Економија
СБ: Соработуваме со сите влади во Македонија, поддршката продолжува
Светската банка (СБ) во изминатите дваесетина години соработува со сите македонски влади на подобрување на животот на граѓаните, а поддршката ќе продолжи и во наредниот период.
Ова се истакнува во соопштението што во четвртокот го објави канцеларијата на Светска банка во Скопје, откако вчера опозиционата СДСМ и пиша писмо на меѓународната институција и се спротистави на најавата за дополнително задолжување кај оваа банка од страна на македонската влада во висина од 50 милиони долари.„Активната поддршка на Светска Банка на реформската агенда на Македонија во последните години придонесе за постигнување важен напредок што се отслика во водечката позиција на Македонија во рангирањето на Дуинг Бизнис (23-та во светот), нејзините солидни макроекономски постигнувања и проактивните политики кои и овозможија на државата да привлече производни странски директни инвестиции дури и во тешки кризни времиња“,се истакнува во соопштениетоПритоа се истакнува дека на Македонија треба да и се оддаде признание и за нејзината проактивност во зајакнувањето на управувањето со јавните финансии, вклучувајќи го и расчистувањето на долговите на јавниот сектор, проблем што се појави во повеќето земји во регионот како резултат на тешките фискални притисоци од кризата во Европа. „Република Македонија го разрешува овој проблем и воспоставува механизми за да спречи појава на долгови во иднина, се оценува во соопштението. „Претстојната буџетска поддршка на Светска Банка ги поддржува постојаните реформи што Македонија ги прави за зајакнување на конкурентноста на нејзината економија вклучувајќи и развивање на производство со висока додадена вредност, поттикнување на инвестициите во унапредување на технологијата како и отстранување на тесните грла што го ограничуваат влезот и растот на фирмите во главните извозно ориентирани сектори на економијата, за зајакнување на цврстината на управувањето со јавните финансии и за помагање да се ублажи социјалното влијание на повторената нестабилност во еврозоната“, велат од СБ.Во дописот пишуваат дека во овој период, многу земји во еврозоната се соочуваат со тешки фискални притисоци и Македонија не е исклучок. Сепак, како што се истакнува, државата има добра и долга историја на фискалниот менаџмент и Владата покажа фискална мудрост држејќи го буџетскиот дефицит во изминатите неколку години на строго дефинирано ниво од 2,5%.Тоа е забележително постигнување имајќи предвид дека Владата одговори со мерки за минимизирање на падот во 2008-09 година со фискална стимулација и прераспоредување на трошењата кон капитални расходи со кои се поддржува растот. И оваа година се покажа како многу тешка за Македонија. Буџетски дефицит од 3,5% е прифатлив за Македонија, особено бидејќи земјата во претходните години добро управуваше со своите јавни финансии. Јавниот долг изнесува 30,4% од БДП, а вкупниот надворешен долг е 63% од БДП што е во прифатливи рамки. Во споредба со другите земји од западен Балкан, Македонија е најмалку задолжена земја, со исклучок на Косово, велат од СБ.Во писмото се констатира дека и покрај релативно цврстите темели, условите за финансирање за Македонија и за другите земји во регионот остануваат затегнати и неодамна се влошија. Трошоците за задолжување значително се зголемиле во последните месеци. Постојната поддршка на Светска Банка за Македонија е критична за пристап до финансирање со разумни трошоци што и дава значителна предност во однос на директното задолжување на пазарите на капитал, а со тоа и помага да се олесни притисокот на долгот“, укажуваат од СБ./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

