Економија
30 години дански конзулат и орден „Витез од прва класа на Редот на данското знаме“ за Мукаетов
Генералниот конзулат на Кралството Данска со седиште во Скопје почнa со работа во јули 1994 година по декретот издаден од данската кралица Маргарете II, која за генерален почесен конзул го назначува Трајче Мукаетов. Во 2007 година функцијата генерален почесен конзул ја презеде Живко Мукаетов.
Апликации за визи, работни дозволи, дански пасоши, дански возачки дозволи, бегалската криза во 1999 година, влезот на Данска во шенген-зоната во 2002 година, асистенција при високи државни посети, помош при многубројни предизвици со кои дански државјани се соочиле во земјата, но и промовирањето на економската соработка и данската култура во земјата, се дел од активностите што ова конзуларно претставништво ги работи веќе 30 години.
„Врските помеѓу Северна Македонија и Данска се изградени врз споделени вредности, заемни интереси и заеднички видокруг за случувањата во светот. Клучен аспект од нашата работа при зајакнување на овие врски е да ѝ се помогне на земјата да напредува на својот пат кон ЕУ. Таа работа секако ќе ја продолжиме со новата влада. Во оваа насока сакам да истакнам дека Данска ќе го преземе претседавањето со Европската Унија во 2025 година, а проширувањето на ЕУ ќе биде важен елемент на нашето претседателство. Со сите ангажмани на Данска во Северна Македонија, Генералниот конзулат на Кралството Данска играше централна улога и тоа ќе продолжи да биде така“, истакна амбасадорката Сузане Шајн во своето пригодно обраќање по повод јубилејот.
Амбасадорката Шајн, во името на данската влада, му се заблагодари на Мукаетов за неговата умешна дипломатија, силна посветеност и беспрекорен професионализам како генерален конзул. Покрај јубилејот, нејзината екселенција нагласи уште еден дополнителен повод за славење – воздигнувањето на Живко Мукаетов од „Витез на Редот на данското знаме“ (орден што Мукаетов го доби во 2016 година) во „Витез од прва класа на Редот на данското знаме“.
„Оваа голема чест беше едно од последните одликувања на нејзиното височество, кралицата Маргарете II ,пред нејзиното абдицирање од тронот во полза на синот, неговото височество, кралот Фредерик Дестти“, рече амбасадорката Шајн при одликувањето.
Орденот на данското знаме првпат бил воведен во 1671 година од страна на кралот Кристијан V кога Редот имал само еден степен, наречен „Бел витез“. Во 1808 година, по иницијатива на кралот Фредерик IV, Редот на данското знаме бил поделен во четири степени, од кои првиот е резервиран за членови на кралското семејство. Ова исклучително признание, кое е едно од најстарите во светот, оддава почит за посветена работа за интересите на Кралството Данска за заслужна државна ,или воена служба, за посебен придонес во сферите на уметноста, на науката или бизнисот. Регистарот на данските кралски ордени на витештвото, кој се води од 1884 година, содржи околу 40.000 автобиографии на одликувани лица. Од јуни 2023 година Мукаетов исто така ја извршува и функцијата конзул на Кралството Норвешка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

