Економија
УЈП апелира да се поднесат годишни даночни пријави за данок на доход
Управата за јавни приходи апелира до фирмите и до даночните обврзници, навремено да пријават персонален данок на доход, за што рокот истекува до 15 март, а до сега поднесени се само 1.000 пријави од очекуваните 200.000.
Образецот ПДД-ГДП е бесплатен, а граѓаните може да го симнат од интернет или да го добијат во канцелариите на УЈП.
Граѓаните се должни да поднесат годишна даночна пријава до 15 март, а пријавувањето трае од 1 јануари, информираат од УЈП.
„Субјектите кои имаат извршено исплати на физички лица во текот на 2012 година имаат обврска до 15 февруари да ги достават на физичките лица годишна пресметка за исплатените приходи и за данокот на персонален доход, односно олеснувањата и ослободувањата што ги имаат искористено“. Во исто време, правните субјекти, самостојните вршители на должност и другите субјекти кои имаат исплатено приходи, должни се да достават Извештај до УЈП во коишто ќе ги искажат сите приходи исплатени на физички лица во текот на 2012 година“, рече Мухедин Абдиќ, раководител на Сектор за услуги на даночни обврзници во УЈП.
Од УЈП констатираат дека во овој период мал број граѓани поднесуваат пријави, и се чека последниот ден иако УЈП има обезбедено повеќе начини на доставување,електронски, традиционално во хартиена форма до УЈП или по пошта.
По електронски пат 3.130 граѓани можат да поднесат пријава до УЈП, затоа што се регистрирани и го имаат потребниот УСБ токен.
УЈП има востановено и мобилни даночни шалтери кои со комбиња шетаат до сите населени места,а распоредот може да се погледне на нивната веб страница. Исто така, има отворено даночни шалтери во самите општини, а за Скопје ги има во Општина Илинден, Гази Баба и Чаир.
Обврска да поднесат даночна пријава имаат обврска да поднесат лицата кои дале објект под закуп, потпишале авторски договор, исплатена им е дивиденда, оствариле капитална добивка од продажба на имот или учество на берза, добивка од игри на среќа, примања од странство, дипломатски приход и друго.
Не се должни да поднесат пријава лицата кои имаат приходи само од плата, од пензија, земјоделство или самостојна дејност.
„Управата за јавни приходи очекува во текот на 2013 година да се поднесат годишни даночни пријави до 200.000 илјади“, рече Абдиќ.
Со последните измени на Законот за персонален данок од доход извршени се измени во однос на капиталните добивки и тргување со хартии од вредност, што ќе бидат изземени од оданочување, но тие промени се однесуваат на 2013 година, така што сите граѓани кои имаат остварено капитални добивки во 2012 година, оваа година мора да пријават.
До сега, поднесени се околу 1.000 пријави на данок на доход, а во 2012 година, биле поднесени 174.030 пријави.
Казната за неподнесување пријава изнесува од 500 до 1.000 евра, а лани тоа не го сториле 33.000 граѓани./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

