лаже кога вели дека „се грижи“, лаже кога зборува дека сме четврта најјака економија во Европа, лаже кога ве убедува дека добро живеете. Сите економски параметри укажуваат на драматично влошување на квалитетот на животот. Инфлацијата оди нагоре, цените повторно се без контрола, платите стагнираат. Во Макеоднија моментално добро живеат само функционерите од власта.
Дуото Трајко Славевски и Христијан Мицкоски ова го прават намерно и осмислено. Целта е јасна, да се држат граѓантие во неизвесност, да се држат платите на минимум додека тие ги спроведуваат своите криминални проекти и задолжувања. Ниту ги интересира состојбата во која живеат луѓето, ниту сакаат да помогнат реално нешто да се смени, ги интересираат само нивните огромни бизнис зделки.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се исти. Што правеше СДСМ? Го зголемивме минималецот од 9.000 на над 20.000 денари. Донесовме закон за автоматско усогласување на платите со трошоците за живот за да не може никој политички да ги уценува граѓаните за растот на платите туку да им следува со закон.
Ги зголемивме платите во приватниот сектор. Инвестиравме 2,6 милијарди евра во економија, помош за граѓаните и стабилизација на струјата.
А што прави ВМРО-ДПМНЕ? Ги одби сите предлози за покачување плати. Ги блокираше мерките за поевтини основни производи. Не вложи ниту денар во поддршка за граѓаните во криза. Си гледа само за себе – за привилегираните бизнис партнери, но не и за народот.
Христијан Мицкоски и Трајко Славески ќе останат запаметени не како реформатори, туку како луѓе што ја згазија економската надеж на оваа земја. Како политичари што ја заборавија работничката рака која го движи оваа држава.
Време е за одговорност. Време е за гласна борба за повисоки плати, за фер услови, за економија во функција на граѓаните, не за бизнис партнерите на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ нема да молчи. Ќе зборуваме секој ден, за секој човек што живее тешко и заслужува повеќе. Затоа што докажавме со дела што е економски патриотизам и како секој граѓанин е важен. Покажавме дека сме различни и дека државата може да има власт која се грижи за граѓаните а не за сопствените интереси“, изјави Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор на СДСМ.