Економија
Владата ќе формира Фонд за иновации и технолошки развој
Македонската влада во неделата најави формирањето на нов Фонд за иновации и технолошки развој, со кој во наредната година стратешки ќе се насочи кон помагање на бизнис секторот преку поттикнување на иновациите.
Фондот за иновации и технолошки развој ќе биде формиран и ќе стартува со работа во 2013 година. Тоа ќе биде ново тело во политичко-економскиот систем на државата, а негов главен фокус ќе биде поттикнувањето, но и финансирањето на иновациите, и општо поддршка на бизнис секторот. Како што информирша на денешната прес конференција владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, фондот ќе се развива во две поголеми фази. „Во првата фаза, односно во 2013 година целосното финансирање на Фондот ќе го обезбеди државата. Во втората фаза, од почетокот на 2014 година покрај владиното финансирање, Фондот ќе обезбедува средства за својата функција и од странски извори на средства пред се од ИПА програмата за индустриска политика каде се предвидени средства за финансирање на трансфер на технологии и иновации, и средствата од Светската Банка, која стартува нов проект за подобрување на вештини (т.н. Skills project), преку кој може да се обезбедат средства за фондот и за градење на капацитети“, рече Ѓорѓиев. Предвидено е Фондот да обезбедува техничка помош и консултантски услуги за новоосновани и постоечки претпријатија за зголемување на инвестициите во иновации, дафинансира и кофинансира истражувачи и иновациски проекти на претпријатијата, како и да се насочи кон комерцијализација на знаењето и науката преку формирање на универзитетски спин оф компании основани од страна на студенти, научни работници и претприемачи-инвеститори.Во првата фаза, додека се финансира единствено од државата, предвидено е Фондот да ги има следниве инструменти за финансирање и кофинансирање: -доделување на грантови за start-up и иновации (до 10.000 евра) -доделување на грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации (до 30.000 евра) -еквити и мезанин инвестиции (до 80.000 евра) -средства за техничка помошВо втората фаза, односно по приклучувањето на средствата од Светска Банка и ИПА Индустриска политика, ќе се зголемат расположливите износи на постоечките инструменти, а ќе бидат воведени и нови: -Грантови за start-up и иновации (до 20.000 евра) -Грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации (до 50.000 евра) -Еквити и мезанин инвестиции (до 150.000 евра) -Поддршка на спин-оф компании (до 30.000 евра)-Грантови за трансфер на технологии ( до 50.000 евра) -Средства за техничка помошСо овој Фонд се прави силен пробив на полето на поддршка на компаниите и иновации, бидејќи со него се обезбедуваат директни средства за поддршка на бизнис плановите. Владата уште отсега ги повикува компаниите, но и заинтересираните лица, студенти, научници да почнат со подготовка на проекти и планови за развој на бизнисите. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

