Економија
Средба на министерот Димовски со амбасадорот на Словенија Бранко Раковец
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, во четвртокот се сретна со амбасадорот на Словенија, Бранко Раковец.
На средбата стана збор за соработката на двете земји во областа на земјоделството која се реализира согласно Договорите меѓу Владата на Македонија и на Словенија за соработка во областа на заштита на растенијата и за соработка на полето на ветеринарна медицина.
Како што истакна министерот Димовски, Словенија е еден од стратешките партнери на Република Македонија во поддршката на структурните и правни реформи во процесот на европската интеграција. Тој го информираше амбасадорот Раковец дека словенечката Влада издвојува одреден буџет за исполнување на стратешките приоритети на Владата на Македонија односно реализирање на европската ориентација на Македонија.
Главно техничката поддршка од Република Словенија во областа на земјоделството се реализира согласно Програмата за техничка соработка која се ажурира и надополнува секоја година. Техничката помош преку оваа програма се реализира преку различни форми на поддршка експертска помош, студиски посети, обуки, работилници и тоа во областа на руралниот развој, сточарството односно млеко производството, подготвување на оперативната структура за спроведување на ИПАРД, различни сегменти од земјоделскиот – информативен систем, како и уредување на заеднички пазари за одделени земјоделски производи.
Оваа година во рамките на Програмата за техничка соработка во областа на земјоделството техничката помош ќе се реализира областа на фитосанитарната политика анализа на земјоделската политика, трговската политика, шумската и ловната инспекција, зоотехниката, како и во областа на семето и садниот материјал.
Министерот Димовски додаде дека покрај Програмата за техничка соработка, интензивна техничката соработка со словенечките колеги и во словенечките институции е реализирана и преку TAIEX инструментот и тоа, во областа на фитосанитарната инспекција, семе и садниот материја, органското земјоделско производство, медиумска кампања за руралниот развој итн. Исто така, истакна тој, преку АгБиз програмата обезбедена е експертска помош во процесот на подготвување на значајни стратешки документи за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а спроведени се обуки за зајакнување на вештини на преговарачките тимовите за поглавје 11 за земјоделството и руралниот развој. Дополнително, кажа Димовски, словенечки експерти учествуваат и обезбедуваат поддршка во рамките на ИПА проектите од 1 компонента (техничка соработка и институционална надградба) како што беше во рамките на проектот за Агро-еколошката програма, уредување на заедничките пазари итн.
Исто така министерот Димовски кажа дека во тек е втората фаза од проектот поддржан од ИПА 1 компонента „Понатамошна надградба на системот за идентификација на земјишните парцели со Интегриран административен и контролен систем” кој го спроведува Геодетскиот завод од Цеље на Словенија, кој исто така ја реализираше и првата фаза од овој проект.
Амбасадорот Раковец му се заблагодари на минисерот за искажаните зборови за билатералната соработка и истакна дека оваа успешна соработка помежу двете земји треба да продолжи и понатаму. На крај министерот Димовски изрази благодарност до амбасадорот Раковец за подршката која ни ја дава Словенија посебно во областа на земјоделството и стакна дека оваа успешна соработка може само да се продлабочува. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash

