Економија
Премиeрот Груевски го најави влезот на шест странски компании
Шест странски компании веќе имаат донесено одлуки, три од нив од Турција и три мултинационални од различни држави од Европа, потврди во петокот премиерот Никола Груевски, на промоцијата на проектот за подземната сообраќајница во главниот град Скопје.
Претходно во четвртокот три турски компании на средба со директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, Висар Фида, во турската престолнина Анкара официјално ги најавија инвестициите во Македонија во областа на медицината.
Според најавите компанијата „Матек” ќе инвестира околу 15 милиони евра и ќе вработи околу 200 лица, компанијата „Истем медикал” планира да инвестира околу 20 милиони евра и да вработи околу 250 лица и компанијата „Тотал” , исто така, планира да инвестира околу 15 милиони евра и да вработи околу 250 луѓе. Сите три компании се од медицинската техника и ќе инвестираат во зоната Бунарџик крај Скопје.
Како што велат од компаниите, благодарејќи на можноста да се запознаат со инвестициските услови во земјата донеле одлука за инвестирање во Македонија. Компаниите заедно се очекува да инвестираат околу 50 милиони евра во земјата. Ќе се отворат над 600 нови работни места од кои 350 ќе се реализираат во првата година од работењето на трите компании.
„Трите турски компании деновиве заедно со директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции Висар Фида ги објавија своите намери за инвестирање. Другите три очекуваме до крајот на април или почетокот на мај, кога тие ќе одлучат да се објават нивните одлуки. Од нив дел се заинтересирани за Скопје, но дел и за внатрешноста во Македонија. Една од нив е заинтересирана за охридско-струшкиот регион, односно во таа ТИРЗ која наскоро ќе почне да се гради. Друга е определена за Велес…”, рече Груевски.
Премиерот посочи дека покрај шесте споменати компании, уште „најмалку толку се влезени во финална фаза” и треба да направат избор да дојдат во Македонија или во уште една друга земја.
„Верувам дека и кај овие ќе имаме добар успех и дека во поголем дел од нив конечниот избор ќе биде Република Македонија. Активно работиме на ова. Ова е нашиот главен приоритет – привлекување инвестиции независно дали се домашни или странски, отворање нови работни места за граѓаните на Република Македонија. Тоа е главниот фокус на Владата и не случајно се ангажирани двајца министри кои специјално се занимаваат со тоа како никогаш претходно пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година и разгранета мрежа на промотори во 30-ина земји, истакна премиерот Никола Груевски.
Во петокот, пак, британската компанија „Асенд Капитал” која воедно е и сопственик на „Актив Груп” со глобална мрежа од кол-центри во Европа и Африка, директно од Велика Британија ќе инвестира во Македонија, односно ќе отвори кол центар за директен маркетинг и регионална продажба на еколошки препарати за чистење, инвестиција вредна неколку стотици илјади евра. Од регионот, првично ќе бидат опфатени земјите од Балканот, како Србија, Бугарија, Косово и Турција, а во Македонија ќе бидат отворени првично до 100 до 150 работни места.
Oваа првична инвестиција ќе претставува одлична платформа за проширување на нaшите инвестиции во Македонија. Лично му се заблагодарувам на г-дин Фида за начинот на кој нé прими во земјата и што на вистински начин ни ги презентираше сите можности за инвестирање во Македонија”, рече директорот на „Актив Груп”, Џастин Драмонд
Од Агенцијата за странски инвестиции најавија и дека се во очекување на одлука за инвестирање на уште една британска компанија од технолошкиот сектор и нови 400 вработувања./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

