Економија
Ставрески: Владата ќе најде начин да ги исплати обврските и покрај блокадата на СДСМ
Неодговорното однесување на СДСМ со блокада на буџетот во Собранието нема да ја спречи владата да ги реализира обврските и предвидените плаќања кон пензионерите, корисниците на социјалната помош, земјоделците и за реализација на инфраструктурните проекти.
Ова во понеделникот во Собранието го изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, оценувајќи дека блокадата во Собранието на Законот за буџетот за 2013 година и на задолжувањето кај Светска банка од страна на опозицијата, ќе ја чини Македонија 84 милиони евра.Појаснувајќи го ваквото тврдење, Ставрески рече дека доколку Македонија излезе на пазарот на капитал со еврообврзници за кои нема потреба од одобрение од Собранието, наместо да ги земе двата поволни кредити од СБ, каматната стапка што ќе ја плати ќе биде повеќе од два пати повисока во однос на она што е договорено со Светска банка.„За седум години, колку што изнесува отплатата на таа обврзница или на кредитите од СБ во вториот случај, односно на гаранцијата, Македонија без потреба ќе плати 84 милиони евра повеќе отколку што би платила кога би ги зела парите од Светска банка, рече вицепремиерот“, изјави Ставрески.Ресорниот министер го праша СДСМ дали државата има вишок пари односно 84 милиони евра за да го плати неодговорното однесување на СДСМ и заради заштита, како што рече, безуспешна во секој случај, на политичката кариера на Црвенковски. „Цената ќе ја плати стопанството бидејќи ќе се доведе во прашање ликвидноста и реализацијата на обврските, цената ќе ја платат пензионерите, затоа што ќе се загрози зголемувањето на пензиите, социјалците, затоа што ќе се загрози зголемувањето на социјалната помош, земјоделците, затоа што ќе се загрози зголемувањето на субвенциите, цената ќе ја платиме сите ние затоа што ќе се закочи реализацијата на крупни инфраструктурни проекти“, изјави СтаврескиТој изрази уверување дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ секако нема да дозволат да се случи тоа и оти ќе најдат начин како да се реализираат обврските и предвидените плаќања, а во зависност од однесувањето на опозицијата, Владата ќе заземела соодветен став како да продолжи понатаму.Ставрески смета дека однесувањето на СДСМ е скандалозно, штетно и неодговорно и со него првенствено се посрамотува себеси како политичка партија, се посрамотува и Република Македонија, ги нарушува односите со Светска банка и ги загрозува интересите на сите македонски граѓани.Никогаш претходно во Македонија, ниту еднаш опозицијата не кочела задолжувања од сличен тип и не го довела во прашање носењето на буџетот за следната година. Ова не само што го нема во Македонија во претходните 20 години, туку го нема и во ниту една европска земја. Го нема дури ни во Грција, ниту во Италија и во други држави кои имаат државен долг поголем од 100 проценти за разлика од Македонија која има 30 проценти државен долг од БДП, рече Ставрески.Според него, кредитите што треба да ги земе Македонија се речиси идентични со обврските што треба да ги плати догодина, поради што, како што рече, неиздржани се аргументите на СДСМ оти со тие задолжувања ќе се зголеми долгот на државата или пак тие пари ќе се трошат за други намени. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директорката на УЈП не призна грешка во испратените решенија за данок од работа во странство, но повика секој што има доказ дека е платен, да го достави
Решенија за оданочување на доход од странство за 2020 година Управата за јавни приходи (УЈП) законски морала да ги испрати заклучно со 31 декември, е објаснувањето на директорката Елена Петрова за пристигнатите решенија кај граѓаните на само неколку дена пред Нова година во кои им бараат да си платат данок за доходот од странство иако многумина кажуваат дека данокот е платен во странската земја со која имаме меѓународен договор за избегнување на двојно оданочување. Директорката Петрова денес долго објаснуваше за решенијата за данок на доход од странство, но во ниту еден момент не кажа дека има решенија кои се испратени по грешка оти данокот бил платен во странската земја. Таа објаснуваше дека целата активност е обемна, вклучува вкрстување неколку бази и податоци, дека работеле по доставени известувања од банките и за секој поединечно проверувале дали доходот подлежи или не подлежи на оданочување кај нас.
Оние кои пред Нова година постапиле по решението и вторпат уплатиле данок оти такви насоки добиле и од вработените во УЈП кога се пожалиле, директорката Петрова рече дека ќе ги добијат средствата назад или пак ќе им бидат пресметани за некоја од следните години. И нив и оние кои се уште не постапиле по решенијата ги повика да достават докази во канцелариите на УЈП доколку данокот е платен во странската земја.
