Економија
Македонија успешно ги презентира туристичките потенцијали на саем во Софија
Македонија успешно ги претставува туристичките потенцијали и можности на саемот за туризам во Софија, Бугарија кој се одржува од 14 до 16-ти овој месец.
Република Македонија во најфреквентниот период ги претстави своите туристички потенцијали и можности на официјална прес конференција пред огромен број на новинари, а на кои се обратија Амбасадорот на Република Македонија во Бугарија, Благој Ханџиски, Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Јордан Трајков, Економскиот промотор на Република Македонија во Бугарија, Ана Стојкова.
„На полето на туристичката размена, резултатите на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот за 2012 година покажаа дека Бугарија се наоѓа на петтото место после Грција, Турција, Србија и Холандија. Ние работиме на тоа Бугарија да најде меѓу првите три наши туристички партнери – затоа што за тоа ги имаме сите претпоставки – и затоа што тоа им доликува на нашите два блиски соседни народи“ изјави Благој Ханџиски, Амбасадор на Република Македонија во Република Бугарија.
Васко Шутаров, директор на Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија истакна дека културата е едно од најпрепознатливите обележја на Р.Македонија и едно од највредните туристички богатства, што нашата држава може да им го понуди на гостите од сите светски меридијани.
„За публиката во Софија, во рамките на програмата на Културно-информативниот Центар, помогнато од Министерстввото за култура, организиравме концерт на младата гитаристка Македонка Ичева, која покрај класичниот опус на гитара, се претстави и со обработка на познати македонски евергрини и староградски песни. И на македонскиот штанд на Саемот, единствено ние како држава имавме своја културна програма, а настапот на Македонка Ичева со грст интерпретации од најубавата македонска музичка ризница, предизвика исклучителен интерес кај гостите на Саемот за туризам-Софија 2013 година“, изјави Шутаров.
Економски промотор на Република Македонија во Бугарија, Ана Стојкова потенцираше дека Република Бугарија претставува исклучително важен економски и туристички партнер на нашата земја и од двата аспекти е позиционирана во првите пет земји со кои Македонија остварува успешна соработка во изминатите години.
„Во рамките на Меѓународниот саем за туризам беше организирано успешно претставување на новините во областа на туризмот на Република Македонија пред речиси 100-тина тур-операторите и туристички новинари од Република Бугарија. Ваквиот одзив на презентацијата и на впечатливиот штанд, посетата на министерот за економија на Р. Бугарија, г-дин Делјан Добрев и остварените меѓусебни бизнис контакти се релевантен показател за интересот на бугарските туристи за Р. Македонија како туристичка дестинација и ни дава за право да очекуваме зголемување на нивниот број во нашата земја во идниот период“, вели Стојкова.
Македонија се претставува на осмиот по ред меѓународен саем оваа година од вкупно седумнаесет со свој впечатлив штанд и нови промотивни материјали. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

