Економија
Први бизнис средби на македонски и шведски тур-оператори
Во организација на амбасадата на Република Македонија во Шведска, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот и Turkish Airlines, во средата во Охрид првпат се одржаа бизнис средби на тур-оператори од Шведска и Македонија.
Повеќе од триесетина тур-оператори и хотелиери од Македонија се сретнаа со тур-операторите од Шведска со кои разменија искуства, интереси и контакти за идната соработка помеѓу овие две држави.
„Првата посета на шведските тур-оператори на Македонија и остварените средби со македонските оператори и хотелиери се продолжение на бројните активности што ги презема амбасадата на Република Македонија во Стокхолм и Владата на Република Македонија. Оваа посета несомнено ќе придонесе за зголемување на интересот на Шведска и Скандинавија за туристичките потенцијали и економски поволности на Република Македонија. Посебно ме радува можноста што шведските тур-оператори ги посетија сите позначајни туристички локалитети и локации на Македонија, и по враќањето во Шведска Македонија да се најде на туристичките понуди на Шведските тур-оператори преку пренесувањето на нивното позитивно искуство од остварената посета“, рече амбасадорот на Република Македонија во Шведска, Кире Илиоски.
Средбата меѓу македонските туристички работници и нивните колеги од Шведска, ги поздрави и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој изрази задоволство од повторното враќање на странските туристи на охридското крајбрежје, како и од активностите за нивно привлекување во поголем број.
„По речиси дведецениско намалување на бројот на странските гости , последниве години може да се почувствува нивното враќање. Тоа е тенденција која нé радува, но и нé мотивира заедно со централната власт, туристичките работници и научните кругови да креираме и да промовираме нови туристички пакети. Со тоа, се надеваме дека ќе бидеме поконкурентни на европскиот и светскиот туристички пазар“, рече Бакрачески.
Додаде дека годинава првите чартер летови со странски туристи веќе почнаа да пристигнуваат а така ќе биде во септември.
„Охрабрени од сé помасовното присуство на странските туристи, очекуваме продолжување и зголемување на туристи во туристичкава сезона“, изјави Бакрачески.
„Ова се едни од многуте тур-оператори кои пројавија интерес за Македонија, што е показател дека Македонија станува сé поатрактивна дестинација за странските туристи. Досега тур-операторите од Шведска се одушевени од она што го нуди Македонија, се надевам дека тоа воодушевување ќе резултира со нешто конкретно за кратко време“, рече Маја Глигоровска, портпаролка на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.
Економија
Биткоинот забележа силен пад
Цената на биткоинот денеска падна под 67.000 долари, првпат од ноември 2023 година, во услови на засилена распродажба и намалена доверба кај инвеститорите, објави Си-Ен-Би-Си.
Биткоинот се тргуваше по цена од околу 67.500 долари, откако претходно во текот на денот падна под психолошката граница од 70.000 долари, што дополнително ја засили распродажбата. Само оваа недела вредноста на криптовалутата е намалена за околу 20%, а во однос на рекордното ниво од октомври минатата година е пониска за речиси 47%.
Аналитичарите предупредуваат дека нивото од 70.000 долари претставува клучна техничка и психолошка граница и дека нејзиното пробивање отвора простор за понатамошен пад, потенцијално кон опсегот од 60.000 до 65.000 долари.
Падот на биткоинот се случува паралелно со слабеењето на технолошките акции во САД и зголемените присилни ликвидации на криптопазарот. Според податоци на Coinglass, оваа недела се ликвидирани повеќе од 2 милијарди долари во долги и кратки позиции.
Во исто време, институционалните инвеститори се повлекуваат. Аналитичката куќа CryptoQuant наведува дека побарувачката од институционални инвеститори значително се намалила. Другите криптовалути исто така бележат значителни загуби.
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)

