Економија
Груевски ги охрабрува економските промотори за подиректна презентација
Премиерот Никола Груевски, во понеделник вечер оствари редовна годишна работна средба со економските инвестициски промотори на Република Македонија кои се дел од Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот-Инвест Македонија“.
На средбата присуствуваа и министрите Миле Јанакиески, Љупчо Димовски, Ваљон Сарачини, Веле Самак, Бил Павлески, директорот на Инвест Македонија Висар Фида, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо.
Груевски рече дека со ангажманот на економските инвестициски промотори многу повеќе се зголемува можноста да се контактираат странски компании и да се претстават можностите за инвестирање во Македонија.
„Голем дел од странските инвестиции се токму резултат на огромните напори и работата на разгранетата мрежа на инвестициски промотори кои редовно контактираат со потенцијалните инвеститори и создаваат простор и услови за понатамошно продлабочување на односите со компаниите и преминување во повисоки фази од разговорите со владините претставници во насока на носење одлука за реализација на инвестиција во нашата земја. Досегашната работа на инвестициските промотори е од значење за овозможување на влез на капитал и отворање нови работни места“, смета Груевски.
На средбата, премиерот Груевски бил информиран за тековните активности на вкупно 28-те инвестициски промотори, како и за текот на нивните разговори со потенцијалните инвеститори и со специфичностите со кои тие се соочуваат на глобално ниво.
Премиерот ја истакна важноста на задачата секој промотор да оствари што повеќе директни средби со бизнисмени кои се добра можност за изворно и непосредно да се презентираат поволностите и континуираните процеси и напори на Владата за подобрување на бизнис климата во државата, соопштија од неговиот Кабинет.
Груевски смета дека на Македонија и се потребни сите инвеститори. Секој кој е подготвен да отвори едно работно место е добредојден кај нас и ние ќе направиме се да се реализира таа инвестиција. Нашата крајна цел е да отвориме што повеќе работни места, истакна премиерот Груевски пред промоторите.
Директорот на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот- Инвест Македонија Висар Фида рече дека важноста на владините роуд-шоуа на кои бизнисмени од најмоќните земји слушаат за Македонија е важна, а дека тие даваат резултати, и во чија подготовка и организација значително учество имаат економските промотори.
Промоторите ја истакнаа нивната посветеност кон извршувањето на значајната и одговорна позиција, и нивните планови за уште поголем активизам во насока на привлекување на странски инвеститори, за што во 2013 година постојат реални факти и претпоставки за носење на финални одлуки на потенцијални инвеститори за влез, отворање и реализација на бизнис во Република Македонија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.

