Економија
Големи потенцијали за економска соработка меѓу Македонија и Естонија
Добро е естонските компании да ги искористат ниските даноци, намалувањето на административните бариери, добрата работна сила и останатите поволности кои ги нуди Македонија, порача претседателот на Стопанската комора на Естонија, Томас Луман, на економскиот форум во Талин.
Економскиот тим на Владата предводен од премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо, присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Талин, Естонија кој се одржа во организација на Стопанската комора на Естонија, а на кој учествуваа претставници на компании од информатичко – комуникациската технологија, техничката индустрија, недвижностите, земјоделството и туризмот.
Груевски во своето воведно излагање се осврнал на можностите за економска соработка помеѓу двете држави кои спроведуваат и водат слични економски политики и мерки.
Тој ги запознал присутните со инвестициските можности кои ги нуди Македонија, притоа акцентирајќи го македонскиот даночен пакет кој е најнизок и најповолен во Европа како силна компаративна предност на нашата земја за привлекување на инвестиции. Премиерот Груевски истакна дека имаме најнизок даночен пакет во Европа. Персоналниот данок е 10 отсто и данокот на добивка е 10 отсто, но само за компаниите кои ќе ја распределат добивката како дивиденда. За оние кои ќе ја акумулираат или пак реинвестираат добивката, односно нема да ја распределат како дивиденда, данокот е нула отсто. Две третини од компаниите ја користат оваа исклучително поволна можност, истакна пред присутните премиерот Груевски.
Премиерот Груевски ги претстави и поволностите кои се нудат во технолошко – индустриските развојни зони. Тој посочи дека во тие зони постои период од десетгодишно даночно ослободување, што значи дека компаниите кои ќе се лоцираат во нив во период од десет години не плаќаат никаков данок, ниту на добивка, ниту персонален данок, а постојат ослободувања од плаќања на царини за увоз и ДДВ за репроматеријалите кои доаѓаат од увоз и се користат во зоните за производство кое оди за извоз.
„Меѓу Македонија и Естонија постојат големи потенцијали за развој на соработката на секое поле. Ние сме свесни за ниските даноци, за намалувањето на административните бариери, добрата работна сила и останатите поволности кои ги нуди Македонија и приватните естонски компании е добро да се запознаат и да ги искористат тие можности“, рекол претседателот на Стопанската комора на Естонија, Томас Луман.
Вицепремиерот Пешевски ги објаснил реформите кои се спроведуваат за намалување на процедурите и инвестициите во образованието со цел креирање на соодветна и добро образована работна сила. Компаниите се основаат за само четири часа, одобренијата за градба се издаваат електронски, а институциите се поврзуваат и обезбедуваат логистика за компаниите. Инвеститорите кои ќе дојдат може да очекуваат помош и од Владата и од институциите, истакна Пешевски.
Министерот Бил Павлески ги претставил можностите за инвестиции во туризмот, земјоделството, во енергетиката и во градежништвото. Тој во своето излагање пред присутните на форумот истакна дека една од најкрупните мерки која е насочена кон привлекување на странски инвестиции во туризмот е определувањето на почетна цена од едно евро за метар квадратен за купување на градежно државно земјиште за изградба на хотели и мотели.
„Како резултат на ваквата мерка, како и континуираната поддршка на туризмот, веќе таквата шанса за инвестиции ја препознаа значајни хотелски брендови кои започнаа изградба на хотели во Македонија. Ваквиот тренд на реформи и постојана отвореност за нови инвестициски можности ја следи и сферата на градежништвото, енергетиката како и сите останати сфери кои го поттикнуваат развојот“, рекол Павлески.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Мизо подробно ги објасни можностите за инвестирање кои им стојат на располагање на инвеститорите во отворените технолошки индустриски развојни зони кои на заинтересираните им нудат низа поволности. Мизо посочи дека реномирани компании со седиште во САД, Германија, Швајцарија, Италија и од други држави веќе инвестираа во изминатите години во Македонија што е потврда за сериозните напори кои ги прави Република Македонија на инвестициски план./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

