Економија
Обама смета дека без подигнат плафон за задолжување САД ќе влезат во економски хаос

Американскиот претседател Барак Обама го предупреди Конгресот дека одбивањето да се подигне границата за американското задолжување во февруари може земјата да ја турне во економски хаос.
На прес-конференцијата во понеделникот американскиот претседател Барак Обама соопшти дека економијата на САД ја очекува добра година, доколку во неа не се вмеша вашингтонската политика.
Според Обама, републиканското одбивање да се подигне границата за задолжување, би ги довело САД во ситуација да не можат да ги отплатат долговите, а тогаш американската влада не би можела да ги обезбеди правата од системот за социјална заштита на некои постари лица,а економијата би можела да влезе во рецесија.
„Самите би и’ нанеле рана на сопствената економија“, рече претседателот Обама.
Американскиот претседател порача дека веќе се согласил на многу ограничувања на потрошувачката, а на републиканците кои бараат големо кастрење во потрошувачката за да се согласат на подигнување на границата за задолжувањето, им порача дека „нема да успеат да го наплатат согласувањето да не ја уништат американската економија“.
Forbes потсетува дека Обама на последната прес-конференција од неговиот прв претседателски мандат реле оти „довербата на американскиот народ не е средство за преговарање“. Овојпат тој порача дека „САД не е држава којашто не ги плаќа своите долгови“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Алкалоид“ отвори нови хоризонти во третманот на ГЕРБ со течниот „омепразол“

Како носител на првиот меѓународен патент за лек со додадена вредност – Омепразол во течна форма: готов за употреба – „Алкалоид“ беше покровител на Првата меѓународна конференција за современ пристап во третманот на ГЕРБ кај педијатриските пациенти, организирана во Загреб, Хрватска.
Повеќе од 200 здравствени професионалци од областа на педијатријата, гастроентерохепатологијата, нутриционизмот, експерти од фармацијата и од фармакологијата, претставници на академската заедница, како и претставници на „Алкалоид“ учествуваа на првиот глобален настан под покровителство на компанијата посветен на најновите достигнувања во третманот на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај доенчињата и кај малите деца.
Настанот во фокусот го имаше првиот патентиран течен Омепразол, иновација која носи значителни подобрувања во педијатрискиот третман на ова често заболување. Омепразолот ѝ припаѓа на групата инхибитори на протонска пумпа и претставува терапија од прв избор при лекувањето на ГЕРБ, традиционално достапен во форма на гастрорезистентни таблети, капсули или прашок за растворање, што ја отежнува неговата примена кај доенчињата постари од еден месец, малите деца, кај пациентите со тешкотии при голтањето, пациентите со гастрични сонди за хранење, како и кај геријатриските пациенти.
„Алкалоид“ за првпат во историјата успеа да го развие омепразолот во патентирана течна форма, овозможувајќи нов, практичен и ефикасен пристап во третманот кај овие чувствителни групи пациенти.
„Овој производ ја потенцира посветеноста на ’Алкалоид’ кон врвни достигнувања во сферата на фармацијата и поставува нови стандарди во генеричкото производство на лекови, со фокус на иновацијата и пазарната диференцијација. Иновативниот лек со додадена вредност на ’Алкалоид’ веќе отвора нови хоризонти во третманот на ГЕРБ кај педијатриските пациенти, пред сè, во поглед на достапноста на терапијата, што претходно не беше случај, прикажувајќи позитивни резултати во третманот на овие чувствителни групи на пациенти и подобрувајќи го квалитетот на живот на семејствата кои се соочуваат со ова често заболување“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“.
По патентирањето во септември 2023 година, течниот Омепразол за првпат беше пуштен во употреба во февруари 2024 година на пазарите во Македонија и во Обединетото Кралство, а оваа меѓународна конференција претставуваше извонредна можност за размена на клинички искуства, како и за споделување добри практики и иновативни пристапи во педијатриската пракса.
Здравствените професионалци од Македонија, Обединетото Кралство, Белгија, од Словенија, Хрватска, БиХ, Бугарија, Романија, Србија и од Косово дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат во третманот на ГЕРБ, како и за придобивките од воведувањето на оваа иновативна формулација на Омепразол, укажувајќи на неговата ефикасност, безбедност и на подобрената подносливост кај најмалите пациенти.
Тим од експерти од разни области во „Алкалоид“ 6 години работеше на развојот на течниот Омепразол.
Иновативниот концепт на овој лек вклучува двокоморно шише за еднократна употреба, кое одделно содржи два раствора – еден со висока pH и еден дилуент.
Со мешање на растворите непосредно пред употребата се добива стабилна формулација со оптимална pH-вредност, која ја заштитува активната супстанција од деградација при контакт со желудочната киселина, овозможувајќи соодветна, безбедна и ефикасна примена на терапијата кај педијатриските пациенти, како и кај другите чувствителни групи на пациенти.
За да се задоволат специфичните барања во процесот на производство на овој лек, „Алкалоид“ инвестираше во наменски изработена машина, соодветна за овој иновативен производ, осигурувајќи ефикасен и одржлив синџир на негова испорака низ светот. Омепразол растворот е достапен на пазарите во Македонија, Велика Британија, Ирска, Романија и Хрватска. Во моментов, производот се наоѓа во постапка за добивање на маркетиншка авторизација во повеќе други земји.
Економија
Еколошкиот систем за гаснење пожар на Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска награден за патент на годината

