Економија
Конкурс за управители на Фондот за иновации
Владата распиша оглас кој ќе трае до 7-ми јуни за пријавување интерес за ангажирање лица за раководни позиции, односно управители на Фондот за иновации и технолошки развој, и тоа директор, членови на Управен одбор и на Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот, кој е во формирање, соопшти во петокот на редовната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
„Интенција на Владата е лицата што ќе конкурираат да бидат професионалци коишто се докажани во својата област и кои извршувале работи во полето на иновациите, имаат верифицирано образование, познавање странски јазици и го познаваат реалниот бизнис сектор“, рече портпаролот Ѓорѓиев.
За директор на Фондот како главно управно тело кој ќе врши оперативни задачи може да аплицираат сите оние кои поседуваат високо образование од областа на економските или техничко-технолошките науки, имаат најмалку пет години работно искуство во оваа дејност и познаваат најмалку еден странски јазик. Потребни се седум членови на Управниот одбор, а може да аплицираат лица што имаат завршено високо образование од областа на економијата, финансиите, правото и иновациите или иновациската дејност и треба да имаат пет години работен стаж на полето на проблематиката со иновации. Може да се аплицира и за Комитетот за одобрување на инвестициите и иновациите кои треба да биде составен од пет извршители за кои се бара лица со високо образование кои најмалку десет години работеле на проект од областа на иновациите и имаат меѓународна потврда и верификација на нивната дејност.
„Апелираме да аплицираат што поголем број кандидати за да може да управуваат со овие раководни позиции и да дадат поддршка на бизнисмените во Македонија, да дадат отвореност за нивните идеи да ги поддржат, да ги финансираат и на тој начин да помогнат во економскиот развој на Република Македонија, но и овозможување на што поголем број работни места“, рече портпаролот на Владата.
Со формирање на Фондот, се очекува значително придвижување на работите во поглед на иновациите и иновациската дејност.
„За ова, Владата користеше советодавна помош од врвни израелски експерти кои учествувале во креирање на иновациската политика во државата Израел, која важи за една од најдобрите во светски рамки, а ќе бидат вклучени и во имплементацијата на Фондот“, нагласи Ѓорѓиев.
Фондот за иновации и технолошки развој е вклучен во Законот за иновациска дејност кој Владата го усвои и е во собраниска процедура.
„Фондот е предвиден со стратегијата за иновации која Владата ја усвои во октомври минатата година и тој ќе биде централно тело преку кој ќе се креира, формулира и реализира политиката на Владата и на државата во областа на иновациите и технолошкиот развој. Интенцијата на Владата е Фондот да биде професионализиран и во него да бидат вклучени најспособните кадри кои имаат најголемо искуство во областа на иновациите и технолошкиот развој и имаат бизнис отвореност и бизнис пристап да ја разбираат економијата, да имале искуство во рамките на реалниот сектор за да може подобро да одговорат на барањата на компаниите“, појасни владиниот портпарол.
Фондот, како што рече Ѓорѓиев, ќе има задача да биде централно тело во рамки на политиката на иновации, ќе извршува голем делокруг на задачи предвидени во рамки на неговата дејност, меѓу другото тој ќе врши помош и поддршка, советодавна, но и финансиска на сите новоотворени компании кои ќе побараат помош, советодавна и финансиска поддршка во рамки на иновацискиот пристап на компаниите што реализираат определени иновации и ги применуваат во рамки на својата дејност и ќе ги поврзува домашните компании со странските платформи кои финансираат развој на иновациската дејност.
Во првиот период, една година од усвојување на Законот во Собранието целокупната логистика ќе ја врши државата, односно Владата преку сопствени извори, преку Буџетот. По ова ќе се премине и кон парцијално финансирање од надворешни извори, односно користење на проектот на Светската банка, проект за развој на вештини и искористување на платформите што ги нуди Европската унија за финансирање на иновациите кој изнесува 140 милиони евра наменет за државите во Југоисточна Европа.
„Во периодот додека државата го финансира развојот на Фондот ќе се финансира основање на стар ап компании и на иновации со грантови до 10 илјади евра, комерцијализација на иновациите изработени од страна на домашните компании со поддршка до 30 илјади евра и еквити и мезанин фондови со поддршка до 80 илјади евра, а по стекнувањето на право да се користат и надворешни извори овие дејности ќе бидат зголемени. Прагот на финансирање ќе биде зголемен двојно, а ќе бидат предвидени и дополнителни дејности“, дополни Ѓорѓиев./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Над 600 вработени во ЕСМ стекнаа вештини за стабилен и одржлив енергетски систем
Министерството за енергетика, рударство и минерални во соработка со АД ЕСМ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), го одбележа завршувањето на два проекти за развој на работната сила кои ја поддржуваат праведната енергетска транзиција. Церемонијата за доделување сертификати се одржа во Битола, со присуство на надлежни претставници од институциите и меѓународните партнери.
Проектите се дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, координирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Целта е да се поддржат работниците и заедниците погодени од транзицијата од јаглен преку зајакнување на вештините, подобрување на вработливоста и градење отпорност во енергетскиот сектор.
Во рамки на двата проекта, повеќе од 600 вработени во ЕСМ учествуваа во структурирани програми за обука кои опфатија технички и менаџерски вештини, вклучително продуктивност, управување со енергија, лидерство, комуникација и инсталација на соларни системи. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за техничка соработка и Bloomberg Philanthropies, преку ЕБОР.
Поздравувајќи го завршувањето на програмата, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави:
„Праведната транзиција не значи само чиста енергија. Таа значи луѓето да имаат место во иднината што ја создаваме. А промените бараат нови вештини, нови пристапи и постојано учење. Затоа вложувањето во знаење е еднакво важно како и вложувањето во нови енергетски капацитети. Модерната енергија започнува токму тука – со луѓето. А модернизацијата не се случува сама — таа се учи, се гради и се води. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да се справат со претстојните промени. Ова ја прави институцијата посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат, а државата добива посигурен и постабилен енергетски систем. На сите што се стекнаа со сертификаати сакам да им порачам: Ова не е само признание за завршена обука — ова е доверба дека токму вие сте носителите на промените. “
Говорејќи на настанот, раководителот на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, ја нагласи важноста од инвестирање во луѓето како основа за успешна енергетска транзиција. Тој истакна дека региони како Битола и Осломеј со децении играат клучна улога во обезбедувањето на националната енергетска сигурност, и дека работниците и заедниците мора да бидат поддржани додека енергетскиот систем се трансформира.
ЕБОР, исто така, го најави започнувањето на платформата „Women-led Coal Transition“ во вредност од 150.000 американски долари за Северна Македонија, која особено ќе ги поддржи жените вработени во енергетскиот сектор и погодени од транзицијата.
„Како што регионите зависни од јаглен влегуваат во ново поглавје, континуираните инвестиции во вештини, иновации и локален економски развој ќе останат клучни за обезбедување просперитет на заедниците како Битола и Осломеј во услови на енергетска транзиција. Завршувањето на овие програми претставува значаен чекор во патот на Северна Македонија кон праведна транзиција, покажувајќи дека долгорочното инвестирање во луѓето е од суштинско значење за изградба на модерен, конкурентен и одржлив енергетски систем“, соопштија од Министерството.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.

