Економија
Европски пари за изградба на пругата од Коридорот 8
Објава за подготовка на основен проект и тендерска документација за изградба на нова железничка делница од Кичево до границата со Република Албанија како дел од Коридор 8, е распишана официјално во петок на веб-страна за тендери на Европската унија(ЕУ).
Ова во петок го соопшти министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, при тоа информирајќи дека средствата од третата компонента на ИПА, односно претпристапните фондови на ЕУ за периодот 2012-2013 година и официјално се ставени на располагање на Република Македонија.
„Стратешка определба на Владата на Република Македонија е финализирање на оската исток-запад на нејзина територија, односно комплетирање на железничкиот Коридор 8, како заеднички приоритет за земјите од регионот во насока на поврзување транспортните текови од Јадранското и Јонското море со оние од Црното море“, рече Јанакиески.
Според него, со распишувањето на оваа објава денес практично започнува постапката за избор на консултант. Договорот се очекува да биде склучен во втората половина на 2013 година со времетраење од 24 месеци и буџет во износ од 8.000.000 евра.
Избраниот консултант ќе има за цел изработка и комплетирање на потребната проектна и тендерска документација за понатамошна изградба на нова железничка делница од Кичево до границата со Република Албанија, како дел од Коридорот 8, со должина од околу 63 км, железнички линк кој во моментот недостасува на правецот исток – запад на територијата на Република Македонија, а со цел да се добие зрел проект за понатамошни инвестиции и изградбата на оваа железничка делница.
Со изградбата на железничкиот коридор на целата територија на Република Македонија, ќе се овозможи пристап на железничкиот сообраќај до пристаништата во Драч и Валона.
Јанакиески соопшти дека во делот на железници приоритет е даден на изработката на главен проект и тендерска документација за изградба на делницата Крива Паланка – Граница со Република Бугарија, како дел од Коридорот 8, со што ќе се комплетира документација за понатамошни инвестиции и изградба на Коридорот 8 кон Бугарија.
„Со оваа оперативна програма се предвидени и проектите за изработка на проектна документација за железничките делници Скопје – Кичево и Велес – Битола, како и подготовка на основен проект за железничката делница Драчево – Велес“, рече министерот за транспорт и врски.
Во железничката инфраструктура предвидени се инвестиции во висина од 11.500.000 евра.
Во делот на патишта е предвидена рехабилитација на патните делници по должината на Коридорот 10 и 10д и акциски план за подобрување на безбедноста на патиштата по должината на Коридорите 8 и 10.
Според Јанакиески, приоритет е даден на проектот: „Рехабилитација на патната делница Велес-Катланово, како дел од Коридор 10“. Во текот на 2013 година се очекува да се подготви проектната документација за рехабилитација на патната делница.
„Останати делници кои се опфатени со оперативната програма за овој период се и делниците: Миладиновци – Скопје, Куманово – Миладиновци, Меџитлија – Крклино, Крклино – Прилеп и Градско – Неготино. За реализација на овие проекти во делот на патната инфраструктура, предвидени се инвестиции во висина од 38.000.000 евра“, соопшти Јанакиески.
Тој потсети дека во 2012 година започнати се шест проекти, од кои три за железничка, два за патна инфраструктура и еден за мултимодален транспорт со финансиска поддршка од ЕУ, со вкупна вредност од 224.500.300 милиони евра.
Во рамките на Оперативната програма за регионален развој во делот на транспортот, во тек е реализација на проектите:
1. Автопатска делница Демир Капија – Смоквица (Коридор 10),2. Подготовка на документација за Рехабилитација и надградба на железничката станица во Скопје,3. Подготовка на проектни студии и проектна документација за железничките делници долж коридор 10 и кракот 10д, (Куманово-Дељадровце, Драчево-Велес и Битола – Кременица),4. Подготовка на студии за развој на Стратешки мултимодални транспортни јазли,5. Проект за зајакнување на капацитети на транспортниот инспекторат од ИПА 1,6. Рехабилитација, надградба и реконструкција на поголемите железнички станици на Коридорот 10 и кракот 10Д според најдобрите практики во ЕУ.
„За реализација на овие проекти до сега се исплатени вкупно 24.452.000 милиони евра од кои за патна инфраструктура 22.810.000 милиони евра и 1.642.00,- милиони евра за железничка инфраструктура. Исплатените средства се неповратни и се донација од ЕУ и дирекно го поддржуваат економскиот раст и развој на земјата“, рече Јанакиески. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Битиќи: Минималната плата од 600 евра не е привилегија, туку право на работниците
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.
Економија
Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми
Аеродромот во главниот град на Македонија ја добива наградата ASQ по 11-ти пат. Ова признание се базира целосно на повратните информации од патниците преку анкетата ASQ што ја пополнуваат додека чекаат да се качат во авион.
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми(ACI).
Наградата која скопскиот аеродром ја добива по 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.
Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. А наградата, која се темели на оценките од патниците, покажува дека скопскиот аеродром ги исполнува нивните очекувања.
„ Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата Најпријатно аеродромско искуство во Европа од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија.
Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.
Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство.
Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:
„Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници“.
Меѓународниот Aеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2 до 5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот Aеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија како и уште два аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.
Досега, за 2012, 2015, 2013 и 2018 Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата – Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 аеродромот ја доби ASQ наградата, но во големина од 2 до 5 милиони патници годишно, врз основа на порастот на бројот на патници кој автоматски овозможи да се натпреварува со таа група на аеродроми во регионот на Европа.
Економија
По 13 години пауза, продуктоводот Солун – Скопје подготвен за работа: завршени сите технички контроли
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше на завршната техничка контрола и верификација на мерниот систем на продуктоводот преку кој ќе се транспортира дизел гориво од Рафинеријата во Солун до Рафинеријата ОКТА во Скопје. Со успешно реализираната проверка се потврдени исправноста, прецизноста и целосната функционалност на системот, со што се исполнети сите технички и контролни предуслови за негово ставање во употреба. Со ова, продуктоводот повторно започнува со работа по 13 години прекин, претставувајќи значаен чекор кон зајакнување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати и модернизација на енергетската инфраструктура.
Проверката беше спроведена од страна на Бирото за метрологија, со учество на претставници од Чешкиот метролошки институт (CMI) и лабораторијата „Метрон“ од Солун, а во присуство и на преставници од царинската служба. Заедно со овластените и стручни лица од Бирото, тие ја проверуваа исправноста и метролошките карактеристики на системот, со цел да се потврди дека мерната опрема функционира прецизно, сигурно и согласно највисоките стандарди.
Божиновска истакна дека техничката исправност и точноста на мерењето се клучни предуслови за безбедно и транспарентно функционирање на енергетската инфраструктура.
„Ова е значаен чекор кон воспоставување сигурен и модерен систем за снабдување со деривати. Прецизното мерење, контролата и меѓународната верификација значат доверба, стабилност и долгорочна енергетска сигурност за државата“, нагласи Божиновска.
Продуктоводот, пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта, по 2013 година беше предмет на инвестиции за негова пренамена во инфраструктура за транспорт на дизел гориво. Станува збор за систем во должина од 213,5 километри.
Инфраструктурата располага со 15 блок-вентил станици за подобрено управување и високо ниво на безбедност, складишни капацитети од 80.000 м³ во Грција и 30.000 м³ во Северна Македонија, како и современ SCADA систем за следење на притисок, температура и проток во реално време, што гарантира долгорочна сигурност и ефикасност.

