Економија
Германците задоволни од бизнис климата во Македонија, но имаат и забелешки
Перцепциите за Македонија како дестинација за инвестирање се позитивни, поволни се оценките и за општата економска состојба, но има и критики во одредени полиња, како што е правната сигурност, ефикасноста на јавната администрацијата и процесот за влез во ЕУ.
Ваков заклучок може да се извлече од анкетата спроведена меѓу 165 членови членовите на Македонско-Германското стопанско здружение во првиот квартал од 2013 година.Резултатите од анкетата за конјунктурата во Македонија во 2013 која ја спроведоа Македонско-Германското стопанско здружение и Унијата на Германските комори за индустрија и трговија, покажува дека половина од анкетираните планираат зголемување на своите инвестиции и исто толку очекуваат зголемување на извозот. Во овогодишната анкета за бизнис климата во Македонија постои оптимизам кај компаниите за развојот на сопствената деловна состојба во тековната година, но изнесена е и критична проценка за актуелната економска состојба и за локалните услови, кои играат значајна улога при оценувањето на Македонија како дестинација за инвестирање. Сопствената деловна положба 44% од компаниите ја оценуваат како позитивна, а 50% како задоволителна. „Видливо е преовладување на оптимизам во проценката на сопствената деловна состојба, а исто така 60% од анкетираните компании очекуваат подобрување на сопствената деловна состојба во текот на годината. Само 12% очекуваат влошување“, изјави Михаел Шмит, директорот на Германска стопанска комора во Македонија. Исто така позитивно се оценува развојот во сопствената стопанска дејност. Позитивни вести стигаат и од областа на инвестициитеe, со оглед дека 45% од компаниите кои учествувале во анкетата изјавуваат дека планираат оваа тековна година да вложат во нови инвестиции. Минатата година оваа бројка изнесуваше 39%. Проценката на актуелната економска состојба во земјата во споредба со претходната година само минимално се подобрила. Процентот на оние кои ја оценуваат актуелната економска состојба како лоша намален е на 42% од 48% во минатата година.Над половина од анкетираните германски и македонски компании не очекуваат промена во тековната 2013 година. Како предност на Македонија како бизнис дестинација и место за инвестирање се набројуваат квалитетот на високото образование, квалифицираноста на вработените, продуктивноста на вработените, трошоците на трудот, стручното образование и даночниот систем, односно даночното оптеретување. За негативни страни се посочуваат правна сигурност, пристапот до државна и финансиска поддршка од страна на ЕУ, процесот на интеграција во ЕУ, ефикасност на јавната администрација, јавната инфраструктура, политичката стабилност Економските и политичките рамковни услови во Македонија претежно сè уште се оценуваат како негативни иако скоро кај сите видливи се подобрувања во споредба со претходните години. „Под итно треба да се превземат мерки за подобрување на правниот систем, ефикасноста на јавната администрација, пристапот до државна и ЕУ-поддршка и процесот за влез во ЕУ. Потребен е поголем фокус на подобрување на овие рамковни услови кои од почетокот на спроведувањето на анкетата се оценуваат лошо,“ истакна Михаел Шмит. Сепак и оваа година 90% од анкетираните компании изјавуваат дека повторно би инвестирале во Македонија. Претседателот на Македонско-Германското стопанско здружение Матијас Ханел нагласи дека и покрај лошото оценување на локалните услови треба да се истакне дека скоро кај сите оценети локални услови има подобрување во споредба со претходната година.Ханел истакна и дека за поздравување се и напорите за привлекување на странски инвестиции од страна на македонската Влада кои ги даваат првите резултати.„Не радува фактот што две големи германски инвеститори од автомобилската индустрија во минатата година се одлучија да инвестираат во Македонија. Исто така германски компании учествуваат во реконструкцијата на РЕК Битола, обновата на жележничките пруги во Македонија и модернизацијата на сообраќајната сигнализација во Скопје. Овие компании можат да послужат како добар пример за понатамошни германски инвестиции,“, рече Ханел.Анкета за бизнис климата во 2013 година истовремено била спроведена во 20 држави од поширокиот регион, при што Македонија го зазела четвртото место во поглед на атрактивноста за инвестирање.Од пошироката анкета може да се заклучи дека ниските трошоци повеќе не се пресуден фактор кај германските бизнисмени при носењето на одлуката за инвестирање, туку важна улога има и големината на пазарот.Интересен е податокот што ниту влезот во Европската унија не е пресуден фактор, што може да се види по примерот на Словенија и Хрватска, кои не се највисоко рангирани на оваа листа.Македонско-Германското стопанско здружение (МГСЗ) е основано 2000 год. во Скопје по иницијатива на Унијата на Германскитe комори за индустрија и трговија од Берлин. Со своите 170 компании-членки тоа претставува најголемо билатерално здружение во Македонија, кое игра значајна улога во застапувањето на интересите и активното поврзување на компаниите кои учествуваат во економските односи меѓу Германија и Македонија. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