„Секако дека ќе бидат земени предвид сите докази. Ќе се утврди, зависно од меѓународниот договор доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде треба да се изврши поврат или доколку е возможно платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит па на уплатата што е извршена овде може да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, реле директорката Петрова и објасни дека секој случај ќе се разгледува поединечно и даночниот обврзник ќе биде дополнително известен дали доставениот доказ се прифаќа или не.
Директорката Петрова не кажа конкретно колкав период имаат граѓаните за да достават докази за платен данок на доход од странство но јавно ги повика да го сторат тоа.
„Имајќи предвид дека граѓаните мора да се вратат и да обезбедат докази за пет години наназад, за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји ние ќе им овозможиме на граѓаните и дополнително да достават докази, еве во овој период повикани се граѓаните, јавно ги повикувам и сега сите што имаат и што може да обезбедат докази да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП. Ние ќе ги разгледаме тие докази и што може, ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат донесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и после врз основа на тие решенија и врз основа на, се разбира дополнително доставените докази, ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година, односно на конечниот данок за 2020 година. После тоа ќе следат оние постапки за наплата, значи се уште имаме период во кој граѓаните доколку имаат докази можат да ги достават“, објасни директорката Петрова.
За данокот на доход остварен во странство, директорката Петрова кажа дека УЈП испратило над 11.000 персонализирани известувања со секој граѓанин што се појавил во податоците. Утврдиле дека 6.600 граѓани од нив подлежат на оданочување. 2.200 граѓани сами поднеле пресметка за оданочување, а за 4.400 Управата донела решенија по службена должност.
Вкупно утврдениот данок изнесува 186 милиони денари или три милиони евра за 2020 година.
Директорката Петрова нагласи дека главна цел не е само да се соберат пари туку да се создаде даночна дисциплина.
„Јас апелирам граѓаните да си ги обезбедат во овој период што им е даден и доказите за другите години бидејќи ние ќе го утврдуваме данокот и за следните периоди од 2021 до 2025 година и редовно да си ги пријавуваат отсега натаму доходите остварени во странство. Нашата цел не е само тој данок да се утврди и плати туку и отсега понатаму да се воспостави ред и функционирање на системот“, рече директорката Петрова.
Доходот се пријавува по истекот на месецот до 10. во следниот месец освен доходите од плата и пензија кои што се пријавуваат до 31 март по истекот на годината
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,94% во однос на одлуката од 29.12.2025 година.
Од 06.01.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,801 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит,.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,848 ден/кг и сега ќе изнесува 32,801 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,200% кај дизелот за 1,395%, кај екстра лесното масло за 0,463% и кај мазутот намалувањето е за 3,841%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е за околу 0,0031% повисок од курсот на доларот.
Економија
До 1 милион евра помош од државата ќе добијат компании за истражување и развој, а 4.400 евра годишно по лице ќе добиваат компаниите со нови вработувања
За да ја намали невработеноста за 20 %, колку што бара од нас Европската Унија, Владата од овој месец нуди поддршка за компаниите со нови вработувања и за компаниите со истражувања и развој. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, поддршката од државата за компаниите заедно со измените на законите кои дозволуваат сезонски вработувања на невработени вработени, студенти и пензионери без да ги изгубат стекнатите права, очекува значително да се намали невработеноста во земјава.
„Од први јануари 2026 година почнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој претставува силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање на нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето. Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати при што компаниите може да добијат до 20% од исплатената нето плата односно до 4.400 евра годишно по лице како и значителна поддршка за истражување и развој до 50% од оправданите трошоци и максимален износ до еден милион евра“, рече министерот Дурмиши.
Поддршката од државата, според министерот, е охрабрување за трансформација на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност, а комбинацијата од двата закона вели дека е начин за сузбивање на сивата економија како и активна финансиска поддршка на формалната економија.
„Тоа е јасен сигнал дека државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима со повеќе формални работни места за работниците и силна поддршка за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на нашата економија“, рече министерот Дурмиши.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Со олеснувањето за работно ангажирање сезонски работници министерот Дурмиши очекува 12.000 сезонски работници во земјоделството да бидат регистрирани за работата и околу 5400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите. Очекувањата се вкупно 17.400 лица да бидат опфатени со измените кои според министерот носат корист и за работниците и за работодавачите. „Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставна административна постапка, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување како и јасна правна заштита на нивните права. На овој начин воспоставуваме поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот“, рече министерот Дурмиши.
Во првата фаза за сезонските работници се опфатени дејностите каде што анализите покажале дека сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.

