Економија
Министерот Сараќини ги презентираше измените на Законот за енергетика
Министерот за економија Ваљон Сараќини во вторник на прес конференција ги претстави измените и дополнувањата на Законот за енергетика, акцентирајќи ги поинтересните моменти и новитети содржани во овој Закон.
„Новините на Законот за енергетика можат да се поделат на две области, гасификација и енергетска ефикасност. Имено, во последно време сè повеќе зборуваме за гасификацијата како еден од клучните енергетски инфраструктурни проекти. И на централно и на локално ниво гасификацијата е приоритет“, истакна Сараќини.
Тој додаде дека со оваа измена на Законот за енергетика се создава законски основ да се донесат и применуваат техничките прописи за проектирање, изградба и одржување на гасоводни системи со цел усогласување и хармонизирање на техничката регулатива во рамките на проектот „Хармонизација на техничката регулатива во земјите од Југоисточна Европа“, во кој учествува и Република Македонија.
Министерството за економија со рамките на овој Закон предвидува и едукација и обуки на кадри кои во иднина ќе оперираат со гасоводните системи, што е еден од првите предуслови за поактивно ширење на гасификационата мрежа и тоа на стручен и безбеден начин.
„Ова за економијата значи поевтин енергенс и зголемување на конкурентноста, што е од клучно значење. Измените на Законот за енергетика дефинитивно ги поставуваат најважните предуслови за сериозно отпочнување на процесот на гасификација на едно пошироко ниво и нудат еден системски пристап на овој процес, а ќе генерираат и нови работни места“, рече министерот за економија.
Имено, со измените и дополнувањата на Законот за енергетика се предвидува подигнување на стандардите за енергетска ефикасност преку носење на три подзаконски акти – Правилник за енергетски карактеристики на зградите, Правилник за енергетска контрола и Правилник за информациски систем за следење и управување на потрошувачката на енергија во јавните институции.
Правилникот за енергетски карактеристики на згради и Правилникот за енергетска контрола се веќе готови и со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика отпочнува постапка за нивно донесување. Правилникот за информациски систем треба да се донесе во рок од 9 месеци од денот на влегување во сила на измените на Законот. Изготвена е првична нацрт верзија на правилникот и тој се доработува со експертска поддршка од УНДП.
Според Сараќини, придобивките од донесувањето на овие правилници, а со тоа и од измените на Законот за енергетика се големи, бидејќи се воведуваат неколку новитети, како сертификат за енергетски карактеристики, лиценци за вршење на енергетска контрола и овластен енергетски контролор.
Преку овие мерки ќе се дефинираат условите и стандардите на зградите и јавните објекти, а зградите во зависност од степенот на енергетска ефикасност што ја нудат ќе бидат класифицирани и ќе добијат енергетски пасоши.
Проверка на имплементацијата на одредбите од овие правилници ќе вршат лиценцирани енергетски контролори, кои ќе поминат посебна обука. Токму овој сегмент ќе генерира нови вработувања, а обуката на идните енергетски конотролори ќе ја врши Агенцијата за енергетика. Се очекува голем интерес за оваа професија, а набргу ќе бидат дефинирани и сите детали околу условите за пријавување и динамиката на обуките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

