Економија
Наумоф и Павловски – нови членови на Одборот на директори на Македонија 2025
Џери Наумоф и Крис Павловски се избрани за нови членови на Одборот на директори на Македонија 2025 на редовната седница на одборот одржана на 31 Јануари.
Џери Наумоф е со потекло од Ѓавато, а е роден во Колумбус, Охајо каде неговото семејство го отворило и повеќе од 30 години успешно го водело семејниот ресторан.
Добивајќи стипендија од Ball State University, Наумоф дипломирал маркетинг и бизнис администрација. Има повеќе од 30 годишно искуство во секторот на човечки ресурси, бенефиции и менаџирање на ризик. По искуствата во неколку големи осигурителни компании и водечки консултантски куќи во Чикаго, во 1993 година ја основа „Наумоф Груп доо“, консултантска компанија за менаџирање на ризик. Живее во Чикаго со својата сопруга, со која имаат шест деца, а двајца од нивните синови работат и студираат во Македонија.
Наумоф, ентузијастичен и харизматичен по природа, поседува клучни стратегиски вештини и има голема желба за успех и придонес во работата и мисијата на Македонија 2025.
„Почестен сум од можноста да бидам дел од оваа група на исклучителни личности. Се надевам дека со својата страст кон Македонија и посветеноста на промовирање на македонскиот идентитет и одличните инвестициски можности ќе бидат мојот придонес кон мисијата на организацијата“, изјави Наумоф при неговиот избор во одборот на Македонија 2025.
„Својата посветеност кон повисоки цели Џери ја има покажано поддржувајќи повеќе професионални и социјални иницијативи и промовирајќи ги инвестициските и бизнис можности во Македонија. Тој е човек со силен личен интегритет и етичен систем на вредности. Горди сме што ќе ни се приклучи и веруваме дека неговото учество ќе даде придобивки за остварување на нашата мисија: економски развиена Македонија“, изјави Мајк Зафировски, претседател на Македонија 2025 претставувајќи го Наумоф на членовите од одборот.
Крис Павловски е млад претприемач од Канада со повеќе од 10 години искуство во маркетинг и онлајн рекламирање. Има богато корпоративно портфолио, работејќи за Microsoft, Warner Bros, Universal, Paramount, Virgin Mobile, Lionsgate, Coors, и Red Bull. Тој е еден од основачите на Jokeroo и е Главен извршен директор на JMG, канадска компанија основана во 2009 за онлајн дистрибуција на забавни и лајфстајл содржини. Под негово водство компанијата бележи успех остварувајќи милиони долари годишен приход. Истовремено тој е и маркетинг директор на Next Giant Leap, компанија за вселенски истражувања која се натпреварува за наградата Google Lunar X. Во Македонија со својот партнер Рајан Милнс ја има основано софтверската компанија Космик Девелопмент и по две години во неа веќе работат над 50 млади луѓе. Г. Павловски бил номиниран од Ernst & Young за Млад претприемач на годината во 2010. Со својата сопруга живее и работи во Торонто, Канада.
„Довербата која Македонија 2025 ми ја укажа со ова унапредување на мојата вклученост во организацијата, за мене претставува чест, а истовремено и одговорност и инспирација за постигнување поголеми и поконкретни резултати во работењето“ – изјави Павловски за неговата промоција во одборот на директори на Македонија 2025.
Претседателот на организацијата, Зафировски, при промоцијата на Крис Павловски во член на одборот на Директори изјави: „Крис е инспиративен, харизматичен и непосреден млад човек за кого не постои невозможна мисија. Тој веќе подолго време дава исклучителна поддршка на Македонија 2025 преку својата компанија во Скопје. Неговите претприемачки, визионерски и лидерски квалитети ќе бидат богат ресурс за сите вклучени во нашата професионална мрежа“.
Македонија 2025 им посака срдечно добредојде на Наумоф и Павловски во својот одбор. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

