Економија
Со законски реформи се поедноставуа постапката за стечај
По формирањето на Комитетот за стечај, Владата усвои план за суштинска реформа на законодавството за стечај, со што ќе се забрзаат процесите за решавање на стечајните постапки, ќе се зголеми транспарентноста на процесите, ќе се зголемат и стимулираат можностите и опциите компаниите да не одат во стечај, туку оние кои се соочуваат со предизвици во својата работа да бидат насочувани кон реорганизација на деловниот потфат и продолжување со работа.
„Владата денес ја отвора јавната дебата за оваа сериозна и суштинска реформа на законодавството. Владата усвои правна рамка во која ќе се дефинира Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за стечај“, соопшти денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
При потешкотии во работата наместо одење кон гасење на компанијата преку стечајна постапка ќе се стимулира реорганизација на деловниот потфат, односно опциите да се продолжи со работа преку квалитативни измени во бизнисот. За таа цел, привремениот стечаен управник ќе добива значителна финансиска награда која ќе биде поврзана со фиксен износ во зависност од големината на конкретниот бизнис.
Со цел зголемување на транспарентноста на процесите, отстранување на аномалиите и подобро процесуирање на постапките ќе се воведе електронско постапување во делови од стечајната постапка, која ќе гарантира независност и фокус на приоритетите.
„Одлуките од судот во врска со стечаите ќе се објавуваат на новововедена електронска рубрика Е-стечај на веб страна на Централниот регистар; се воведува електронско именување на стечајни управници со што се врши рамномерна распределба на предметите;…се воведува електронска продажба на имотот на должникот; се ограничува бројот на огласи за продажба на 3 огласи, и по 3 неуспешни обиди се распределува имотот на доверителите и се заклучува стечајната постапка. Со ова се елиминира одолговлекувањето на постапките со што се избегнува намалување на вредноста на имотот што е предмет на продажба“, рече Ѓорѓиев.
Третиот корпус на измени се однесува на значително намалување на роковите за постапување, со што ќе се придонесе за брзо процесуирање на предметите, ефикасност и ефективност, и заштита на вредноста на имотот.
Се укинува стечајниот совет како орган кој решава по жалби и со тоа се скратува времетраењето на постапката, а по спорови во врска со стечајот наместо во парнична постапка кај друг судија ќе се решава пред стечајните судии со што се добива во време.
Во просек роковите за постапување се кратат за половина од постоечките, а финалните ќе бидат утврдени по јавната дебата.
„Овој Нацрт-предлог закон за измена и дополнување на Законот за стечај е испратен до меѓународни организации за да дадат мислење и евентуално да го подобрат квалитетот на законот, а ќе има и јавна дебата за текстот на законот со засегнатите страни“, реќе Ѓорѓиев.
Во само една година на функционирање на Комитето за стечај бројот на стечајни постапки, односно предмети, кои се заклучуваат односно завршуваат на годишно ниво е зголемен за 50%, и тоа од просечните помеѓу 80-100 постапки кои се завршувале во текот на изминатите години, минатата година се затворени 150 постапки. Тоа придонесува и вкупниот број на активни стечаи, како резултат на работата на Комитетот за стечај, да е намален за 20 отсто./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

