Економија
Ставрески: Половина од долгот што ќе се враќа во наредните четири години е од времето на СДСМ
Точно е дека Македонија во наредните четири години ќе треба да врати една милијарда евра, но треба и да се каже дека половината од тие средства биле позајмени во време додека на власт беше СДСМ.
Ова во петокот на седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, го изјави министерот за финансии Зоран Ставрески, одговорајќи на обвинувањата на опозицијата во врска со задолженоста на државата. „Дека една милијарда евра требало да се вратат од 2013 до 2017 како податок не е неточно, но ако малку сте се потрудиле ќе видевте дека од таа една милијарда половина милијарда се кредити што се земени во времето на СДСМ меѓу 2002 и 2006 година. Факт е дека се земени кредити и во времето на СДСМ и ние тоа не го нападнавме“, рече Ставрески.Истакна дека Владата ќе ги врати парите коишто биле земени во времето на СДСМ, како што и функционира нормална држава и нема никому да се жали дека друга влада ги земала тие пари.„Кој и да ги земал тие пари, ние сме должни да ги вратиме. Но, должни сме и на јавноста да и’ кажеме дека половина милијарда евра што ќе се враќаат од 2013 до 2017 година се кредити што Бранко Црвеновски ги зема и не ги искористиле на добар начин и непотребно сега идните генерации ќе плаќаат за тоа“, рече Ставрески.Притоа министерот истакна дека не е лошо тоа што биле земани кредити, туку лошо е што се земале во време кога во Буџетот имаше суфицит, кога на власт беше СДСМ „Земја во развој природно е еден дел од финансирањето да го базира на кредити. Но, не е добро ако земате кредити во време кога во Буџетот имате суфицит, а вие имавте суфицит во тоа време, значи тотално непотребно сте ги земале тие кредити кои треба идните генерации да ги враќаат“, рече Ставрески. Според него, владата на СДСМ, иако имало буџетски суфицит се задолжувала, но не успеала со тие пари да реформира ниту една институција или да ја подобри бизнис климата.„Кога се напаѓа некого зошто земал средства и зошто треба да се враќаат треба да погледнете дали ви е досието чисто во поглед на водењето на економската политика, како сте ги користеле тие пари, за што сте ги користеле“, рече Ставрески.Дебатата по владиниот Предлог буџетот за 2013 година се очекува во Собранието да продолжи во наредните неколку денови, со оглед дека се поднесени се 1.026 амандмани, од кои 528 на СДСМ и 460 на НДП. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

