Економија
Сараќини: Со поголеми субвенции, до повеќе странски туристи

Министерот за економија Ваљон Сараќини во петок ги информираше туристичките работници за новиот правилник за организиран странски промет, како и нискобуџетните летови.
„Владата годинава одлучи да го зголеми буџетот за субвенционирање на организираниот странски промет и тој за 2013 година изнесува 60.000.000 денари”, изјави министерот Сараќини, потенцирајќи дека од оваа година субвенционирањето, освен за земјите од Бенелукс, ќе важи и за Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Обединетите Арапски Емирати и Јапонија.
Тој додаде дека од 2014 година субвенциите ќе важат и за туристите од Кина и Индија, додека од 2015 година и за Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија, САД и Англија.
Сараќини информираше дека зголемување ќе има и на субвенциите за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај за домашните и странските превозници. За оваа намена годинава се проектирани 86 милиони денари, а за 2014 година дури 135 милиони.
„Придобивките од овој вид субвенции ни се веќе познати, и тоа преку ‘Визер’ во 2012 година отворени се шест нови линии за Малме – Шведска, Дортмунд и Минхен – Германија, Базел – Швајцарија, Аидховен – Белгија и Милано – Италија, а за 2013 година ‘Визер’ отвори уште две линии за Стокхолм и Гетеборг”, потенцираше Сараќини.
Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Јордан Трајков потсети дека престојот на гостите во Македонија мора да биде со најмалку три ноќевања и појадок во некои од угостителските објекти.
„За да добијат субвенции организаторите до Агенцијата мора да достават копии од договорите со превозниците (автобуски, авионски или железнички), копии од сметките и податоци за бројот на гостите. Потребно е да се достават и документи за договорот за закуп за сместување на туристите”, рече Трајков.
Роковите за аплицирање за сите видови барања од 1 јануари до 30 септември тековната година се 60 дена од заминувањето на групата и 30 дена од заминувањето на групата за сите видови барања од 1 октомври до 31 декември тековната година.
Претставникот од туристичката агенција „Фибула” Асим Меџедовиќ, истакна дека на 4 мај ја очекуваат првата чартер група од Холандија, дека следната година очекуваат зголемен број на туристи. Преку Фибула во 2012 година имало зголемување на бројот на туристите за 35%, а оваа година очекуваат бројката да биде уште поголема. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.