Економија
„Да купуваме македонски производи“ повторно на фискалните сметки
Пораките „Да купуваме македонски производи“, „За наше добро“ и „Произведено во Македонија“ заедно со знакот сонце, како симбол за македонски производи, ќе стојат од почетокот на наредната година на фискалните сметки.
Министерот за финансии Зоран Ставрески во средата информираше дека Мотивот за ваквата одлука, донесена на владина седница, е да се поттикне купувањето на македонско производи и да се поддржи македонското стопанство.„Заради времето во кое живееме и заради општите услови во европската и македонската економија сметаме за потребно да се поддржат македонските производи и да се даде поттик за нивно користење и на сметката да може секој да види колкав е вкупниот промет од македонски производи, односно колку од вкупната сметка се однесува на производи со македонско потекло“, рече Ставрески.Тој оцени дека производството на македонски производи зависи од тоа колку во трговијата тие се користат, колку се употребуваат од страна на потрошувачите.Патриотските фискални каси беа оспорени од страна на Уставниот суд во 2008 година, но предлагачите на законските измени не стравуваат дека и сега може да биде оспорена оваа мерка.„Интервенцијата на Уставниот суд од јануари 2008 година се однесуваше на правилникот за примена на законот и беше повеќе од технички аспекти. Уставниот суд нема интервенирано во делот на законот за регистрирање на готовински плаќања“, изјави директорот на Управата за јавни приходи (УЈП) Горан Трајковски, додавајќи дека одлуката е јасна и може да се погледа.Истовремено со законските измени се воведува промена во делот на поврзување на секоја фискална апаратура во реално време со УЈП, која на тој начин ќе има поголема прегледност во регистрирањето на прометот кој се извршува преку фискалните апарати. Секој фискален апарат ќе биде поврзан со УЈП, која на крајот на денот ќе има информации за трансакциите, за вкупниот промет за секој субјект. Со ова практично се воведува поголема транспарентност во работењето на стопанските субјекти и поголема можност за УЈП да ги има информациите и врз база на проценката на тие информации да го следи работењето на стопанските субјекти, изјави министерот Ставрески.Тој информираше дека субјектите нема да имаат обврска да ги сменат своите фискални каси, туку да ги надградат постоечките, а направените трошоци ќе бидат регулирани преку даночен кредит, односно ќе бидат пресметани како даночно олеснување./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

