Економија
Пазарот на интернет домејни во Македонија ќе се либерализира
Пазарот на интернет домејни во Македонија ќе се либерализира, со што поголем број на правни лица и компании кои се заинтересирани да бидат регистратори ќе може да се пријават во Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет.
Ова во вторник го најавија министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот на МАРнет, Сашо Димитријоски.
„Кога МАРнет ќе им дозволи на компаниите да бидат регистрари, тогаш тие ќе можат електронски да ги продаваат домејните за граѓаните на Република Македонија. Секој ќе може да регистрира домејн од било кој компјутер, од било кој пристап до интернет“, рече министерот Ивановски.
Тој напомена дека во наредните неколку недели ќе бидат регистрирани компаниите кои се заинтересирани да бидат регистрари, а потоа граѓаните ќе бидат информирани преку кои компании ќе може да регистрираат домејни.
Директорот на Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет, Сашо Димитријоски рече дека со либерализацијата на пазарот за регистрирање на интернет домејни ќе им се овозможи на приватните компании да регистрираат домејни кон крајните регистранти, со што значително може да се зголеми бројот на домејни, а исто така ќе се олесни и начинот за нивно регистрирање.
Целта на оваа новина е да се регистрираат што е можно повеќе веб портали со интернет домејнот „.mk“.
Инаку, Владата на Република Македонија во септември 2010 година, донесе одлука Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет да биде самостојна институција, со што ќе се овозможи поголем број на граѓани поефикасно да ги регистрираат домејните. На почетокот на формирањето на МАРнет во 1999 година, постоеја само 19.000 регистрирани домејни, а оваа година се регистрирани вкупно 35.500 веб страници под домејнот „.mk“. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Славески: Народната банка ги засилува активностите за управување со климатските промени
„Климатските промени сè поинтензивно влијаат врз економиите и финансиските системи, а ризиците поврзани со климатските промени претставуваат значаен фактор кој влијае врз ценовната и финансиската стабилност. Поради тоа, централните банки веќе ги интегрираат овие ризици во аналитичките и супервизорските рамки. Пристапот на Народната банка ги следи меѓународните практики. Планираните активности од усвоениот Среднорочен план на активности за периодот 2023-2025 година се во завршна фаза, супервизорските очекувања се вградени во Насоките за управување со климатските ризици за банките, а климатските ризици се интегрирани во регулаторната рамка за кредитен ризик и регулативата за обелоденување податоци и известување. Анализите за влијанието на климатските ризици врз банкарскиот систем се составен дел од нашиот Извештај за финансиската стабилност, а тековно се работи на развивање климатски сценарија и стрес-тестови“, истакна гувернерот Трајко Славески на отворањето на Конференцијата.
Тој нагласи дека Народната банка во континуитет придонесува за подобрување на расположливоста на податоците поврзани со климатските ризици, пришто од минатата година започна со објавувањето на Преглед на „зелени“ показатели. За да ја согледа подготвеноста на корпоративниот сектор за справување со климатските ризици, Народната банка заедно со Европската инвестициска банка неодамна спроведе истражување кое покажа дека само мал дел (5%) од компаниите имаат планови за справување со климатски ризици, а управувањето со климатските ризици и зелените финансии се во рана фаза.
„Меѓународната заедница предупредува на високите трошоци од задоцнета акција. Декларацијата на меѓународната мрежа за зелени финансиски системи укажува дека тригодишно доцнење во климатската транзиција може повеќе од двојно да ги зголеми глобалните економски трошоци до 2030 година. Свесноста расте и кај регулаторите и кај банкарскиот сектор, но потребни се континуирани и координирани напори. Анализите на ММФ покажуваат дека уделот на приватниот сектор во финансирањето на економиите во развој е потребно да се зголеми од сегашните 40% на 90% до 2030 година, што ја нагласува потребата за силна соработка меѓу владите, меѓународните институции и финансискиот сектор“, додаде Славески, истакнувајќи дека Народната банка ќе продолжи да работи на зајакнување на отпорноста на финансискиот систем и поддршка на одржливиот економски развој.
Економија
Министерство за енергетика: Се воведува модерен дигитален надзор за ефикасна и зајакната контрола на концесиите за минерални и енергетски ресурси
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека воведува современ дигитален систем и специјализиран дрон за надзор и мониторинг на концесиите за минерални суровини, соларна енергија и ветерни инсталации.
Новата технологија, како што појаснуваат, овозможува прецизно следење на експлоатацијата на минералното богатство, како и проверка на точните координати и инфраструктурата на соларните панели и столбовите за мерење на ветерните паркови.
На овој начин, Министерството, додаваат од таму, ја зајакнува транспарентноста и одговорното користење на природните ресурси.
Новиот систем го зајакнува инспекцискиот надзор, им овозможува на инспекторите да вршат увид без секогаш да бидат физички присутни на терен. Дронот обезбедува побрза реакција, пократко време за контрола и непречено следење на активностите на терен, овозможува подетално следење на работата на концесионерите и значително го намалува ризикот од злоупотреби.
„Со воведувањето на дигиталниот систем и дронот, ја унапредуваме и зајакнуваме инспекциската контрола. Создадовме можност за современ и ефикасен надзор, кој овозможува концесиите да се користат одговорно и согласно законот“, истакна министерката Сања Божиновска.
Вработените во Министерството кои ќе управуваат со дронот поминаа специјализирана обука за негово користење и за правилна интерпретација на податоците добиени од далечинското набљудување. Ова обезбедува професионален, прецизен и современ надзор, усогласен со највисоките стандарди.
Користењето на дронови веќе е дел од стандардната практика во развиените земји, особено за мапирање, инспекциски надзор и мониторинг на енергетски и природни ресурси. Со оваа иновација, Министерството ја следи светската пракса и ја унапредува модернизацијата и ефикасноста во управувањето со ресурсите.
Економија
Поволности за потрошувачки кредити во Халкбанк – што треба да знаете?
Понекогаш човек знае точно што сака да направи, да вложи во нешто важно, да го олесни секојдневието, да поддржи нечија идеја или да создаде поголема удобност во својот дом. Но, исто така знае дека најтешко е да се најде финансиско решение што е стабилно, предвидливо и фер. Во вакви моменти, вистинска разлика прават понудите што носат јасни правила, фиксни услови и чувство на сигурност.
Токму таква е понудата со сет поволности за Промо потрошувачки кредити на Халкбанк кој е наменет за примателите на плата и пензионерите со примања во Банката.
Примателите на плата можат да аплицираат за кредит до 2.500.000 денари, со кредитна способност до 50% од месечните примања. Каматните стапки се фиксни, 5% за отплата до 95 месеци и 5,7% за отплата до 120 месеци, што значи дека месечната обврска останува непроменета во текот на целиот период. Во кредитот е вклучено и осигурување CPI или комбинација Живот + Незгода, како дополнителna безбедност ако се појават неочекувани ситуации.
Пензионерите имаат пристап до посебно прилагодени услови како што е кредит до 600.000 денари, фиксна камата од 5%, кредитна способност до 40% од месечната пензија и рок на отплата до 120 месеци. Овие услови се креирани со цел да создадат сигурност и рамнотежа, без оптоварување на месечниот буџет.
Трошоците се јасно дефинирани и познати уште на почеток, а задолжителното осигурување е дел од вкупната пресметка што дополнително го штити клиентот.
Промотивниот период им дава можност на клиентите да ја искористат стабилноста што оваа понуда ја нуди во време кога фиксните услови се особено вредни. Со вакви производи, Банката продолжува да создава практични и достапни решенија што се усогласени со секојдневните потреби на граѓаните.
ПР

