Економија
Словачка и Македонија со Меморандум за економска соработка
Министерот за економија Ваљон Сараќини во понеделник беше гостин на министерот за економија на Словачка Томаш Малатински, кога двајцата министри потпишаа и Меморандум за економска соработка.
Текстот на Меморандумот е солидна основа за промоција и продлабочување на економската соработка и размена на искуствата во областите кои се однесуваат на процесот за пристапување на Република Македонија во Европската Унија врз принципите на еднаквост, взаемна корист и реципроцитет, соопштуваат од Министерството за економија.
Основната цел на Меморандумот е создавање поволни услови за зајакнување на економската соработка, особено преку: олеснување и поддршка на размената и контактите помеѓу своите економски оператори, создавање поволна атмосфера за инвестиции, олеснување на размената на деловни и економски информации, олеснување на размената на информации за активности на домашниот пазар, вклучувајќи ги и’ правилата кои се однесуваат на заштита на потрошувачите, создавање на поволна клима за соработка во областа на малите и средни претпријатија и развој на претприемништвото, како и соработка и активности во областа на туризмот.
На средбата беше договорено првата седница на Мешовитиот комитет за економска соработка да се одржи во текот на април 2013 година, а беа дефинирани и областите за кои ќе се стави посебен акцент на оваа седница: енергетика, инфраструктура, туризам, земјоделство и актуелни економски прашања.
Сараќини и Малатински ги претставија макроекономските показатели и трговската соработка на двете земји, при што вкупната размена на Република Македонија со Словачка е 0,9 отсто во 2011 година и 1 отсто за деветте месеци од 2012 година, во однос на вкупната структура на Македонија со светот.
Учеството на вкупната трговија со Словачка во рамки на ЕУ 1,6 отсто во 2011 и 1,7 отсто во деветте месеци од 2012 година, при што учеството на извозот во Словачка е 1,5 отсто во 2011 година и 1,9 отсто за деветте месеци од 2012 година во однос на вкупната структура на извоз на Република Македонија, додека учеството на увозот од Словачка 0,5 отсто во 2011 година и 0,47 отсто за деветте месеци од 2012 година.
Што се однесува до инвестициите, според податоците на НБРМ во периодот 1997 – 2010 година од Словачка вкупниот кумулативен прилив изнесуваше од 16.193 милиони евра, па во 2001 година, беше една од целните земји од која се очекуваше инвеститори особено во делот на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна.
Сепак, како резултат на кризата, во 2011 година нема остварено прилив на инвестиции од оваа земја, додека во првото полугодие од 2012 година има реализирано прилив од 160 илјади евра.
Со оглед на добро развиената структура за користење на средства од европските фондови, словачката страна упати покана до македонската страна за заедничко аплицирање со проекти, при што учеството и искористеноста на двете страни би биле подеднакви.
Во попладневните часови министерот Сараќини ќе ја посети најголемата и најмоќна комбинирана генеративна електрична централа во Словачка Република, која покрај на матичната територија, инвестира и надвор од Словачка./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

