Економија
Ќе се зајакнуваат правата на малцинските акционери
Воведување можности за засилување на акционерскиот активизам на малцинските акционери и давање поголеми права на оваа група и пролонгирање на рокот за поднесување на годишните завршни сметки на компаниите се дел од реформата на Законот за трговски друштва најавен во средата од владата.
Со новиот текст на Законот акционер или група на акционери кои имаат најмалку 10% од основната главнина на трговското друштво, врз основа на постоење сомневање за можни нерегуларности во водењето на трговските книги и активностите на трговското друштво, односно дека трговското друштво постапува спротивно законските одредби имаат право да бараат од органот на управување да свика Собрание на трговското друштво на кое ќе се назначи овластен ревизор кој ќе изврши увид, ревизија, проверка, уверување или поврзани услуги во делокругот на активностите на трговското друштво за кои во барањето е изразено сомневање за постоење на можни нерегуларности, информираше владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој појасни дека доколку, по поднесувањето на барањето на малцинските акционери, Собранието на акционери не се свика во рок од 8 дена, или пак Собранието на акционери се свика, но одбие да номинира овластен ревизор или пак Собранието на акционери во рок од 60 дена од поднесување на барањето не донесе одлука за назначување на овластен ревизор, тогаш малцинските акционери кои поседуваат најмалку 10% од акциите од основната главница на друштвото можат да бараат од надлежен суд да донесе одлука за назначување на овластен ревизор.
Овластениот ревизор треба да исполнува два услови – со трговското друштво или акционерите да нема конфликт на интереси во смисла на Законот за ревизија, како и во последните три години да не давал консултантски услуги на трговското друштво или акционерите.
Трошоците за назначување и надоместок за овластениот ревизор паѓаат на товар на акционерите кои го барале назначувањето. Доколку по завршувањето на увидот, овластениот ревизор утврди дека постојат нерегуларности во водењето на активностите, односно во работењето на друштвото, трошоците за назначување и надоместок за овластениот ревизор паѓаат на товар на трговското друштво.
Втората измена на законот е на барањето на Комората на сметководители за пролонгирање на рокот за поднесување на завршните годишни сметки на микро, малите, средните и големите компании.
Со досегашниот текст на Законот компаниите имаа обврска годишната завршна сметка за претходната (оперативната) година да ја достават до Централниот регистар на Република Македонија до 28 февруари во годината што следи по претходната (оперативната) година. Со новите измени, новиот рок до кој што компаниите ќе може да ја поднесат годишната завршна сметка за претходната (оперативната) година е 15 март во годината што следи по претходната (оперативната) година. Средните и големите компании ќе имаат обврска да ја поднесат својата завршна годишна сметка исклучиво во електронска форма.
Трговците поединци ќе може како и досега годишната завршна сметка да ја доставуваат до 15 март, и во хартиена и во електронска форма. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
„ЛИДЛ“ почна изградба на маркет во Гевгелија: Инвестиција што носи раст, нови вработувања и поддршка за домашните производители
Со свечена церемонија на поставување камен-темелник, Lidl официјално ја започна изградбата на уште еден маркет во земјава. Овој продажен објект ќе биде лоциран во Гевгелија и е прв маркет на Lidl во оваа општина, како дел од долгорочниот инвестициски план на компанијата во Македонија.
Маркетот во Гевгелија ќе се протега на површина од 2.356 квадратни метри, со продажен простор од 1.507 квадратни метри. Дополнителна придобивка за купувачите ќе бидат и предвидените 130 паркинг места, што ќе овозможат удобно и практично пазарење.
Со реализацијата на овој проект Lidl ја потврдува определбата за вложувања во современи малопродажни објекти изградени според највисоки стандарди, кои овозможуваат пријатно корисничко искуство и нудат внимателно селектиран асортиман, со оптимален сооднос меѓу високиот квалитет и поволните цени, како препознатлив белег на компанијата на сите пазари.

Директорот за недвижности во Лидл Северна Македонија, Гоце Гаврилов, истакна дека инвестицијата во Гевгелија е потврда за довербата на компанијата во потенцијалот на македонскиот пазар и економија.
„Со стартот на изградбата на маркетот во Гевгелија продолжуваме со стратегијата за ширење на продажната мрежа и долгорочно инвестирање во земјата. Нашата цел е да изградиме продажни места кои се пространи, светли и современи, со модерен изглед, со еколошки материјали и со фокус на енергетска ефикасност, создавајќи удобно искуство за нашите потрошувачи, но и квалитетна работна средина за нашите вработени“, нагласи Гаврилов.

Тој потенцира дека секоја нова инвестиција на Lidl има пошироко економско и општествено значење за локалната заедница и за националната економија со отворањето на нови работни места и соработката со домашните производители. Во таа насока тој истакна дека се посебно горди што преку продажната мрежа на Лидл за 2025 година е остварен извоз на македонски производи во вредност од 15.5 милиони евра.
Гаврилов додаде дека компанијата има одлична соработка со институциите на локално и централно ниво, која се надева ќе продолжи и во иднина, заблагодарувајќи им се на градоначалникот Сарамандов и на Советот на општината за досегашната конструктивна соработка, како и на тимот на компанијата и нејзините партнери вклучени во реализацијата на овој проект.

Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека оваа инвестиција е значаен чекор за развојниот потенцијал на општината.
„Гевгелија е меѓу првите градови во кои почнува изградба на маркет на Lidl, инвестиција која дополнително ќе ја засили атрактивноста на нашата општина. Таа ќе придонесе за нови можности за вработување, за зајакнување на локалната економија и за збогатување на понудата за потрошувачите. Убеден сум дека соработката со Lidl ќе продолжи успешно и во идниот период“, изјави Сарамандов.
Lidl е дел од групацијата Schwarz, со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Европа. Компанијата управува со околу 12 600 маркети и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 држава, а вработува над 382.000 луѓе.
ПР
Економија
Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.
„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.
„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.
Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.
„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.
Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.
„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.

