Економија
Македонија подготвена да учествува во кинеските проекти

Премиерите на Кина и на Македонија, Кечианг Ли и Никола Груевски се согласија дека Македонија е подготвена да учествува со проекти во планираните 10 милијарди долари кои Кина планира да ги стави на располагање на земјите од Централна и Југоисточна Европа.
„Премиерот Ли оцени дека НР Кина исклучително го цени патот на реформите, напредокот и развојот кој е одбран како клучна определба на Република Македонија, при што посочи дека неговата држава е спремна за поинтензивна трговска и економска размена и се надева и очекува добра искористеност од македонска страна на средствата кои Кина ги нуди како поддршка за реализација на проекти во земјите од Централна и Југоисточна Европа“, соопштија од Влада.
Ли изразил политичка поддршка на можностите и опциите за кинески инвестиции во нашата земја и рекол дека лично ќе се заложи и ќе ги охрабри кинеските компании да ги разгледаат инвестициските можности и да ги насочат своите активности кон поголема економска соработка со Македонија.
Двајцата соговорници констатирале дека добрите политички и пријателски односи меѓу двете држави треба да ги следи динамизирана соработка во повеќе сфери која треба да донесе развој на економските односи како стратешка определба на двете страни.
Премиерот Груевски рекол дека меѓу двете држави не постојат отворени политички прашања што претставува солидна основа да се посвети внимание на развојот на економската соработка, пред се на полето на трговската размена и инвестициските можности.
„Тој истакна дека кај Република Македонија постои интерес за реализација на повеќе инфраструктурни проекти кои се од значење за државата, а во контекст на намерата на НР Кина за алоцирање на 10 милијарди долари како поддршка на проектите за зајакнување на економската соработка со земјите од Централна и Југоисточна Европа“, соопштија од Влада.
Премиерот Груевски реафирмирајќи ја заложбата за отворање на посебна технолошко индустриска развојна зона за кинеските компании, го информираше соговорникот дека Република Македонија пет години по ред од страна на Светската Банка во изданието Дуинг бизнис е наведувана како пример за земја топ реформатор со добри услови за водење бизнис, осврнувајќи се и на најнискиот даночен пакет во Европа кој го нуди Македонија, на даночните олеснувања во слободните економски зони, како и на слободниот пристап до 650 милионски пазар кој се обезбедува преку потпишаните договори за слободна трговија со сите земји на континентот Европа.
Груевски иницира состанок на мешовита македонско – кинеска комисија за економско – трговска соработка, што од страна на премиерот Кечианг Ли беше поздравено и прифатено како добра можност за продлабочена соработка.
Премиерот Груевски посочи дека дополнителна сфера каде може да се постигне поголема соработка е туризмот како поле кое нуди различни аспекти на соработка, и кое може да донесе економски напредок.
Во сферата на културата премиерот Груевски ја поздрави најавата на НР Кина дека набрзо ќе се отвори Институт Конфучие во Република Македонија, кој ќе делува во функција на промоција на кинескиот јазик и култура во нашата земја што дополнително ќе придонесе за зближување и градење на пријателство меѓу двете држави.
Воедно, Премиерот укажа на можноста за јакнење на образовните потенцијали преку размена на студенти со НР Кина и опцијата кинески студенти да студираат на универзитети во Македонија за што Владата доделува стипендии врз основа на објавување на конкурс секоја академска година./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.