Економија
Официјално најавено инвестирањето на три турски компании во Македонија

Три турски компании на средба со директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, Висар Фида, во Анкара, Турција официјално ги најавија инвестициите во Македонија, а според директорот на Агенцијата станува збор за компании кои ќе инвестираат во областа на медицината.
„Станува збор за компанијата Матек, која ќе инвестира околу 15 милиони евра во Македонија и ќе вработи околу 200 лица, компанијата Истем медикал која планира да инвестира околу 20 милиони евра и да вработи околу 250 лица и компанијата Тотал која исто така планира да инвестира околу 15 милиони евра и да вработи околу 250 луѓе. Сите три компании се од медицинската техника и ќе инвестираат во зоната Бунарџик во Скопје”, изјави директорот на Агенцијата Висар Фида.
Како што велат од компаниите, благодарејќи на можноста да се запознаат со инвестициските услови во земјата донеле одлука за инвестирање во Македонија.
„Ние како Истем медикал имавме можност да се запознаеме со можностите кои ги нуди Владата на Македонија за инвестирање во земјата и видовме дека можностите за инвестирање се навистина подобри од Турција и затоа решивме да инвестираме во Македонија”, изјави претставник на компанијата Истем медикал.
Компаниите Тотал и Матек, исто така, ќе инвестираат во Македонија благодарејќи на добро понудените услови за инвестирање.
„Веруваме дека за кратко време ќе ја реализираме инвестицијата во Македонија и ќе постигнеме голем успех”, изјави директорот на компанијата Тотал.
Компаниите заедно се очекува да инвестираат околу 50 милиони евра во земјата. Ќе се отворат над 600 нови работни места од кои 350 ќе се реализираат во првата година од работењето на трите компании./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Силна профитабилност во првиот квартал од 2025 година во услови на меѓународно опкружување исполнето со предизвици

Во првиот квартал од 2025 година, цените на суровата нафта се движеа помеѓу 60 и 68 долари за барел што претставува намалување во однос на опсегот од 68 до 93 долари за барел, во првиот квартал од 2024 година. Ваквиот пад првенствено беше предизвикан од неизвесноста околу развојот на глобалниот трговски протекционизам, инфлаторните притисоци и геополитичките тензии. Инфлацијата доведе до повисоки трошоци за производство, додека геополитичките прашања го дестабилизираа пазарот. Како резултат на трговските тензии, проекциите за растот на глобалната побарувачка за нафта беа намалени, за разлика од општото зголемување на цените во првиот квартал од 2024 година, предизвикано од геополитички ризици и нарушувања во снабдувањето.
Обемот на продажба во првиот квартал од 2025 година изнесуваше 247 илјади М³, со пад од 10% споредено со истиот период минатата година. Производите беа пласирани на двата пазари на кои компанијата традиционално работи (домашниот и извозниот), при што извозот учествуваше со 24% во вкупниот обем на продажба.
Бруто-добивката достигна 269 милиони денари, што претставува намалување од 9% споредено со истиот период минатата година. Добивката пред оданочување изнесува 107 милиони денари.
Прилагодената ЕБИТДА за периодот достигна 137 милиони денари, бележејќи годишен раст од 25%. Ова е резултат од зголемената продажба на домашниот пазар, зголемените чисти извозни бруто-маржи, повисоката бруто маржа на електрична енергија и намалувањето на оперативните трошоци за 5%. Остварената ЕБИТДА забележа пад од 15% споредено со истиот период лани, главно поради негативниот ефект на вреднување на залихите од 20 милиони денари, наспроти позитивниот ефект од 28 милиони денари постигнат во претходната година.
Во согласност со своите стратешки приоритети и одлуката да ги зајакне инвестициите во почисти извори на енергија и да ги намали емисиите на јаглерод диоксид, компанијата инвестираше 9 милиони денари во проекти за обновливи извори на енергија во текот на првиот квартал од 2025 година. Овие тековни инвестиции не само што придонесуваат кон одржливоста на животната средина, туку обезбедуваат и значителни економски придобивки.
Посветеноста на компанијата на својата стратегија за ООП останува цврста и доследна, особено во поглед на поддршката на средината и заедницата каде што ОКТА работи. Годината започна со фокус на иднината на земјата – децата и младите. Преку нашата годишна донација од 6.000 литри екстра лесно масло за греење на СОС Детското село во Скопје, обезбедивме доволни количини за целосно покривање на потребите за греење за целата година. Ваквиот придонес значително ги подобрува условите за живот на децата без родителска грижа.
Во текот на првиот квартал од годината, ОКТА ја најави својата програма за стипендии за постдипломски студии во земјата и во странство. Оваа иницијатива го поддржува нашето уверување дека инвестирањето во образованието и новата генерација значи инвестирање во поодржлива и посигурна иднина. Нашите вработени пак, повторно ја покажаа својата посветеност на општествената добробит преку учеството во првата традиционална крводарителска акција за оваа година, потврдувајќи ја својата непоколеблива посветеност на хуманоста и благосостојбата на заедницата.
ОКТА има за цел да ја задржи својата лидерска позиција на локалниот пазар преку обезбедување на редовно и непрекинато снабдување со горива од највисок квалитет до своите клиенти на пазарите на кои работи. Унапредувајќи ги своите иницијативи за автоматизација, компанијата работи на подобрување на својата организациска ефикасност, намалување на трошоците и поставување на цврста основа за идни остварувања.
Преку прифаќање на иновациите и приспособливоста, ОКТА не само што обезбедува континуитет, туку и придонесува за подобрување на општеството, поттикнувајќи одржлив напредок и стабилност за сите.
ПР
Економија
„Бехтел и Енка“ на средба со градежната индустрија за коридорите

