Економија
Македонија го усогласува платниот промет со европските стандарди
Модерен, ефикасен, брз и стабилен систем за платен промет, со поголемо прифаќање на безготовинските плаќања, зголемување на ефикансноста на надворешните плаќања и создавање на услови за лесно приклучување кон платните системи во Единствената европска платежна област.
Ова се дел од целите на Стратегијата за развој на платниот промет на Република Македонија за периодот 2013-2017 година, што во вторникот во Скопје ја потпишаа гувернерот Димитар Богов, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и претседателот на Здружението на банкарство Ѓорѓи Јанчевски.Развојот на националниот платен систем во наредниот петгодишен период е насочен кон задоволување на потребите на корисниците на платежните услуги што произлегуваат од промените во деловните процеси, кон примена на последните технолошки достигнувања и кон натамошно усогласување на работењето со меѓународните и европски стандарди и правила, се вели во заедничката изјава.„Со стратегијата се дават насоките кои што треба да се движиме во унапредувањето на платната инфраструктура на Република Македонија и во овој период треба да направиме значителен напредок кон онаа платна инфраструктура и начинот на функционирање на платните системи во Европската унија“, изјави гувернерот Богов. Според него, потпишувањето на Стратегијата покажува добро ниво на меѓуинституционална соработка каде што беа вклучени, повеќе институции од финансиската сфера и е пример како треба да се продолжи со работа и понатаму.Вицепремиерот Ставрески истакна дека реформата на платниот систем била една од најуспешните реформи спроведени во Македонија во изминатите десетина година. „Со новата национална стратегија, којашто денеска ја потпишавме, продолжуваме во насока на модернизација на платните системи во Република Македонија, нивно усогласување со европските стандарди, намалување на безготовинското плаќање, настојуваме да овозможиме да се намалат и цените за платежните услуги, “изјави Ставрески. Тој оцени дека самиот факт дека со денешното потпишување учествуваат трите главни чинители покажува дека постои висок степен на координација и во делот на дефинирање на стратегиските цели и во делот на оперативните инструменти за нивна реализација.Претседателот на Здружението на банкарство Ѓорѓи Јанчевски оцени дека денешното потпишување е еден логичен пат од далечната 2000 година кога почна спроведување на реформскиот закон за платен промет.„Ова значи дека не останавме на тоа ниво, туку како што се развиваше Република Македонија ние правевме надоградба на тој закон, и дојдовме од едно ниво да имаме сигурен, стабилен платен систем во кој банките се носители’, рече Јанчевски.Тој изрази уверување дека Стратегијата ќе придонесе да се надминат некои надминат некои сериозни ограничувања кои ги имале банките, пред се во платниот промет со странство.Стратегијата за развој на платниот промет на Република Македонија за периодот 2013-2017 година е насочена кон осум клучни приоритетни области.Првата насока е правната рамка, односно усогласувањето со законодавството во ЕУ. Втората насока е унапредување на платежната статистика и усогласување со методологијата на платежната статистика на Европската централна банка.Третата насока се системите за плаќање, порамнување и клиринг на трансакциите во државата, при што се предвидува анализа и постепена примена на меѓународните европски стандарди и правила за работа.Четвртото поглавие од Стратегијата е наменето за интерниот платен систем за државните органи и институции, при што ќе се посвети поголема функционална поврзаност со другите платни системи во земјата и вклучување на податоците на платежната статистика.Во петтата насока, надворешните плаќања, се предвидува зголемување на ефикасноста преку постепено укинување на обврската на банките да известуваат за платните трансакции со странство за потребите на статистиката за билансот на плаќања.Со шестата насока, надзор на системите за плаќање и порамнување, Стратегијата предвидува натамошно усогласување со меѓународната методологија и стандардите за работа на платните системи и системите за порамнување на хартиите од вредност.Последните две насоки се наменети на зголемување на безготовинските плаќања и јакнењето на институционалните капацитети./крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.