Еколошкиот систем за гаснење пожар, изум на компанијата за истражување и развој „Веда“ и на изумителите Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска, ја доби највисоката државна награда за изуми „Патент на годината“.
Наградата традиционално годишно ја доделува Државниот завод за индустриска сопственост.
„Веда“ е мала семејна компанија основана во 1991 од Јанковски, кој е инженер и истражувач, а ја раководи ќерката Јанковска-Михајловска.
„Ова е многу значајно за развој на нашиот бизнис бидејќи сме фирма што ги продава технологиите што ги создава. Но, без иновации нема напредок. Овој пронајдок е значаен за развојот на разни бизниси во кои може да се имплементира, а во исто време да ја заштити животната средина“, вели Јанковска-Михајловска.
Изумот овозможува гаснење во моментот на настанување на пожарот, што е приоритет во техниките на гаснење. Користи супстанција која е потврдена како нетоксична според меѓународните стандарди и протоколи, а тоа е важно затоа што Европската комисија постојано ги заострува регулативите поврзани со емисија на токсични гасови.
Оваа супстанција е соодветна за употреба во станбени и јавни простори, во простории во кои има луѓе и е безбедна алтернатива на постојните системи за гаснење пожари, кои, поради нивната штетност за околината, се во процес на повлекување во Европската Унија.
„Системот може да се примени во разни сектори, електрични возила, камиони, автобуси, воена и полициска опрема, системи за производство на енергија од сонце и ветер. За време на ковид-кризата со тимот работевме интензивно на овој систем, со поддршка на Фондот за иновации, и стасавме до фаза во која веќе може да влезе во индустриско производство“, изјави изумителот Јанковски.
Овој пронајдок во 2022 година ја доби првата награда на американскиот натпревар за висока технологија поддржан од американската армија и од Министерство за одбрана на САД, а следната година Искра Јанковска-Михајловска во Вашингтон го доби признанието жена во фокус на технологијата.
Економија
Итно зголемување на платите, во спротивно ќе останеме без кадар, порача Пешевски

Според потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија за приватниот сектор, Иван Пешевски, приватниот сектор во Македонија е главен двигател за економската состојба на државата.
Приватниот сектор, како што посочи, е нешто што мора веднаш да се подобри со квалификуван кадар и млади луѓе.
„Но, за овие две работи, потребни се достоинствени, односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра, туку 500 евра минимална плата, која ќе се множи со коефициентот на сложеност и со тоа ќе пораснат и другите плати“.
Во овие дејности од приватниот сектор, како што истакна, не треба да има плати помали од 50.000 и 60.000 денари и барањето се однесува на сите работодавци од приватниот сектор, особено на оние што пред некој ден се изјасниле дека нема квалификуван кадар.
Пешевски им порача дека кадарот ќе недостига уште повеќе доколку работодавците не ја зголемат платата.
Потсети дека ССМ активно работи на правна заштита на работниците и појасни дека во текот на 2024 година бесплатна правна помош и заштита добиле над 12.234 работници, кои се обратиле до ССМ.
Тој објави дека додека се разгледува барањето на ССМ за бројот на членови, пријавени се повеќе напади кон членовите на гранките во ССМ, како и притисоци за отчленување и фаворизирање друг синдикат, кој не бара зголемување на платите.
„Оттука, се сомневаме дека можеби и затоа тој е омилен синдикат на Владата. Нашиот апел е да не се наседнува на ваков тип на притисок“, порача тој.
Ги повика работниците да се приклучат кон првомајскиот протест, а Владата и газдите, конечно, да ја побараат вината во своите редови бидејќи, како што рече, државата ќе остане и без тие работници.
Итно зголемување на платите, особено на работниците во приватниот сектор, порача Пешевски.