На 29 април 2025 година, во кампот на Бехтел ЕНКА во Гостивар, се одржа значајна средба помеѓу менаџментот на компанијата и домашните компании членки на Здружението на градежнишво при Стопанската комора на Северна Македонија.
Овој настан, организиран во рамки на соработката помеѓу Бехтел ЕНКА и Стопанската комора, имаше за цел да ја продлабочи соработката и да овозможи поголема вклученост на домашните градежни компании во реализацијата на Коридорите 8 и 10д – два од најзначајните инфраструктурни проекти во земјата и поширокиот регион.
Џош Бејкер, проектен менаџер во Бехтел ЕНКА, изрази благодарност за конструктивната соработка со Комората и за силниот интерес од домашните компании. Тој истакна дека моментално околу 60% од снабдувачите на проектот се локални, како и повеќе од 90% од подизведувачите, со цел дополнително да се зголеми ова учество.
„Со нетрпение очекуваме да изградиме длабоки и соработувачки партнерства со талентирани домашни компании и да работиме заедно за постигнување на највисоки стандарди за безбедност и квалитет,“ изјави Бејкер.
Тој додаде дека и покрај почетните доцнења поради експропријација, градежните активности на делниците Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола напредуваат стабилно, а делницата Тетово–Гостивар е во фаза на засилено активирање.
„Повеќе од 35 години, Бехтел ЕНКА успешно реализира автопатски проекти низ Балканот, благодарение на силната соработка меѓу нашите директно вработени тимови и подизведувачите, од кои поголемиот дел се од локалниот пазар во кој работиме. Овој модел на партнерство – изграден врз тимска работа, взаемно учење и заедничка посветеност – е клучот за нашиот успех. И на нашиот тековен проект го продолжуваме овој пристап, и веќе гледаме ветувачки резултати во областите каде што сме вклучиле подизведувачи. Во Бехтел ЕНКА, ние не ги доделуваме обврските и потоа се повлекуваме; работиме рамо до рамо со нашите подизведувачи за да обезбедиме безбедност, квалитет и навремена испорака. Ова обединето залагање е суштинско за постигнување на највисоките стандарди низ целиот проект“, истакна Џанберк Атила, заменик раководител на проект – менаџер за изградба и терен.
Крис Хинспетер, бизнис менаџер на проектот, додаде дека Бехтел ЕНКА е посветена на транспарентност во процесите за набавка и подизведување. „Сакаме овој процес да биде отворен и достапен. Колку повеќе локални компании се приклучат, толку посилен ќе биде проектот,“ изјави тој.
Техничките менаџери Озкан Доган (подизведување), Хакан Билај (земјени работи), Фатих Курт (структури) и Чаглар Кандемир (карпи и постројки) ги презентираа процедурите и можностите за регистрација и квалификација на домашните компании, охрабрувајќи ги активно да аплицираат за наредните можности.
Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска одговорна во Комората за инфраструктура и економски развој ја истакна подготвеноста и капацитетот на македонските компании во вклучување на овие значајни инфраструктурни проекти: „Нашите компании имаат децении искуство, и дома и во странство. Веруваме во заеднички настап – обединување на домашната експертиза со меѓународни стандарди.“
Стопанската комора на Северна Македонија ја потврди својата поддршка за своите членки и ги повика сите заинтересирани компании да ги контактираат за помош и ресурси поврзани со ангажманот на проектот.
Економија
Мицкоски: Добив одлична вест во авион – растот на индустриското производство за март е 5,2 отсто

На пат од Валенсија кон Скопје, добив одлична вест во авион: раст на индустриското производство за март од 5,2% на годишно ниво, споредено со март 2024 година и после долго време раст на индустриското прозводство на квартално ниво, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Имено, во првиот квартал од 2025 споредено со првиот квартал од 2024 година, индустриското производство порасна за 2%. Посебно радува фактот што расте преработувачката индустрија во Март за 4,8%, а во првиот квартал за 3,6%. Што наследивме како влада? Во вториот квартал од 2024 година, индустриското производство паѓаше со -7%, а индустријата беше во тешка рецесија. Следеа два квартали на стабилизација и конечно имаме во првиот квартал од 2025 година раст на индустриското производство, во исклучително сложени услови за Европската економија и автомобилската индустрија“, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.
Според него, ова се солидни индикатори и инспирација Владата да продолжи со дисциплинирани и развојни економски политики.