Економија
Бизнис-можностите на Македонија претставени во Будимпешта
Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски, а во чиј состав се и министерот за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Кристијан Делев, во вторникот се обрати на бизнис форум во Будимпешта.
Бизнис форумот се организираше во соработка со Комората на меѓународни компании, а владините претставници пред повеќе од 70 претставници на крупни мултинационални компании кои имаат инвестиции во Унгарија ги претставија поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори за отворање и реализација на бизнис.
Во своето обраќање, премиерот Груевски акцентираше дека Република Македонија, нуди најниски трошоци за отворање и водење бизнис во Европа. Осврнувајќи се на поволниот даночен пакет премиерот Груевски ги истакна реформите во оваа област.
„Воведовме низок, рамен данок од 10% за персоналниот доход и корпорациската добивка, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка и етапно ги намалуваме социјалните придонеси за една третина. Во Извештајот за ‘Плаќањето даноци во 2012 година’ на Прајсвотерхаус Куперс, Република Македонија котира на четвртата позиција од аспект на поволниот даночен третман на бизнисот“, рече премиерот Груевски во своето обраќање.
Тој истакна и други реформи кои овозможуваат добар амбиент за водење бизнис.
„За намалување на административниот и регулаторниот товар за водење бизнис, беше спроведен проектот регулаторна гилотина, со кој се поедноставија дел од прописите и се укинаа несуштинските обврски за бизнисите. Воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, донесовме мерки во делот на управувањето со градежното земјиште, со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналните трошоци, воведовме субвенции за тур-операторите, како и други реформи кои позитивно влијаат врз бизнис климата во Република Македонија“, подвлече премиерот Груевски во своето обраќање.
Премиерот посебно ги потенцираше можностите кои им стојат на располагање на странските инвеститори во технолошко- индустриските развојни зони.
„Успеавме да привлечеме познати странски компании во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје. Основани се уште три зони од кои едната во Штип, Тетово и уште една во Скопје, кои нудат низа поволности: ослободување од данок на добивка и данокот на доход во првите 10 години; даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси. Владата дава и до 500 илјади евра за израмнување на земјиштето, кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години и обезбедени инфраструктурни погодности, како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување“, истакна Премиерот пред претставниците на странските инвеститори.
Премиерот Груевски зборуваше и за стабилните макроекономски индикатори, ниското ниво на надворешен долг на земјата, инвестициите во образованието кои изнесуваат 6% од бруто домашниот производ, квалификуваната работна сила, и договорите за слободна трговија кои на нашата земја и овозможуваат пристап до пазар од над 650 милиони потрошувачи.
Министерот Бил Павлески во своето излагање пред присутните се задржа на поволностите и условите за водење бизнис кои нашата земја им ги нуди на претставниците на автомобилската индустрија. Тој се осврна и на можностите за инвестиции во туристичката дејност, и атрактивните опции за инвестиции кои ги нудат туристичките развојни зони, како и мерките и активностите кои Владата ги реализира за развој на туризмот што доведуваат до постојан раст на оваа дејност во изминатите години.
Заменик директорот Кристијан Делев ги претстави можностите за инвестиции во изградба на недвижности, а специјален осврт на неговото излагање беше ставен на можноста за инвестиции во земјоделството и во преработувачката индустрија.
Владината делегација во среда ќе престојува во Будимпешта, каде што премиерот Никола Груевски ќе оствари средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

